feature

Стојановски си даде оставка, Пелистер ќе добие трет тренер сезонава

Втора тренерска смена во битолски Пелистер сезонава, Поразот од 0-2 од Струга Трим Лум значеше оставка на Милан Стојановски. Клубот ја испочитува неговата волја и одлука и го прифати моралниот чин.

„Како шеф на стручниот штаб, ја преземам целосната одговорност за резултати во пролетниот дел од сезоната и одлучив да поднесам оставка од функцијата.

Сакам искрено да му се заблагодарам на клубот за укажаната доверба, на раководството за поддршката, на играчите за нивниот труд и залагање, како и на навивачите за нивната безрезервна поддршка во секој момент. Посебна благодарност и до градот Битола, кој секогаш стои зад својот клуб. На екипата ѝ посакувам многу среќа во продолжението од сезоната и остварување на целта – директен опстанок“, рече Стојановски.

Клубот од Битола му се заблагодари на Милан Стојановски за професионалноста и ангажманот и најави дека наскоро ќе го именува новиот тренер за остатокот на сезоната. Сезоната ја започна Капинковски, Стојановски го водеше тимот од ноември минатата година, а во последните девет кола тимот ќе го води трет стручњак.


Пелистер западна во голема криза, загуби дома од Струга Трим Лум

Иако играа мотивирано и имаа шанси, битолчани не успеаја да ја конвертираат повремената теренска надмоќ во погодок, а потоа кога нивното темпо опадна, Струга безмилосно ги казни. Пелистер започна агресивно и преку Мирко Ивановски како најистурен играч се обиде да направи ран притисок. Таквиот пристап ја донесе првата шанса токму кога центарфорот на битолчани беше соборен во расчекор додека ја минуваше линијата на шеснаесетникот, но главниот судија Влатко Илиоски немаше храброст да покаже на белата точка. Слободниот удар го изведе Србијанац, но таа топка погоди во глава еден од играчите во живиот ѕид и не донесе натамошна опасност по голот на домашните.

Во 13. минута по левата страна Керим поведе напад на Пелистер, го пронајде Ивановски, но овој оцени дека не може да бие и со глава ја врати топката кон помладите соиграчи кои не ја прочитаа неговата инстинктивна реакција, па одбраната на Струга ТЛ ја расчисти опасноста.

Струга ТЛ делуваше мошне неорганизирано во своите додавања, па наместо вистинска акција видовме неколку соло обиди од нивни играчи. Во 22 минута Ласана Дијако биепе од 25 метри, а Јовчевски беше на своето место, но не успеаја сосема да ја скроти топката која минимално отскокна пред него, доволно за Компаоре да се обиде да ја шутне, но успеа само да го повреди голманот на битолчани. Судијата Илиоски оцени дека не треба да покаже картон за ваквиот старт во казнениот простор каде што голманот е неприкосновен. Гостите полека ја преземаа иницијативата и се обидуваа да создава шанси на половината на противникот, но видовме само некои обиди за удари кон голот на Јовчевски, најпрвин од Шабани кој се посрамоти, а потоа и од Радевски кој барем успеа да ја погоди топката иако таа отиде далеку од голот.

Во последните 15 минути од првиот дел имаше чести прекини, но обидите за тресење дојдоа во контранападите. Во 31 минута Ивановски беше во центарот на транзицијата на противничката половина, избра во празно да го проигра Керим, но овој втрча во шеснаесетникот без да успее да ја внесе и топката, па откако се врати чекор назад, веќе беше опколен од противничките дефанзивци. Воша ги предводеше нападите на Струга ТЛ по десната страна, а најдобриот потег го направи во 45 минута кога наместо да ги бара Бојку или Компаоре, успеа во казнетиот простор да го пронајде Марјан Радевски.Тој пак во манир на искусен голгетер со глава ја погоди мрежата на Пелистер, доминирајќи преку Христијан Стојановски, кој можеби очекуваше прекршок,но веќе претходно во повеќе случаи се виде дека судијата Илиоски толерираше погруба игра.

Тренерот на Пелистер, Милан Стојаноски направи три измени на стартот од вториот дел, но не успеа веднаш да ја врати иницијативата кај битолскиот тим.

Во 60 минута по стартот над Бошковски, нововлезениот Булатовиќ се обиде да нафрли од левата страна, но всушност одбиената топка послужи за контранапад, при што на крајот при една несмасна интервенција на повеќе играчи од одбраната на домашните, Радевски од десно ја погоди стативата. Можеби тој момент беше повик за будење, па Пелистер во следниот напад се избори за корнер по шутот на Ивановски кој можеше да довде до ефектен автогол. По корнерот, мрежата на Анџелети беше затресена, но судијата го поништи голот по рекламација на помошниот судија, а потоа и проверката од ВАР собата ја потврди таа одлука.

Во 73. минута Ристевски од десната страна упати добар центаршут, а Петковски се најде во ситуација да шутира, но Анџелети реагираше и ја одбрани најдобро изработената шанса на Пелистер.

Два одлични контранапади донесоа возбуда во 75. минута по промените кои ги направи Бленди Шкемби, при што во првата ситуација нововлезенот Малески имаше шанса за Струга ТЛ, додека на спротивната страна Бошковски и Петковски се обидоа, но не успеаја да го надмудрат Анџелети. Струга ТЛ беше физички доминантна во финишот, лесно се пробиваа на противничката половина. Компаоре се проби по десната страна во 79. минута, брутално го фаулираше Стефан Спироски, влезе во шеснаесетникот и постигна гол. Додека играчите на гостите се радуваа, повторно беше потребна реакција од ВАР собата и поништување на она што не го виде Влатко Илиоски.

Конечниот резултат беше постигнат во 87. минута кога Малески ја поведе акцијата на гостинскиот тим по средината, го проигра Јефтовски во лево кој велезе во шеснаесетникот па ја врати топката до Малески, кој рутинирано реализираше без чувар крај себе.

До крајот Малески имаше уште една шанса за погодок, но биеше над голот. Пелистер останува без постигнат гол на трета средба по ред, а со тоа и на 23 бода кои му го носат десеттото место на табелата.


Македонија ги стартуваше подготовките, Херера верува во позитивен резултат во Копенхаген

Македонската репрезентација денеска ги започна подготовките за претстојниот плеј-оф натпревар против Данска за пласман на Светското првенство. Под водство на новиот селектор Гоце Седлоски, националниот тим одработи тренинг во тренинг центарот „Петар Милошевски“.

Во отсуство на неколкумина фудбалери кои се очекува да му се приклучат на тимот во текот на вечерта, своите први импресии ги сподели еден од новајлиите, Себастијан Херера од Борац Бања Лука. Тој истакна дека тимот треба да биде максимално мотивиран и да верува во сопствениот квалитет пред гостувањето во Копенхаген на 26 март.

„За мене ова е нешто најголемо што може да се случи во мојата кариера, да го облечам дресот на Македонија. Навистина е чест и огромно задоволство што сум тука. Ќе дадам сè од себе за да помогнам на репрезентацијата. Ова го посакував, го чекав и го сонував долго време и среќен сум што конечно дојде моментот. Со нетрпение очекувам да започнеме.

Најважно е да бидеме тим, сите заедно. Знам дека на мојата позиција Алиоски има големо искуство и многу години во репрезентацијата, и тоа е дополнителна мотивација. Очекувам тежок натпревар. Данска е силна репрезентација, но ние се фокусираме на нас самите. Верувам дека натпреварот е 50-50 и дека сè зависи од нас. Одиме максимално мотивирани и се надевам на позитивен резултат, зошто да не и пласман во финале.“


Јунајтед ќе тргне по Алфонсо Дејвис од Баерн

Многу нешта се случуваат во Манчестер Јунајтед, а сето тоа требаше да се заокружи со победа на вечерашниот натпревар против Борнмут.

Сепак, според тврдењата од Англија, по натпреварот против Борнмут, Мајкл Керик и не беше особено задоволен од играта на својот тим.

Наводно, во последно време Керик „се двоумеше“ дали да тргне по ѕвездата на Баерн од Минхен, Алфонсо Дејвис.

Тој наводно веднаш по натпреварот со Борнмут ги повика челниците на Манчестер Јунајтед и им порача да „тргнат“ по левиот бек на Бајерн од Минхен.

Дејвис на почетокот на сезоната беше во последната година од договорот со тимот од Минхен, но потпиша нов договор.


ФФМ ги суспензира ОФС Кичево и ОФС Охрид

Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска го одржа годишното редовно Собрание на кое беа потврдени суспензиите на ОФС Кичево и ОФС Охрид.

Претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ кажа дека по 15 години Статутот на ФФМ е усогласен со УЕФА.

„По 15 години, конечно ставаме крај на еден застарен, нефункционален систем и воведуваме ред. Статут изработен со УЕФА и ФИФА, кој не остава простор за импровизации. Да бидеме искрени, досега не зборувавме за реален фудбал, туку за бројки што не постојат. До последната пре-регистрација биле регистрирани 44.996 фудбалери во машка конкуренција. После пререгистрацијата бројот на машки фудбалери е 14.210. Во следниот период ќе се утврди точната бројка и во женска конкуренција“, кажа Омерагиќ.


Спектакуларен светски рекорд во седмобој на Симон Ехамер

Првиот светски рекорд на Светското првенство во сала во 2026 година во Торун е дело на швајцарски седмобојец.

Симон Ехамер се истакна во сите дисциплини и собра повеќе поени од кој било друг во историјата на натпреварите во сала. Вкупно, тој освои 6.670 поени, што е за 25 повеќе од претходниот рекорд на Ештон Итон од Истанбул во 2012 година.

Швајцарецот го отвори натпреварувањето во „Арена Торун“ фуриозно, со личен рекорд од 60 метри – 6,69 секунди. Во скок во далечина, неговата најсилна дисциплина, тој дополнително ја зголеми предноста пред своите ривали со скок од 8,15 метри. Потоа „извлече максимум“ во фрлање ѓуле, што не му е силна страна, со 14,87 метри. Во скок во височина, тој скокна 2,02 метри и остана во трката за злато.

Вториот ден од натпреварувањето, тој го блескаше, истрча најдобро време на светот во трката на 60 метри со пречки (7,52), што му отвори врата за напад на светскиот рекорд. Во скок со стап, тој го потврди историскиот резултат со скок од 5,30 метри.

Во последната дисциплина, трката на 1.000 метри, влезе со доволно залихи и го потврди рекордот со резултат од 2:41,04.

Американецот Хит Болдвин (6.337) беше втор, а неговиот сонародник Кајл Герланд (6.245) трет.


Викарио мора на операција, го чека пауза од еден месец

Тотенхем и натаму никако не може да се спаси од кризата со бројни повреди откако лондончани останаа без првиот голман.

Ремито без голови против Нотингем Форест во неделата изгледа ќе биде последно за голманот Гуљелмо Викарио.

29-годишниот Италијанец ќе биде опериран поради хернија и би можел да биде надвор од терените повеќе и од еден месец.

„Малата интервенција е временски темпирана така што ќе има што е можно минимално влијание“, објавија од клубот.

Операцијата значи дека Викарио нема да биде и со селекцијата на Италија која во четврток ќе игра против Северна Ирска во баражите за СП 2026.

Доколку предвидувањето на клубот за едномесечна пауза е точно, тој ќе пропушти два важни натпревари од Премиер лигата. Прво, гостувањето кај Сандерленд на 12 април, а потоа и средбата со Брајтон дома во Лондон шест дена подоцна.


Марк Маркез доминантен на спринтот во Бразил

Марк Маркез стигна до победа во спринт трката на Големата награда на Бразил, која се возеше во втората рунда од Мото ГП шампионатот.

Возачот на Дукати славеше во првата ваква трка на бразилската патека, откако до триумфот дојде со минимална предност од 0,213 секунди пред Фабио ди Џанантонио.

Клучниот момент се случи три круга пред крајот, кога Маркез успеа да го претекне својот ривал и да го преземе водството кое не го испушти до самата цел. За шпанскиот ас ова е прва победа уште од септември.

На третото место заврши Хорхе Мартин на Априлија, кој комплетираше уште еден силен настап.

Главната трка на програмата е в недела од 19:00 часот.


Македонија ремизираше во Брегенц, Кузмановски од седмерец автор на клучниот гол

Ракометната репрезентација на Македонија одигра нерешено, 30-30, против Австрија на единствениот контролен натпревар во мартовкста ЕХФ-недела. Селекторот Кирил Лазаров во Брегенц поведе комбинирана селекција и без неколку искусни ракометари, но нашиот национален тим одигра одличен меч против соодветната австриска селекција, водена од Икер Ромеро. Македонија имаше водство во поголемиот дел од натпреварот, а кон средината на второто полувреме и од четири гола разлика.

На полувремето беше 15-15, а во вториот дел нашите ракометари брзо се вратија во водство и дојдоа до 20-24. Австријците во 59. минута израмнија на 29-29, а потоа дури и поведоа. Сепак, Македонија се спаси од пораз со гол на Филип Кузмановски од пенал во последната секунда од мечот.

Капитенот Кузмановски беше и најефикасниот ракометар на натпреварот со десет гола. Пет погодоци постигна Марко Митев, а по трипати стрелаа Велковски и Николов.


Тудор принуден да го постави Кински меѓу стативите

Тотенхем ќе остане без својот прв голман во следниот период, откако клубот одлучи Гиљермо Викарио да замине на хируршка интервенција поради проблем со кила. Одлуката е донесена операцијата да се изврши во текот на репрезентативната пауза, со што ќе се избегне подолг изостанок од натпревари.

Добра вест е дека Италијанецот прво ќе брани на дуелот со Нотингем Форест, по што ќе следи зафатот и рехабилитацијата која се очекува да трае околу еден месец.

Ова значи дека Игор Тудор ќе мора да пронајде ново решение меѓу стативите. Во прв план е младиот Антонин Кински, но неговиот последен настап против Атлетико Мадрид не влева голема сигурност, бидејќи направи сериозни грешки и беше повлечен од игра уште во раната фаза.

Покрај тоа ниту хрватскиот тренер не помогна бидејќи го замени уште во 17. минута, а Кински го напушти теренот во солзи.