feature

Томовски: Против Португалија на сè или ништо!

По натпреварот во Хернинг на стартот на ЕП во ракомет нашиот прв голман вечерва, Мартин Томовски го анализираше дуелот со светскиот и олимпискиот шампион.

„Без разлика што Данска е најдобра, ние излеговме на терен и дадовме максимум. Техничките грешки на стартот не чинеа скапо, а тим како Данска знаеше тоа да го казни. Мислам дека овој меч може многу да ни помогне, да анализираме и да направиме добра подготовка за следниот меч со Португалците. Мора да ги поправиме грешките, да се консолидираме во одбраната и да атакуваме на позитивен резултат. Верувам дека ќе имаме поинаков меч, иако и Португалците играат брзо и тие имаат слабости. Добро ги анализиравме. Овој меч беше само увертира и патоказ како не треба, мораме да коригираме грешки и да одиме на се или ништо против Португалија“, рече нашиот голман.


Лазаров: Вакви резултати им се случуваат и на посилни репрезентации од нас

Македонската ракометна репрезентација со пораз од 36:24 против домаќинот Данска го започна настапот на Европското првенство, но селекторот Кирил Лазаров вели дека е задоволен од прикажаната игра, и покрај двоцифрениот резултат.

Лазаров истакна дека неговите избраници храбро се спротивставиле на една од најдобрите селекции во светот и дека вакви порази им се случуваат и на многу поквалитетни репрезентации.

„Иако е тешко да се каже по пораз од дванаесет гола, задоволен сум од начинот на кој се бореа моите момци. Добро го подготвивме натпреварот, ротиравме и им дадовме шанса на сите играчи, што е важно со оглед на напорниот ритам“, изјави Лазаров, додавајќи дека фокусот веќе е насочен кон дуелот со Португалија.

Како клучен момент за поразот, селекторот ги посочи почетните минути, кога Данска ги искористи македонските грешки и направи серија од 5-0. Сепак, тој нагласи дека одбраната во поголем дел од натпреварот била добро поставена и дека тимот ќе се обиде да се прикаже во уште подобро светло на следниот меч“, рече Лазаров.

Репрезентативците добија поштеда и утре нема да тренираат, а во утринските часови ќе одржав брифинг со новинарите.


Светскиот првак пресилен, Македонија загуби во Хернинг од Данска

Македонската машка ракометна репрезентација загуби од Данска со 36-24 (17-12) во првиот натпревар на Европското првенство. Во натпревар од кој реално немавме големи очекувања, нашиот настап треба да биде само вовед во она што ги очекува репрезентативците во продолжението од првата фаза.

Избраниците на Кире Лазаров покажаа борбеност, мотивираност и квалитет и против селекција каква што е Данска, првото полувреме кодомаќинот го доби со 17-12, а во продолжението успеа да изгради и поголема предност. Фаворитот на крајот славеше со 36:24 пред своите фанови во Хернинг, а Македонија сигурно ќе извлече и добри моменти, односно ситуации во кои му се спротивставуваше на актуелниот светски шампион.

Серафимов со шестголови беше најефикасен во нашата репрезентација, Митев и Кузмановски постигнаа по четири, додека на спротивната страна доминираа Питлик со девет и Гидсел со осум голови. Нашата репрезентација во недела веќе има нов предизвик и соочување со Португалија, репрезентација која исто така има една победа откако ја совлада Романија во првиот натпревар од групата.


Мусијала конечно се враќа: Компани потврди дека „магионичарот“ е подготвен за Лајпциг

Frontview of Jamal Musiala as Bayern Munich player

Џамал Мусијала викендов се враќа во тимот на Баерн Минхен, по мачната седуммесечна рехабилитација од тешката повреда на ногата. Веста ја потврди тренерот Винсент Компани, со што значително ги зголеми амбициите на „Баварците“ пред дербито во Бундеслигата против РБ Лајпциг.

Младата 22-годишна ѕвезда доживеа скршеница на фибулата и дислокација на скочниот зглоб во јули 2025 година, за време на четвртфиналето од Светското Клупско Првенство против ПСЖ. Иако неговиот пат беше проследен со потешкотии, вклучувајќи и помал застој на почетокот на јануари оваа година, Мусијала успешно ги помина сите фази на тренинзите во базата Зебенер Штрасе. Компани го опиша овој период како „излегување од мрачен тунел“, фалејќи ја менталната сила и издржливост на фудбалерот.

„Ако сè помине во ред на денешниот тренинг, планот е тој да биде во комбинација за настап“, изјави Компани на петочната прес-конференција.

Со оглед на тоа што Баерн моментално е лидер на табелата, стручниот штаб нема намера да форсира и планира постепено да му дава минутажа на Мусијала за да се избегне нов премор. Неговото враќање, заедно со Алфонсо Дејвис и Хироки Ито, значително ја подобрува ротацијата и длабочината на тимот.

Како еден од најдобрите креативци во светот, Мусијала му носи на Баерн неопходна инвентивност и ефикасност во нападот. Навивачите со нетрпение го очекуваат неговиот препознатлив стил, кој треба да биде клучен мотор во трката за титулата, но и за надежите на Германија пред претстојното Светско Првенство. Ова е пресвртен момент за младиот ас, кој помина точно 195 дена надвор од фудбалските терени.


Калверт-Луин ги засени Халанд и Фоден: Напаѓачот на Лидс е избран за најдобар во декември

Dominic Calver Lewin player of the month

Доминик Калверт-Луин официјално е прогласен за играч на месецот во Премиер Лигата за декември, откако со својата неверојатна форма го предводеше Лидс низ серија без пораз. 28-годишниот напаѓач постигна шест гола на пет натпревари, запишувајќи се во листата на стрелци на секој дуел во текот на празничниот период.

Неговата серија започна со погодок во победата над Челси, продолжи со прецизна реализација од пенал во возбудливото реми против Ливерпул, како и клучен израмнувачки гол против Брентфорд. Месецот го заокружи со два гола во убедливиот триумф над Кристал Палас и рутинирана завршница за бод на гостувањето кај Сандерленд.

Со ова признание, Калверт-Луин стана првиот фудбалер од новопромовиран клуб кој ја освоил наградата по Тему Пуки во 2019 година. За него, ова е втора ваква статуетка во кариерата (првата ја освои во 2020 како член на Евертон), додека за Лидс Јунајтед ова е прв „Играч на Месецот“ по пауза од цели 25 години.

Напаѓачот победи во силна конкуренција со имиња како Ерлинг Халанд, Фил Фоден и Оли Воткинс, освојувајќи ги гласовите и на стручното жири и на навивачите.

Покрај премиерлигашкото признание, тој доминираше и во клупските избори за играч и гол на месецот, а ги освои и наградите на ПФА и Скај Спортс.


Турски Самсунспор е ривалот на Шкендија во плеј-офот на Конференциската лига

Фудбалерите на Шкендија го дознаа противникот во плеј-офот, во Конференциската лига.

Ждрепката што се одржа во Лозана, ја „спои“ Шкендија со турскиот претставник Самсунспор.

Полузесоната, Самсунспор ја заврши на шестото место во турската Суперлига. Тимот што го тренира Германецот Томас Рејс (52), лошо играше во финишот, претрпе три последовни порази, а во последните пет рунди од полусезоната освои само два бода.

Шкендија на 15 февруари ќе го пречека Самсунспор, а седум дена подоцна ќе гостува во Турција.

Победникот во осминафиналето ќе игра против Шахтјор или Рајо Ваљекано.


Томовски: Сакаме да одиме во следната рунда и се надеваме на најдоброто

Македонскиот ракометен тим ќе биде пред голем предизвик на вечерашниот дуел во првото коло од Европското првенство. На отворањето во првото коло од групата Б противник е кодомаќинот Данска.

„Ќе биде навистина предизвикувачки да се игра во Данска, особено против еден од главните домаќини. Данска е број еден во последните години, па можеме само да уживаме во ова натпреварување и да дадеме се од себе за да ја направиме нашата земја среќна. Знам дека секако сакаме да постигнеме повеќе, да одиме во следната рунда, но ќе одиме чекор по чекор, натпревар по натпревар и ќе се надеваме на најдоброто“, изјави единствениот интернационалец во нашиот тим голманот Мартин Томовски.

Почетокот на дуелот е во 20:30 часот.


Лазаров: Нема што да загубиме, ќе уживаме против најдобрите

Селекторот Кирил Лазаров во пресрет на првиот дуел од Европското првенство во Хернинг игра со моќната Данска. Данците ќе имаат поддршка од трибините, тие се тим кој е актуелен светски и олимписки првак.

„На првиот натпревар играме против најдобриот тим на светот во последните десет години, тоа е Данска. Возбудени сме што ќе играме против нив. Тие се домаќини, ќе ни биде многу тешко, но немаме што да загубиме на овој меч и ќе се обидеме да уживаме. Разговарав со моите млади играчи на кои ова им е ново искуство, ќе играат против земја во која се сака ракометот и кој им е можеби број 1. Најважно е што смената на генерации ја правиме постепено, чекор по чекор, тоа е тежок процес и посилни селекции имаат проблем со смена на генерации. Ние сме мала земја, мора да бидеме трпеливи. Искрено, секој има амбиции и сака да победува натпревари. Сакаме да одиме во втората фаза, но секој сака“, рече селекторот Лазаров.

Браќата близнаци Игор и Алексеj Ковалчиус од Молдавија ќе делат правда на нашиот прв натпревар на шампионатот.


Македонија го отвора Европското првентво против главниот кандидат за златото

Македонската ракометна репрезентација денеска го започнува својот 9-ти настап на Европските првенства, осмо по ред. Нашата селекција на ова ЕП кое се одржува по 17-ти пат ќе биде во групата Б која се игра во Хернинг, Данска. Организатори на ЕП се Данска, Норвешка и Шведска.

Прв ривал на Македонија ќе биде светскиот и олимписки првак Данска и тоа на нивни терен во „Јуске Банк Боксен Арена“ во Хернинг.

Против Данска досега имаме одиграно осум официјални натпревари, од кои шест на големите натпреварувања, и две квалификациски средби.

Само една победа на осумте соочувањата, на првиот меч од квалификациите за ЕП 2022, на мечот кога Кирил Лазаров дебитираше како селектор во Скопје со 33:29.

Бевме во игра за позитивен резултат против Данска и на оној незаборавен натпревар на ЕП 2012 во Србија , кога во Белград загубивме само со гол разлика, а потоа и на СП 2013 кога негативата беше три гола.

Сите останати пет меча ги загубивме со поголема разлика од осум. Како ќе биде вечерва на теренот во Хернинг.

Meѓусебни натпревари:
25.01.2009, Задар, Данска – Македонија, СП, 32-24
21.01.2012, Белград, Данска – Македонија, ЕП, 33-32
18.01.2013, Севиља, Данска – Македонија, СП, 33-30
12.01.2014, Хернинг, Данска – Македонија, ЕП, 29-21
24.01.2018, Вараждин, Македонија – Данска, ЕП, 20-31
11.03.2021, Скопје, Македонија – Данска, квалификации за ЕП, 33-29
14.03.2021, Алборг, Данска – Македонија, квалификации за ЕП, 37-21
17.01.2022, Дебрецин, Македонија – Данска, ЕП, 21-31


Арне Слот со нетрпение го чека Салах: „Тој е клучен“

Arne Slot and Mohamed Salah handshake

Менаџерот на Ливерпул, Арне Слот, не го крие задоволството од претстојното враќање на Мохамед Салах по завршувањето на неговите обврски на Африканскиот Куп на Нации. Слот истакна дека египетскиот напаѓач е од огромно значење како за клубот, така и за него лично, нагласувајќи дека би му посакал добредојде дури и доколку во тимот има вишок офанзивци.

На прес-конференцијата пред дуелот со Барнли, Слот ја потврди вредноста на Салах: „Многу сум среќен што Мо се враќа. Тој е незаменлив дел од овој клуб. Дури и да располагав со 15 други напаѓачи, неговото присуство повторно ќе ми значеше многу, а сите знаеме дека во моментов сме далеку од таква ситуација“.

Салах прво треба да го одигра натпреварот за трето место со репрезентацијата на Египет оваа сабота, по што следната недела му се приклучува на тимот. Неговото враќање во составот би можело да се случи токму за важниот дуел во Лигата на Шампионите против Марсеј.

Отсуството на Салах траеше еден месец, период во кој тој постигна четири гола за својата селекција. Сепак, неговото заминување за Африка беше во сенка на јавните критики упатени кон Слот по декемврискиот натпревар со Лидс. Овие недоразбирања беа решени преку приватни разговори, по што Салах кратко настапи за „Црвените“ пред да замине на првенството.

Во негово отсуство, Ливерпул се соочуваше со сериозни проблеми во реализацијата, па навивачите со надеж гледаат кон неговото враќање како клучен фактор за опстанок во трката за топ 4 пласман.

Позитивните изјави на Слот се јасен сигнал дека атмосферата во тимот е стабилизирана. Салах, кој е трет стрелец во историјата на Ливерпул со 250 голови на 421 натпревар, доаѓа во критичен момент од сезоната.

„Среќни сме што го добиваме назад по неговиот важен меч утре,“ заклучи Слот. Иако неговиот настап против Марсеј сè уште е предмет на дискусија, јасно е дека враќањето на Египќанецот ќе биде огромен поттик за нападот на тимот од Енфилд.