feature

Астон Вила застана во редот за Де Брујне

Астон Вила не планира само да учествува во Премиер лига – тие сакаат да диктираат темпо! Според извори блиски до клубот, во Бирмингем веќе се зборува за историски трансфер – ангажман на Кевин Де Брујне!

Раководството на клубот веќе одржало внатрешни разговори за можноста да го доведат белгискиот ас како слободен агент.

Унаи Емери е фасциниран од идејата да има играч од калибарот на Де Брујне во својата средна линија, а со Вила која сериозно атакува на Лигата на шампионите, ова не е само сонот на навивачите – туку амбициозен план.

Се чини дека проектот на Вила станува сè поатрактивен за ѕвезди од светски ранг, а ако ова се реализира – Премиер лигата ќе има нова гравитациска точка!


Јуве во недоумица околу иднината на Тудор

Јувентус ќе одлучи за иднината на тренерот Игор Тудор по Светското клупско првенство, тврдат извори блиски до клубот. Иако многу мина очекуваа одлуката да дојде уште на неколку кола пред крајот на сезоната, на раководството на торинсиот гигнат не му се брза.

„Бјанконерите“ вчера загубија од Парма (0:1) во 33. коло од италијанскиот шампионат. Поразот беше прв за Јувентус под водство на нивниот нов тренер, кој беше назначен на позицијата на 23 март.

„Јасно кажавме уште од самиот почеток. За иднината ќе зборуваме на крајот на сезоната“, изјавил директорот на Јувентус, Кристијано Џунтоли.

Светското клупско првенство ќе се одржи од 15 јуни до 13 јули.


Јуве неочекувано загуби во Парма, јунак Аргентинецот Пелегрино

Фудбалерите на Јувентус загубија како гости од Парма со 1-0 (1-0) во 33. коло од италијанската Серија А.

До самиот крај на првиот дел од натпреварот мрежите мируваа, а потоа домашните успеаја да ја затресат мрежата во судиското надополнување. Стрелец беше Матео Пелегрино.

Избраниците на Игор Тудор вршеа притисок, особено на крајот од дуелот, кога можеби Јуве беше оштетен за пенал, по играње со рака на играч на Парма.

Во 91. минута Консеисао шутираше од работ на шеснаесетникот, но ударот заврши крај стативата и тоа е можеби најдобрата шанса за Јувентус.

Во продолжение Парма одолеа на сите обиди, одлично се бранеше и на крајот триумфално го заврши натпреварот.


Реал и Барса со порази го почнаа евролигашкиот плеј-оф

Тешки порази доживеаја шпанските великани Барселона и Реал, во првите четвртфинални натпревари во Евролигата. Монако ја победи Барселона со 97:81, а Олимпијакос со 84:72 славеше против Реал.

Кошаркарите на Монако во третиот период го решија мечот кога се одлепија од противникот на +17 и успеаја да сочуваат голема предност и до крајот да го одбранат домашниот терен.

Монако го предводеа Мајк Џејмс и Даниел Теис со по 22 поени, а одличен беше и Ели Окобо со 19 поени и седум асистенции.

Кај Барселона, Кевин Пантер беше најдобар со 16 поени и два скока, Дарио Бризуела додаде 13, колку што постигна и Фал кои имаше и 14 скокови.

Олимпијакос, за разлика од Монако, во првата четвртина ја најави победата, а практично го реши натпреварот до полувремето кое го доби со 47:29.

Саша Везенков беше најефикасен со 23 поени и седум скока.

Го следеа Еван Фурние со 13 поени и Никола Милутинов со 11 поени и осум скока. Најдобар во тимот на Реал беше Серхио Љуљ со 16 поени, додека двоцифрен беше само уште Марио Хезоња со 13 поени.


Арсенал само ремизираше со Палас, Ливерпул на бод до титулата

Фудбалерите на Арсенал ремизираа со Кристал Палас 2-2 (2-1) во малото лондонско дерби од 34. коло на англиската Премиер лига.

Домашните поведоа на „Емирати“ во третата минута кога Јакуб Кивиор беше највисок во скокот и со глава ја затресе мрежата на Палас.

Израмнувањето го донесе Еберечи Езе, во 27. минута, но Арсенал сепак со предност замина на одмор.

На три минути до одморот, во 42. минута, Леандро Тросар постигна гол.

Во вториот дел Арсенал успешно ја одржуваше стекнатата предност, до 83. минута кога го видовме најубавиот момент, веројатно во целото коло.

Жан-Филип Матета со удар од преку 20 метри успеа да го лобува Давид Раја и со тоа да ги постави конечните 2-2.

Арсенал со ова реми само ја одложи промоцијата на Ливерпул во нов шампион. „Топџиите“ имаат 67 бодови и доколку в сабота Ливерпул освои барем бод против Тотенхем, на четири кола до крајот и математички ќе ја освои титулата.


Раде Стојановиќ по една сезона заминува од Тримо Требње

Македонскиот ракометен стратег, Раде Стојановиќ објави дека по крајот на сезоната ќе го напушти словенечкиот клуб, Тримо Требње.

Тој преку порака на социјалните мрежи објави дека заминува.

„Благодарен сум за ова поглавје, фокусот ни е да ја завршиме сезоната што е можно посилно. Како што сезоната доаѓа до крајот, така завршува и моето време како главен тренер на РК Тримо Требње. Вистински сум благодарен за можноста за соработка и сето искуство што го земам со мене. Горд сум на прогресот на тимот, професионалниот пристап и силната релација која ја изградивме преку напорна работа, посветеност и делба на целите. Секое патување има крај, јас го затворам ова поглавје со чувство на исполнетост и голема почит за клубот, ракометарите и фановите. До последниот свиреж, ние остануваме фокусирани, заедно, ќе го дадеме максимумот за да го водиме Тримо Требње до титулата во националното првенство“, напиша Раде Стојановиќ.


Вардар и Струга ќе играат за трофејот во Купот на Македонија

Екипите на Вардар и Струга ТЛ ќе играат во големото финале на фудбалскиот Куп на Македонија. Во реванш натпреварите од полуфиналето кои се одиграа попладнево, Вардар осигра 1-1 на гости кај екипата на Брера во Струмица и поради победата од првиот меч на домашен терен со 3-0, „црвено-црните“ обезбедија прво финале во Купот по 2007 година.

Противник на Вардар во финалето ќе му биде Струга ТЛ, која успеа да остане непоразена на домашен терен во мечот со Шкендија. Стружани водеа со 1-0 се до 92. минута, кога Шкендија успеа да израмни на 1-1, но и тоа не беше доволно за финале, откако тетовци на домашен терен го загубија првиот меч со 2-1. За екипата на Струга ТЛ ова ќе биде второ куп-финале.


Барцокас претпазлив пред почетокот на серијата меѓу Олимпијакос и Реал

Тренерот на кошаркарите на Олимпијакос, Јоргос Барцокас, проговори за пресметките со Реал Мадрид во плеј-офот во Евролигата.

„Работевме напорно за да бидеме на првото место и да добиеме полесен противник. Сега се фокусираме на првиот натпревар. Имаме на располагање повеќе играчи и ќе ги одбереме најдобрите“ – рече Барцокас.

„Годинава ги победивме сите, не сакам да правам споредби. Реал одмораше дел од клучните играчи“ – рече тренерот на грчкиот состав.


УЕФА спрема нов промени во Лигата на шампионите

Европската куќа на фудбалот (УЕФА) се подготвува да воведе три нови правила во Лигата на шампионите.

Оваа сезона Лигата на шампионите наместо во групна фаза првпат се играше во нов лигашки формат со 36 екипи, а иако се уште трае нокаут-фазата, се подготвуваат нови правила за претстојната сезона.

Германскиот таблоид „Билд“, наведува дека имал пристап до документацијата на УЕФА и дека следната сезона ќе стапат на сила три нови правила кои можат значително да го променат натпреварувањето.

Дефинитивно се ќе биде решено на 30 мај на голем состанок, а еве што се менува:

  1. Серии од пенали наместо продолженија

Укинувањето на класичното дополнително време од 30 минути би било исклучително популарно кај голем број фанови. Во случај на нерешено, веднаш би се изведувале пенали.

  1. Предност на домашен терен за најдобро пласираните

Како и во кошарката, подобро пласираните екипи би ја имале предноста на домашниот терен, тоа е правило кое би можело да заживее од следната сезона.

Екипите кои би обезбедиле Топ 8 по групната фаза од лигашкиот дел би имале предност на домашен терен во четвртфиналето и полуфиналето во зависност од позицијата.

Моментално ова правило важи само за осминафиналето, по кое има ждрепка.

  1. Повторно воведување на правилото „заштита на државите“

Клубовите од иста земја можеа да играат еден против друг уште од плејофот, но и тоа може да се промени.

УЕФА размислува да го врати стариот систем од следната сезона, каде тимовите од иста земја би можеле да се сретнат само во подоцнежните фази од Лигата на шампионите.


Нико Ковач ќе добие нов договор во Дортмунд

Нико Ковач од Борусија Дортмунд ја доби довербата да го предводи тимот и следната сезона.

Хрватскиот стручњак пристигна на „Вестфален“, во февруари годинава и досега го водеше тимот на 16 натпревари. Во тој период „милионерите“ победија осум пати, три пати ремизираа и пет пати загубија.

Борусија започна прилично бавно под палката на Ковач, но тимот и играта изгледаат се подобро во последно време.

На последните четири натпревари во Бундеслигата, Дортмунд трипати триумфираше, ремизирајќи (2-2) со лидерот Баерн.

Во реваншот од четвртфиналето на Лигата на шампионите (3:1) за малку ќе ја надополнеја големата разлика од Барселона (0:4), покажувајќи дека можат да ги одмерат силите со најдобрите тимови на Стариот континент.

Сето ова му овозможи на поранешниот тренер на Баерн, Монако и Волфсбург да остане на кормилото и следната сезона.

„Милионерите“ моментално се на седмата позиција во Бундес лигата, а се на четири бода од четвртото место кое води во Лигата на шампионите.