Олимпиецот од Уганда, Јулиус Ссекителеко, исчезна во западна Јапонија. Според бројни извештаи во медиумите, кревачот на тегови тренирал како дел од деветчлен тим на Уганда.
Неговите колеги од олимпискиот тим на таа африканска земја сфатија дека тој не е таму кога не достави примерок за тест за коронавирус и кога ја најдоа неговата хотелска соба празна. Бидејќи немало 24-часовен надзор во хотелот, не е познато кога и како го напуштил хотелот. Случајот бил пријавен во полиција, која вложува максимални напори да го пронајде исчезнатиот спортист.
Ова е само продолжение на проблемот за делегацијата на Уганда. По пристигнувањето во Јапонија, беше утврдено дека еден член на делегацијата е позитивен на коронавирус, па сите тие мораа да одат во десетдневен карантин.
Андреј Јакимовски ја промени играчката средина
Нов тим на нашиот млад репрезентативец, Андреј Јакимовски е Лојола Мериленд од градот Балтимор, во близина на Филаделфија.
Овој универзитет ќе има свој претставник на претстојниот НБА драфт и тоа шпанскиот интернационалец Санти Алдама, кој е исто годиште како Јакимовски.
„Имав понуди од над 15 универзитети од САД, некои од нив беа од ТОП 10 во НЦАА како Арканзас, Тексас Тек… Внимателно ги разгледував сите опции, секаде ми гарантираа дека ќе имам голема минутажа, но во оваа година во САД ми стана јасно дека не може да им се верува на сите.
Бев гостин на универзитетот една недела минатиот месец, се уверив дека имаат одлична програма и одличен тренер, помошникот е Србин со кого остварив прекрасна комуникација и тој ми ги кажа сите важни работи. Затоа одлучив да ја прифатам понудата од Лојола, бидејќи таму се најголеми шансите да бидам еден од најзначајните играчи што ми беше најважно во овој момент“ – појаснува младиот кошаркар кој ланската сезона ја помина како играч на Вашингтон Стејт.
„Минатиот месец имав полесна операција и потребно е време за рехабилитација. Тоа нема да трае долго, но засега не сум во можност да тренирам со полн капацитет. Најверојатно претстојниот викенд ќе се приклучам на репрезентацијата на подготовките во Маврово, но ќе тренирам одвоено, со кондицискиот тренер. Веројатно нема да бидам во најдобра форма во претквалификациите, но ќе се обидам да помогнам колку што можам“ – додавa големата надеж на македонската кошарка.
Ракометна Суперлига: Сезоната започнува со битолско дерби!
Се одржа извлекувањето на редните броеви за одредување на редоследот на натпреварите во новата сезона на Суперлигата, а со тоа познат е и комплетниот распоред на сите 22. кола од регуларниот дел од шампионатот. Ќе се играат 15 есенски и седум пролетни кола. Во првиот дел од шампионатот Еурофарм Пелистер на Жељко Бабиќ ќе одигра шест домашни натпревари и пет гостувања, а во втората половина ќе биде обратно.
Распоред на Еурофарм Пелистер за регуларниот дел на Суперлигата 2021/22:
16. коло: 22/23 декември 2021 – Радовиш – Еурофарм Пелистер
17. коло: 25/26 декември 2021 – Еурофарм Пелистер – Охрид
18. коло: 2/3 февруари 2022 – Скопје 2020 – Еурофарм Пелистер
19. коло: 5/6 февруари 2022 – Бутел Скопје – Еурофарм Пелистер
20. коло: 12/13 февруари 2022 – Еурофарм Пелистер – Металург
21. коло: 19/20 февруари 2022 – Пролет – Еурофарм Пелистер
22. коло: 26/27 февруари 2022 – Еурофарм Пелистер – Прилеп
ФИФА жестоко казни италијански прволигаш!
ФИФА го казни италијанскиот прволигаш Специја со забрана за доведување на играч во наредните четири трансфер периоди, започнувајќи од јануари наредната година, поради кршење на правилата поврзани со доведување на малолетни играчи. Специја исто така е казнета и со 500 илјади швајцарски франци.
Казната следеше по доведувањето на неколку малолетни играчи од Нигерија, со што е прекршен членот 19 од правилникот за трансфери.
Од Специја, која претходно годинава доби нови американски сопственици, најавија жалба.
„Изненадени сме од ваквата одлука на ФИФА. Новите сопственици немаа никаква улога во спорните трансфери. Ќе ги преземеме сите мерки како нашиот клуб би останал компетитивен и во наредните сезони.“ – објави претседателот на клубот, Филип Рејмонд Платек Јуниор.
УЕФА ги одреди домаќините на следните финалиња на ЛШ и ЛЕ
Истанбул, каде требаше да се одржи овогодинешното финале во Лигата на шампионите, ќе биде домаќин на трофејниот натпревар во најпрестижното клупско фудбалско натпреварување во 2023 година.
УЕФА го објави ова денес, со што ја обештети турската метропола за фактот дека финалето беше преместено во Порто во мај оваа година, бидејќи беше скоро невозможно англиските навивачи на Челзи и Манчестер Сити да патуваат во Турција.
Следните четири финалиња во Лигата на шампионите ќе се одржат во Санкт Петербург, Истанбул, Лондон и Минхен.
Симиќ го објави списокот кошаркари за турнирот во Шопрон
Пред заминувањето за Шопрон каде ги чекаат натпреварите од ФИБА „Челенџер“ турнирот, селекторот на нашата машка репрезентација „Под 20“ години, Тони Симиќ го направи конечниот избор на 12. кошаркари кои ќе се појават на овој турнир во Унгарија.
Изборот не е оној кој го посакуваше младиот тренер, особено ако се земе предвид дека носителите на играта на оваа селекција, Лејсон Зекири, Марко Миловановиќ и Андреј Андоноски се прекомандувани во А селекцијата.
Но затоа пак добра вест за стручниот штаб во кој освен Симиќ се уште и Нермин Пепиќ и Никола Велев е враќањето на тренинзите на Лука Савиќевиќ.
Бекот на МЗТ Скопје Уни Банка веќе одработи неколку заеднички тренинзи, и се очекува до почетокот на натпреварите во ова ново ФИБА натпреварување да биде подготвен да го даде својот максимум.
Македонија е дел од групата „Д“ во која се уште и селекциите на Романија, Луксембург и Швајцарија.
За Шопрон патуваат: Данаил Иванов, Дарио Митевски, Богдан Мирковски, Љубиша Димитровски, Павел Данаиловски, Лука Савиќевиќ, Давид Наумовски, Виктор Исајлоски, Таулант Ибраими, Филип Ѓорѓиев, Никола Груевски, Кристијан Столевски.
Филип Ивановски е нов член на Еурофарм Пелистер
РК Еурофарм Пелистер потврди дека 27-годишниот голман Филип Ивановски е најновото име во ростерот на екипата за сезоната 2021/22. Ивановски, кој е изданок на битолската школа, ги мина сите младински репрезентативни категории и во ростерот на Жељко Бабиќ доаѓа од Еурофарм Пелистер 2.
Некогашниот голман на Вардар јуниор пред четири години се врати во Битола и стави потпис на двегодишен договор со Еурофарм Работник. Следеше прогрес во тимот на Еурофарм Пелистер 2, а од понеделник Ивановски ќе ги започне подготовките со Еурофарм Пелистер.
Со имплементирањето на Ивановски кон вицешампиониот ростер, голманската тројка е комплетирана. Младиот битолчанец ќе се придодаде кон новодојденците Секељи и Кизиќ.
Англичанецот Лингард е последна желба на Симеоне во Атлетико
Џеси Лингард одигра фантастично минатата сезона откако го напушти Манчестер Јунајтед и се пресели во Вест Хем.
Одличните игри на 28-годишниот офанзивен фудбалер не останаа незабележани, па според информациите на медиумите од Островот интерес за него покажуваат Атлетико Мадрид и Милан.
Лингард има договор со Манчестер Јунајтед на уште една година, и се врати на „Олд Трафорд“ бидејќи Вест Хем не беше во можност да го откупи неговиот договор.
Челните луѓе на Јунајтед поставиле цена од 30 милиони евра, а Атлетико Мадрид е спремен да ја плати оваа сума.
„Јорганџиите“ наскоро ќе стапат во контакт со неговиот агент и ќе започнат преговори.
Рамос: Нејмар ме убеди да дојдам во ПСЖ
Шпанскиот фудбалер, Серхио Рамос, кој влезе во трениг процес со ПСЖ, изјави дека Нејмар го убедил да се пресели во редовите на францускиот состав.
„Со Нејмар контактираме шест-седум години иако тој играше за Барса а јас за Реал. Истото се однесува и за Ди Марија и Кејлор Навас со кои останавме пријатели откако си заминаа од Реал. Искрено, Нејмар ме убеди да дојдам тука. Воедно, Леонардо и Ал Келаифи ме запознаа дека имаат фантастичен проект“, изјави долгогодишниот капитен на „кралевите“ кој сега ќе биде во ѕвездениот тим на ПСЖ.
Формула 1 најави како ќе изгледаат болидите од наредната сезона (видео)
Формула 1 воочи Големата награда на Велика Британија претстави како ќе изгледаат болидите од 2022. година.
Иако екипите ќе променат некои детали, вака генерално ќе изгледаат болидите по целата низа на правила кои се менуваат од наредната сезона. Болидите ќе имаат целосен редизајн на предниот и задниот спојлер, а обликот на болидот ќе биде позаоблен, како би им било полесно на возачите да го контролираат.
Тркалата ќе бидат поголеми, а предниот спојлер делумно и ќе ги покрива. Формула 1 верува дека со овие промени ќе се зголеми компетитивноста и дека ќе биде полесно за претекнување, што би требало да ја зголеми и атрактивноста на спортот.
Несреќата на Роман Гросжан минатата година кога неговиот болид експлодира при удар во оградата влијаеше на дополнителни подобрувања кога сигурноста е во прашање. Новите болиди ќе бидат дизајнирани така што моторот, во случај на распаѓање на болидот, ќе може посигурно да се одвои од остатокот од болидот и да не доаѓа до истекување на гориво.