feature

Јунајтед стави 11 фудбалери на трансфер листа

Манчестер Јунајтед наводно е подготвен да продаде дури 11 фудбалери, што Рубен Аморим ги отпишал. Изненадување е што на листата, барем така тврдат англиските медиуми, се наоѓа и еден од недопирливите, капитенот Бруно Фернадеш/

Евертон ја прекина серијата од пет натпревари без пораз на Манчестер Јунајтед на „Олд Трафорд“ во понеделник вечерта.

Иако Идриса Геје беше исклучен поради старт врз соиграчот Мајкл Кин, по само 13 минути игра, голот на Дјусбери-Хол им ја донесе победата на „Карамелите“.

По натпреварот, фудбалерите на Манчестер Јунајтед беа исвиркани од навивачите за нивната ужасна игра и пораз.

Манчестер Јунајтед моментално е на 10-то место на табелата во Премиер лигата, а како што стојат работите, се подготвуваат големи промени во ростерот.

Според „Сан“, Манчестер Јунајтед сака да го освежи редот за врска, во летниот преоден рок. Тие трансфери клубот би ги финансирал од продажба на фудбалери.

Англискиот дуо Адам Вортон и Елиот Андерсон се на врвот на листата на желби на Рубен Аморим, заедно со Карлос Балеба од Брајтон. Исто така, Јунајтед сака да донесе уште еден голман и играч на крилната позиција.

Јунајтед ги разгледува сите опции поради неизвесноста околу иднината на капитенот Бруно Фернандеш и Коби Меину.

Се тврди дека Бруно Фернандес би можел да се приклучи на друг клуб следната сезона, а Манчестер Јунајтед би требало да заработи околу 65 милиони евра.

Тој претходно изјави дека нема да донесе одлука за својата иднина додека не заврши Светското првенство следното лето.

На трансфер листата на Манчестер Јунајтед се наоѓаат и Мануел Угарте, Маркус Рашфорд, Расмус Хојлунд, Касемиро, Џејдон Санчо, Хари Магваер, Алтај Бајиндир, Џошуа Зиркзе и Тајлер Маласија.

Манчестер Јунајтед, следниот викенд играат против Кристал Палас на „Селхерст Парк“ во Лондон.


Стив Кер: Голден Стејт денес е само просечен клуб

Главниот тренер на Голден Стејт Вориорс, Стив Кер, не е пресреќен со моменталната состојба на неговиот тим. Во последната изјава тој вели дека Голден Стејт во моментов се просечен тим од НБА.

„Нашиот биланс на победи и порази кажува сè. Имаме скор од 10-10. Ние сме просечен тим. Мислам дека имаме потенцијал за повеќе. Мојата работа како тренер е да им помогнам на овие момци да го пронајдат тој ритам што може да ни даде енергија и самодоверба. Верувам во нив, верувам во интегритетот и континуитетот што го имаме не само од минатата година, туку и со Стеф и Дрејмон веќе 14-15 години, или колку и да поминало тоа време. Затоа верувам во момците, само треба да продолжиме да работиме и ќе успееме“, рече Кер.

Голден Стејт моментално е на 8-мо место во Западната конференција.


Пулишиќ ќе го скокне дербито на Милан со Лацио

Во очекување на дербито со Лацио викендов, тренерот на Милан Масимилијано Алегри откри каква е состојбата во соблекувалната, особено кога станува збор за сомнежите околу повредите на неколку првотимци.

„Пулишиќ веројатно нема да игра, иако сè може да се случи до почетокот на натпреварот. Општо земено, тој нема да биде достапен против Лацио. Салемакерс е подготвен. Хименез треба да почне да се враќа во тимот следната недела. Другите се добро“, изјавил Алегри.

Милан го очекува домашното дерби со Лацио од второто место на табелата со два бода заостанување зад лидерот Рома.


Кејн и Баерн ќе започнат преговори за нов договор

Баерн Минхен е решен што поскоро да ги финализира преговорите за нов договор за најдобриот стрелец Хари Кејн. Според изворите, сериозните разговори за нов договор ќе започнат во јануари.

Раководството на клубот и претставниците на Хари Кејн ќе седнат на маса за детални разговори на почетокот на годината. Овој момент не е избран случајно – клаузулата за ослободување на играчот истекува на крајот на јануари. Успешното финализирање на преговорите пред овој рок би го зацврстило останувањето на Англичанецот во баварскиот гигант.

Веста е одлична за навивачите на Баерн и веројатно не е толку добра за навивачите на Тотенхем, Барселона и другите клубови кои се надеваа дека ќе го привлечат англискиот напаѓач.

Сепак, се очекува продолжувањето на договорот да биде краткорочно. Кејн, кој моментално има 32 години, има тековен договор (до 2027 година) и ќе потпише продолжување за само една или две години, но не повеќе.

Двете страни веројатно ќе бидат претпазливи во врска со неговото останување во Германија по наполнетите 35 години.


УЕФА го казни Атлетико заради расизам

УЕФА го казни Атлетико Мадрид со 30.000 евра и им изрече условна суспензија од еден натпревар на навивачите кои патуваат поради „расистичко и дискриминаторско“ однесување од страна на некои од нивните навивачи за време на нивниот пораз од 4-0 од Арсенал во Лигата на шампионите минатиот месец, објави Ројтерс.

УЕФА, исто така, додаде дополнителни 10.000 евра за предмети фрлени на стадионот „Емирати“. Забраната за гостинските навивачи важи една година и може да се врати доколку навивачите направат уште еден прекршок.

Следниот натпревар на Атлетико во Лигата на шампионите е против ПСВ Ајндховен на 10 декември. Мадридскиот тим е на 12-то место на табелата со девет бода од пет натпревари.


Иран ќе ја бојкотира мундијалската ждрепка во Вашингтон

Иран одлучи да го бојкотира извлекувањето на групите за Светското првенство во фудбал во 2026 година откако САД одбија да им издадат визи на неколку членови на нивната делегација, објави во петокот Иранската фудбалска асоцијација.

Извлекувањето на групите за Светското првенство, кое ќе се одржи во САД, Мексико и Канада следното лето, ќе се одржи на 5 декември во Вашингтон.

„Ја информиравме ФИФА дека донесените одлуки не се поврзани со спортот и дека членовите на иранската делегација нема да учествуваат на извлекувањето на Светското првенство“, објави портпаролот на Иранската фудбалска асоцијација на државната телевизија.

Локалните медиуми јавуваат дека претседателот на Иранската фудбалска асоцијација, Мехди Таџ, како и извршниот директор на националниот тим, Мехди Харати, се меѓу службените лица кои не добиле виза. Иранската новинска агенција Тасним објави во октомври дека Американците одбиле визи за вкупно седум ирански службеници.

Иран се наоѓа во вториот шешир пред ждрепката извлекувањето, заедно со Хрватска,
Мароко, Колумбија, Уругвај, Швајцарија, Јапонија, Сенегал, Јужна Кореја, Еквадор, Австрија и Австралија.

Иранците учествувале шест пати на светските првенства и никогаш не ја поминале групната фаза.


Koшаркарите летнаа по втора квалификациона победа во Даблин

Македонија имаше успешен почеток на претквалификациите за пласман на Евробаскетот 2029 година. Македонија го победи Азербејџан со 87:49.

Убедливиот триумф ќе им ја зголеми самодовербата на кошаркарите, пред гостувањето во Даблин кај Република Ирска.
„Ова беше заслужена победа. Морам да ја пофалам тимската хемија и енергија која постои во овие три дена. Никогаш ниту преценуваме, ниту потценуваме некого. Но мора да ги пофалам играчите дека за краток период функционираа одлично, и тоа што го покажаа на теренот и го покажува и семафорот, е заслужено. Овој дуел со Азербејџан го забораваме и архивираме и останува да се спремиме за она што ни следи – Ирска.

Мора да направиме добар скаутинг и во краткиот период да ги рехабилитираме играчите кои имаат поголема минутажа и се повозрасни. Мора да функционираме со енергија на високо ниво, а без разлика кој е на другата страна, мора да бидеме максимални“.

На своето деби за репрезентацијата на Македонија, Омари Мур дојде до скор од шест поени, исто толку скокови и девет асистенции.

„На овој меч играше Омари Мур затоа што има промена во нивниот тим кај натурализираните играчи, па ние решивме да користиме играч на бековската позиција. Секако дека Мур ги оправда очекувањата на стартот, иако дојде веднаш по мечот со Баерн.

Се вклопивме добро, и станува збор за вистински професионалец и позитивна личност. Можеби јавноста очекуваше дека ќе се случуваат атракции и многу поени, сепак, тој донесе стабилност и ја држеше целата екипа со искуството кое го носи со себе. Добро ја постави својата игра и си ја заврши задачата“, рече по натпреварот селекторот Илиевски.


Лапорта жестоко одговори на обвинувањата од Мадрид

Претседателот на Барселона, Џоан Лапорта, остро го критикуваше Реал Мадрид и неговиот претседател Флорентино Перез за време на неговата посета на Андора. Лапорта одговори на неговите остри изјави на последното Генерално собрание на Реал Мадрид.

Флорентино Перез ја обвини Барселона дека во последните 17 години му исплатила 8.000.000 евра на потпретседателот на судиската комисија, Хозе Марија Енрике Негреира. На собранието, кое има 1.563 членови, Перез ги критикуваше Ла Лига, Барселона, УЕФА, судиите… Тој не поштеди никого.

По ова следеше одговорот на Жоан Лапора.

„Немав можност да ги коментирам изјавите од тоа Собрание, но сега кога сум во Андора, имам можност. Мислам дека тие го покажуваат „барселонитисот“ од кој страда Реал. Се чини дека мора да зборуваат за Барса за да оправдаат, не знам зошто. Барса никогаш не купила судии и воопшто судиите никогаш не ја фаворизирале Барса, тие секогаш го фаворизирале Реал“, се оправда Лапорта.

Тој го, како пример дека Реал ја има поддршката од судиите, го наведе последното коло од Ла Лига.

„Без да одам понатаму, минатото коло, Реал постигна два гола, за мене е јасно дека Белингам ја допира топката со рака, а потоа Винисиус му го крши носот на Игнасио и тие два гола не треба да бидат признати и сега Барса би била лидер на Лигата“, нагласи претседателот на Барселона.

Лапорта исто така истакна дека обвинувањата на Реал нема да го оцрнат „златното доба“ во историјата на клубот:

„Тие имаат комплекс и манија да ја бркаат најдобрата фаза во историјата на Барса, не им се допаѓаше што Барса беше водечки тим на планетата од 2004 до 2015 година. А сега бараат изговори што не водат никаде. Ние бевме тим кој играше најдобар фудбал, беше препознаен, луѓето го сакаа и му се восхитуваа на тој тим. Освоивме многу титули, а играта на Барселона беше обожувана насекаде низ светот, затоа немојте да барате изговори“, подвлече лидерот Блауграна.

Претседателот на Барселона е задоволен ако противникот се чувствува така.

„Ако се заразени со „барселонитис“, јас сум среќен, бидејќи ова се обично периодите кога Барса е успешна и победува. Телевизијата на Реал Мадрид се обидува да влијае на судиите секоја недела“.


ОФМ и селекторот Пауновиќ ја завршија соработката

Одбојкарската федерација на Македонија и селекторот на женскиот А национален тим, Стефан Пауновиќ ја завршија соработката. Српскиот стратег во изминативе четири години успешно ја извршуваше оваа функција, која финишираше со квалификацискиот циклус за ЕвроВолеј 2026.

Одбојкарската федерација на Македонија му се заблагодарува на Пауновиќ за професионалниот однос, разбирањето, убавата енергија во работата и успесите кои женската репрезентација на Македонија ги направи со него како селектор.

Двете страни се насочуваат кон новите предизвици. Стефан Пауновиќ продолжува со работа со неговиот клуб Ново Место од Словачка, за кој настапува и македонската репрезентативка Ерјона Јонузи.

ОФМ до крајот на 2025 година ќе го именува новиот селектор на женскиот национален тим.


Теренот во Арачиново суспендиран за четири второлигашки натпревари

Дисциплинската комисија во рамки на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) на својата седница ги донесе следните одлуки:

– Илјази Седат, претставник на ЗФК Шкендија Арачиново – забрана за вршење функција во траење од три месеци.

– Дамјан Стојковски, ФК Осогово – забрана за настап на еден натпревар.

– Кристијан Чурлинов, ФК Шкендија Арачиново – забрана за настап на еден натпревар.

– Ферди Исмаили, ФК Шкупи 1927 АД – забрана за вршење функција во траење од две години.

– Ајдари Шкелќим, ЗФК Шкендија Арачиново – забрана за вршење функција во траење од три месеци.

– Даниел Карчески, ФК Брегалница – забрана на настап на два натпревари.

– Јасир Беќири, ФК Шкендија Арачиново – забрана на настап два натпревари.

– Исуфи Авдираман, комесар за безбедност на ЗФК Шкендија Арачиново – забрана за вршење функција во траење од една година.

– ЗФК Шкендија Арачиново се санкционира со забрана за присуство на публика на четири првенствени или куп натпревари и парична казна од 4.000 евра, поради слаба организација на натпреварот од 13. коло против ФК Брегалница 2008 АД, при што е констатиран напад на гостински фудбалер и употреба на пиротехника.