feature

Чаби Алонсо: Реми не ме задоволува, ние сме Реал и играме секогаш за победа

Тренерот на Реал Мадрид, Чаби Алонсо, изрази незадоволство по ремито со синоќа Елче во 13. коло од Шпанското фудбалско првенство.

Натпреварот се одигра во Елче и заврши 2-2.

„По добрата серија, имаме резултати што не ги сакавме. Незадоволни сме бидејќи секогаш сакаме да победуваме, но сè уште има многу натпревари пред нас. Мора да продолжиме да ја анализираме ситуацијата. Тимот не се откажа, се боревме. Резултатот и играта можат да бидат подобри бидејќи сме самокритични. Треба да одговориме на проблемите. Сакаме да се подобриме“, изјави Алонсо.

Реал Мадрид има 32 бода и е прв на табелата во Ла Лига, пред Барселона (31 бод).

Следниот натпревар во првенството Реал ќе го има на 30 ноември против Џирона.


Охрид суверено до осминафиналето на ЕХФ Купот

Македонскиот суперлигаш ГРК Охрид имаше успешен втор меч со Слога Добоји ја потврди разликата во класи со висока победа од 42-18 и во реваншот кој се одигра во Добој, Босна и Херцеговина.

Сите играчи кои добија шанса се запишаа во листата на стрелците кај Охрид. Прво име кај головите беше Давид Савревски со девет гола, а Николаос Лиапис постигна пет погодока. Кај Слога, Џенадија заврши со пет гола.

ГРК Охрид на ждрепка која ќе ја изврши ЕХФ ќе го добие противникот во осминафиналето на ЕХФ Купот чиј актуелен освојувач е Алкалоид.


Рома ја освои Кремона и го запоседна врвот на Серија А

Фудбалерите на Рома славеа победа во Кремонезе (1-3) и се вратија на челната позиција во Серија А.

Тимот од главниот град на Италија лесно мина на теренот на екипата која е повратник во Серија А.

По оваа победа, Рома стигна до 27 бода, што е два бода повеќе од Наполи и три повеќе од Интер, кој има натпревар помалку. Вечерва Интер го игра градското дерби против Милан.

Рома поведе по 17 минути игра, кога Матијас Суле, на асистенција на Коне, му донесе водство на својот тим.

Овој резултат важеше до 64-та минута кога Еван Фергусон ја удвои предноста на Рома. Третиот гол за Рома го постигна Весли.

Почесниот гол за Кремонезе го постигна Франческо Фолино во судиското продолжение.

Тренерот на Рома, Џанпјеро Гасперини, мораше рано да ја напушти клупата, бидејќи доби црвен картон во 62-та минута.

Римјаните ќе се сретнат со Наполи во „Дерби дела Соле“ во следната рунда.


Арсенал го декласира Тотенхем, Езе херој со три гола

Фудбалерите на Арсенал го победија Тотенхем со 4-1 во дербито на северен Лондон и ја зацврстија водечката позиција на табелата во Премиер лигата.

„Топџиите“, на табелата имаат шест поени повеќе од Челзи и седум од Манчестер Сити.

Против Тотенхем, Арсенал играше како што игра од самиот почеток – како шампион.

Еден од најдобрите натпревари на лидерот во Премиер лигата оваа сезона го одбележа со хет-трик, репрезентативецот на Англија, Еберечи Езе.

Арсенал одигра феноменално прво полувреме, само малку послабо во второто, но доволно добро и авторитетно за градскиот ривал да не му пружи ниту грам надеж дека може да остане непоразен.

Серијата ја отвори Тросар, а Езе погоди во 41-та, 46-та и 76-та минута.

Единствениот гол за гостите, во 55-та минута, во стил на голем мајстор го постигна Ришарлисон. Бразилецот од 40 метри го лобуваше Раја.

Арсенал го доживеа последниот пораз од Ливерпул на 31 август, оттогаш е во страшна серија на резултати на сите фронтови – во 13 натпревари забележа два нерешени резултати и 11 победи.


Мањан одбрани пенал, Милан го доби градското дерби со Интер

Милан го победи Интер со 0-1 во 183. „Дерби дела Мадонина“. Дербито го реши Кристијан Пулишиќ во 54-та минута. Апсолутен херој е голманот на Милан, Мајк Мењан, одбрани неколку тешки удари, вклучувајќи го и пеналот шт го изведе Хакан Чалханоглу во 74-та минута. Масимилијано Алегри, за кого ова е втор мандат на клупата на Милан, ја забележа 100-та победа како тренер на славниот клуб.

Победата на Милан во градското дерби направи вистонски метеж на табелата во Серија А. Рома е лидер со 27 бода, два повеќе од Милан и Наполи и три повеќе од Интер и Болоња.

Милан шести пат по ред остана непорезен во дуелите со градскиот ривал. Вечерва, Интер играше подобро, создаде неколку добри шанси, но Мењан и рамката на голот, не дозволија да се тресе мрежата на Милан.

Во првото полувреме стативата беше сојузник на Мењон по ударите на Ачерби и Лаутаро Мартинез.

Моментот на одлука се случи во 54-та минута, по ударот на Салемакерс, Зомер ја одби топката, на која налета Пулишиќ и од пет метри ја смести во голот. Дваесет минути подоцна по невнимателниот старт на Павловиќ врз Тирам, Интер доби пенал, но Мењан го прочите Чалханоглу и го одбрани неговиот удар. Турскиот репрезентативец, втор пат промаши пенал во тековната сезона, тоа му се случи во дербито со Наполи.


Арсими вторпат сезонава го шокира првакот Шкендија

Екипата на Арсими забележа убедлива победа над шампионот Шкендија со резултат 3–0 во 14-тото коло од домашниот шампионат. Првиот дел беше со висок интензитет, двете екипи создадоа неколку убави шанси, но недостасуваше реализација и прецизност во клучните моменти.

Во 9-та минута, Гафури проба со силен удар од земја, многу блиску до вториот дирек. Истo и Таипи не беше прецизен. За гостите од Тетово, Лиридон Латифи исто така имаше неколку шанси за гол, но не успеа да реализира. Во 29-та минута, ударот на Латифи беше прочитан од Ислами, а во 33-ta минута ударот помина покрај дирекот. И Бесарт Ибрахими во 51-та минута се обиде со глава, но без успех.

Второто полувреме започна со доминација на домашните. Во 46-та минута, Шефити постигна прецизен гол од внатре во шеснаесетникот, за 1–0, предизвикувајќи ентузијазам кај навивачите. Само три минути подоцна, Авдули прати долга дијагонала за Албан Таипи, кој одлично се снајде и постигна гол за предност од 2–0.

Во 74-минута, по брз контранапад, Џемил Јахи постигна супер гол од надвор од шеснаесетникот, за конечни 3–0 и ги угаси сите надежи на Шкендија за враќање во натпреварот.

Беше натпревар доминиран од домашните, кои играа со дисциплина, самодоверба и супериорност во секој дел од теренот. Овој резултат покажува дека ремито во Тетово не било случајно и дека екипата на Арсими го подигнала нивото оваа сезона.

По овој пораз, Шкендија останува 6 бода зад лидерот Вардар и -1 зад Струга, која има и натпревар помалку. Арсими, пак, со оваа победа се искачува на 6-то место со 18 освоени поени.


Тиквеш го декласира немоќниот Башкими

Тиквеш доминираше на „Градскиот стадион“ во Кавадарци и сосема заслужено го совлада Башкими со 3-0. Домашната екипа ја реши дилемата околу победникот уште во првото полувреме.

По неколку пропуштени шанси на Стојанов и Ивановски, Тиквеш конечно поведе во 17. минута преку Ивановски (1-0). Во 32. минута, Стојанов ја дуплираше предноста на 2-0, а само четири минути подоцна, во 36. минута, дефанзивецот Јонус Рушту ја запечати победата со гол за 3-0.

Башкими имаше свои моменти, особено преку напаѓачот Симоновски, но неговиот обид во 42. минута заврши во рацете на домашниот голман.

Второто полувреме помина во знакот на рутинска контрола на резултатот од страна на Тиквеш. И покрај шансите на Ацковски и Мојсов, резултатот остана непроменет. Во следното коло, Тиквеш гостува кај АП Брера, додека Башкими го очекува тешко гостување во Струга против Струга Трим Лум.


Гостивар го изненади Пелистер на дебито на Петровиќ на клупата

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да забележат нова победа во Супер-лигата откако вечерва загубија на гостувањето против Гостивар со резултат 89-86. Фаворитската улога не беше оправдана на теренот, „зелено-белите“ му дозволија на домаќинот три четвртини да доминира, а подоброто издание во последните десет минути се покажаа недоволни за целосен пресврт и позитивен резултат.

Првото полувреме беше најслабото што Пелистер го одигра во Супер-лигата од стартот на оваа сезона. „Зелено-белите“ одиграа далеку под своите можности, му дозволија на противникот да доминира и да диктира темпо, зголемувајќи ја предноста како што одминуваше времето. Битолчани првите поени ги постигнаа преку Митревски по неспортскиот старт врз репрезентативецот, преку Малешевиќ поведоа со 2-4, по што Гостивар со серија од пет поени стигна до предност од 7-4. Стојановски за момент донесе ново минимално водство (7-8) на половина од првата четвртина, но Пелистер до крајот на овој период постигна само уште два поени, па Гостивар оствари предност од 19-10.

Митревски ја отвори втората четвртина со тројка за 19-13, но гостиварци повторно доминираа на теренот и набрзо стигнаа до првото двоцифрено водство (13. Минута, 25-15). Пелистер во долги периоди имаше сериозни проблеми во нападот, пред крајот на полувремето се влезе во серија на тројки, но во тој период „зелено-белите“ се соочија со проблеми во одбраната, па првото полувреме го завршија со негатива од 14 поени (46-32).

Малешевиќ го отвори второто полувреме со пет поени, Пелистер делуваше далеку подобро, амалувајќи со забивањето на Вилсон на 48-41. Голем проблем беше што центарот Вилсон во 23. Минута ја заработи и четвртата лична грешка. Госттивар го искористи тоа, набрзина поведе со 51-41, резултат при кој Пелистер промаши три слободни фрлања во низа. Гостивар поведе со најубедливи 16 поени (62-46), битолчани возвратија со мини-серија, со тројката на Митревски намалија на 67-58, за третата четвртина да заврши со 69-58 по примени поени по нов офанзивен скок.

Си-Џеј Вилсон погоди тројка намалувајќи на 69-61, потоа и за два за 69-63, резултат при кој на Стајиќ најпрвин му беше досуден фаул, а потоа и техничка грешка. Предноста пак стана двоцифрена, но Пелистер покажа карактер и не се предаде, па по брзите реализации на Андреј Митревски и на Дамјан Крстевски (две за десетина секунди) намалувајќи на 76-72 на четири минути до крајот.

Судиите изненадија со подарок за домаќините – слободно фрлање по неоправданата техничка грешка на треерот Даскаловски, гостиварци знаеја како да го искористат тоа и набрзина поведоа со 81-72. „Зелено-белите“ повторно собраа сили за да намалат на 81-75, при овој резултат Вилсон не погоди тројка со која ќе го внесеше мечот во неизвесен финиш, па Пелистер на крајот го загуби овој меч со конечните 89-86, со тројката на Лука Стојановски во самата завршницса.

Aндреј Митревски беше прво име кај Пелистер со 23 поени и смао две промашувања од поле, Лука Стојановски имаше 16 поени, две повеќе од Малешевиќ, додека Си-Џеј Вилсон реализираше 13 поени.


Шокантна дисквалификација за Норис и Пиастри во Лас Вегас

Возачите на Мекларен, Ландо Норис и Оскар Пјастри, се дисквалификувани од Големата награда на Лас Вегас.

Шокантна вест е што значително ќе ја искомплицира борбата за титулата пред последните две трки од сезоната во Формула 1.

Ландо Норис изгледаше дека е на дофат на шампионатот кога денес ја помина целта на второто место на Големата награда на Лас Вегас, но неговите бодови сега ќе бидат избришани, што значи дека победникот од Лас Вегас, Макс Верстапен, сега му се приближи, само 24 бода зад него.

Зошто Мекларен беа дисквалификувани?

Мекларен беше повикан пред судиите по трката бидејќи двата негови болида наводно ги прекршиле техничките прописи. По истрагата, се покажа дека ниту Норис ниту болидот на Пјастри не ги исполнуваат барањата за дебелината на задниот лизгачки блок, поради што беа дисквалификувани. Бодовите освоени од Норис и Пјастри за второто и четвртото место, соодветно, затоа се избришани.

Норис останува на врвот со 390 бодови, но Верстапен сега е израмнет со Пјастри на второто место. Британецот има 24 бода предност пред нив, а во последните две трки од сезоната, вклучувајќи ја и трката со спринт следниот викенд, можат да се освојат максимум 58 бода, па затоа е јасно дека сè е сè уште отворено.


Илиевски прозиза, кошаркарите се собираат за дуелите со Азербејџан и Ирска

Во понеделник (18:30 часот), прв собир на сениорите во СРЦ „Кале“ пред дуелите со Азербејџан и со Ирска.

Денот после викендот е предвиден за почеток на активностите на машката сениорска репрезентација на Македонија, која во ноемврискиот ФИБА „прозорец“ ги има првите обврски поврзани со натпреварите од претквалификациите за Евробаскетот во 2029 година.

Со оглед на краткото временско „растојание“ до првиот меч, оној против репрезентацијата на Азербејџан, кој го играме на 27. ноември во СРЦ „Кале “ во Скопје, селектороот Марјан Илиевски и неговите соработници предвидоа мини-подготовки во оној тренажен процес.

Првиот, од неколкуте планирани тренинзи, ќе биде реализиран во понеделник од 18:30 часот, во „базата“, односно салата на СРЦ „Кале“.

Наредниот ден, на 25.ноември, активностите се сведуваат на реализација на еден т.н. „централен тренинг“ од 10.30 до 12.30 часот.

Два тренинзи се предвидени и за наредниот ден, првиот, стандарден од 10:30 до 12:30 часот, додека вториот ќе биде „поместен“ за 20:00 часот.

А нашата најдобра селекција, која ќе биде сместена во хотелот „Алекасандар Палас“ во Скопје, ќе тренира и на денот на одигрувањето на средбата со Азербејџан, и тоа во периодот од 11:00 до 12:00 часот.

Средбата Македонија-Азербејџан ќе се игра на 27.ноември, од 19:00 часот.