feature

Оклахома постави нов рекорд – осум победи по ред од старт на сезоната

Оклахома Сити утрово на гостински терен забележа победа над Лос Анџелес клиперс со 126-107. За Тандер ова беше осма последователна победа од почетокот на сезоната поставувајќи нов клупски рекорд.

Пред натпреварот, актуелниот НБА-шампион го изедначи својот најдобар старт (7-0) од минатата сезона, приклучувајќи се кон кратка листа на тимови (Хјустон во 1990-тите, Бостон во 1960-тите) кои го постигнаа овој подвиг двапати по ред.

Оклахома Сити е единствениот непоразен тим во тековната сезона и е лидер во Западната конференција.

На Исток прв е Чикаго булс со шест победи и еден пораз.


Спалети: Мојот Јуве покажа карактер против Спортинг

Тренерот на Јувентус, Лучијано Спалети е задоволен од играта на неговиот тим на натпреварот со Спортинг.

Јувентус вчеравечер ремизира 1:1 со португалскиот тим во меч од четвртото коло од Лигата на шампионите.

„Задоволен сум од играта на тимот. Покажавме дека имаме карактер, а момците покажаа желба да го добијат натпреварот. Ако продолжиме да играме вака, ќе победиме на многу натпревари. Играњето против Спортинг не е лесно. Тие имаат брзи и вешти играчи и имаат многу добар тренер кој совршено го поставува својот тим“, изјави Спалети за клупскиот сајт.

Јувентус има три бода и е на 23-то место на табелата, додека тимот од Лисабон е на 10-то место со седум бода.

Следниот натпревар на Јувентус во Лигата на шампионите ќе биде против Боде-Глимт на 25 ноември, додека Спортинг ќе игра против Клуб Бриж на 26 ноември.


Јуве се предомисли и сега преговара за нов договор со Влаховиќ

Ситуацијата со договорот на Душан Влаховиќ долго време е главна тема во Торино. Со доаѓањето на Лучано Спалети на тренерската позиција и добрата форма на напаѓачот во последно време, може да дојде до голема промена.

Откако во јануари 2022 година пристигна од Фиорентина за импресивни 83,500,000 евра како најпосакуван млад напаѓач во европскиот фудбал, односот меѓу српскиот репрезентативец и бијанконерите постојано се менува. Имаше блескави моменти, но и очајни – но не успеа да ги оправда годишните примања од дури 22,200,000 евра.

Убедливо најплатениот фудбалер на „Старата дама“ договорно е врзан за клубот до летото 2026 година, кога ќе биде слободен во изборот на нова средина. Доколку не го продолжи договорот, а изгледите за тоа се поголеми.

„Вратите се отворени од двете страни. Влаховиќ е максимално фокусиран и размислува само на Јувентус. Кога ќе дојде време, заедно ќе ја процениме ситуацијата и ќе донесеме одлука“, откри за Газета дело спорт Џорџо Кјелини, поранешен фудбалер и сегашен функционер на двократниот европски првак.


Одбојкарите ќе го отворат ЕП со домаќинот Бугарија

Македонската машка одбојкарска репрезентација својот настап на Европското првенство 2026 ќе го почне со дуел во Софија против Бугарија, објави денеска Европската одбојкарска федерација (ЦЕВ).

Воведниот натпревар на македонските одбојкари е закажан за 9 септември со почеток во 20:00 часот.

Во второто коло, македонските одбојкари ќе играат против Украина, на 11 септември (16:00 часот), по што ќе следуваат преостанатите три натпревари од групната фаза против Полска (13 септември, 20:00 часот), Португалија (15 септември, 16:00 часот) и Израел (16 септември, 16:00 часот).

Македонските одбојкари четврти пат во низа ќе настапат на ЕП, а домаќини идната година ќе бидат Бугарија, Италија, Финска и Романија.


Галатасарај работи на позајмица на Лео Меси оваа зима

Новинарот Зеки Узундуркан донесе големи вести од Турција, а во главните улоги се Лео Меси и Галатасарај.

Според неговите наводи, челниците на тимот од Турција се во контакт со ѕвездата од Аргентина и Меси би можел да дојде во Галатасарај и да потпише договор на четири месеци.

Сè предизвика вистински хаос на социјалните мрежи бидејќи навивачите на тимот од Турција го преплавија Меси со пораки на социјалните мрежи, а сите бараат од него исто.

„Дојди во Галатасарај”, е јасната порака што навивачите на овој тим му ја упатија на Меси.

Се чини дека Галатасарај започнал со реализација на трансфер кој би го разбранувал светот на фудбалот.

Претходно успеаја да го доведат Leroy Sane и Victor Osimhen, но доколку успеат да го доведат и Меси, тоа би бил голем потфат.


Тројца фудбалери на ПСЖ повредени по дуелот со Баерн

Фудбалерите на ПСЖ, Усман Дембеле, Ашраф Хакими и Нуно Мендеш ќе отсуствуваат неколку недели, откако тројцата се повредија на вчерашниот натпревар од Лигата на шампиони против Баерн Минхен (1-2), објави вечерва актуелниот европски првак.

Мароканскиот репрезентативец „Ашраф Хакими има потешка повреда на левиот зглоб, што ќе бара пауза од неколку недели“, се вели во соопштението на ПСЖ.

Францускиот репрезентативец и освојувач на Златната топка, Усман Дембеле, кој минатата недела го одигра својот прв натпревар по враќањето од претходна повреда, претрпе „лезија на мускулот на левата нога“ и ќе отсуствува неколку недели.

Во клупското соопштение се додава дека неколку недели надвор од теренот ќе биде и Португалецот Мендеш поради повреда на левото колено.


Спанулис останува селектор на Грција

Легендарниот кошаркар, а сега тренер Василис Спанулис, останува селектор на грчката репрезентација. Ова во вторникот официјализираше Кошаркарскиот сојуз на Грнција.

Спанулис им донесе бронза на Грците од овогодинешниот Евробаскет. Тоа беше и првиот медал на Грција на големо натпреварување од 2009 година. Затоа во националниот Сојуз веднаш му понудија нов договор.

Во исто време, легендарниот Грк ќе продолжи да работи во вицешампионот на Евролигата, Монако, а неговата следна цел кога станува збор за репрезентацијата ќе биде да ја однесе Грција на Мундобаскетот во 2027 година.

Спанулис е на клупата на грчката репрезентација од октомври 2023 година, а ја водеше оваа репрезентација на Олимписките игри во Париз една година подоцна.


Европското првенство во ракомет ќе се отвори на „Сантијаго Бернабеу“

Подготовките за Европското првенство (ЕП) за ракометари во 2028 година добиваат на интензитет низ Шпанија, Португалија и Швајцарија, а една идеја се издвојува како потенцијална пресвртница за спортот.

Станува збор за организирање ракометен натпревар на легендарниот фудбалски стадион „Сантијаго Бернабеу“ во Мадрид. За време на неодамнешните посети на локациите во Шпанија и во Португалија, претставници од Европската ракометна федерација (ЕХФ) посетија неколку потенцијални места, вклучувајќи го и реновираниот стадион „Сантијаго Бернабеу“, пишува ракометниот портал „Хандбал планет“.

Со својот подвижен покрив, модерна инфраструктура и флексибилен дизајн, стадионот „Сантијаго Бернабеу“ еволуира во вистинска повеќенаменска арена способна да биде домаќин на големи меѓународни настани.

Доколку биде избран, стадионот во Мадрид би можел да обезбеди невидена сцена за отворањето на натпреварот на континенталното првенство во 2028 година, внесувајќи го ракометот во нова ера на видливост и глобална привлечност.

Домаќинството на натпревар на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ не само што би ја симболизирало амбицијата на спортот туку би можело да го собори и постојниот рекорд за посетеност на ракометен натпревар. Актуелниот рекорд е поставен во Диселдорф (Германија) на Европското првенство во 2024 година, со над 53.586 гледачи, а во 2028 година тој рекорд би можел да биде значително надминат, оти стадионот „Сантијаго Бернабеу“ има капацитет за над 80.000 гледачи.

Заедничката организација меѓу Шпанија, Португалија и Швајцарија за Европското првенство во 2028 година веќе ветува иновација и обем.

Потенцијалното вклучување на стадионот „Сантијаго Бернабеу“ би му додало единствена димензија од светска класа на настанот, поврзувајќи го ракометот со емоциите и големината традиционално резервирана за најголемите настани во фудбалот, пишува „Хандбал планет“


Лесна победа на Еурофарм Пелистер во пелагониското дерби

Првакот Еурофарм Пелистер има причини за задоволство. Го победи Прилеп и пак на теренот се вратија повредените Хаидарирад и Ристевски, Битолчани славеа убедливо на гостувањето кај Прилеп со 25-40 (12-21), во натпреварот од десеттото коло на Суперлигата.

Почетокот беше израмнет, домашните први поведоа, ама реакцијата беше брза и гостите стигнаа до 2-4. На тоа домаќинот имаше одговор, со 3-0 успеа пак да поведе со 5-4, ама тоа беше последна предност. Пелистерци се консолидираа, го презедоа приматот и до полувремето предноста почна да расте. Со три мини-серии од по 0-3 битолчани се одлепија, па на одмор се замина со 12-21.

На отворањето на вториот дел првпат беше пробиена двоцифрената маргина (12-22). Прилепчани успеаја да парираат уште десетина минути, најблизу пријдоа на „минус шест“ (17-23) по серија од 4-0, ама тоа беше сè. Пелистерци се наметнаа, влегоа во посакуван ритам и до крајот рутински го решија мечот во своја корист. На крајот шампионот победи со високи петнаесет разлика.

Петар Атанасијевиќ со седум и Мирче Калајџиовски со шест гола беа најефикасни кај Еурофарм Пелистер. В сабота од 17:00 часот тимот на Рубен Гарабаја го пречекува Куманово во единаесеттото коло.


Вардар го доби дербито во Битола и остана лидер на табелата

Вечното дерби на македонскиот фудбал меѓу најголемите имиња на зелениот терен, Пелистер и Вардар, донесе офанзивен и интересен натпревар за публиката која го исполни стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, а во кој победата ја забележаа скопските „црвено црни“ so 1-2 (0-0).

Вардар влезе како фаворит во овој меч и ја имаше иницијативата создавајќи три изгледни шанси во првиот дел. Првата шанса дојде преку Матиќ веќе во деветтата минута, кога биеше со глава по изведениот корнер. Само две минути подоцна и Бабунски се обиде да го отвори резултатот по проигрување од Мато, додека во 22. минута шанса за Вардар имаше Тодоровски.

Потоа иницијативата на Вардар спласна и забележани се две шанси за Пелистер, при што првата во 26. минута преку Белиќ кој биеше од преку 20 метри, а втората во судиското надополнување од првиот дел, кога Булатовиќ од слободен удар изнуди принудна интервенција на Талески.

Вториот дел донесе „оган на теренот“ и подигање на емоциите и кај играчите и кај публиката. Во 53. минута, Мато конвертираше во гол прекрасна асистенција од надворешаната страната на шеснаесетникот, казнувајќи ја одбраната на битолчани која не успеа да изблокира како дотогаш.

Пелистер и понатаму се обидуваше со удари од далечина, па во 59. минута Спировски од 25 метри биеше прецизно, Талески боксуваше во височина, а Петар Петковски влезе во казнениот простор и реализираше за израмнување. Судијата Грујовски на барање од вардарци побара асистенција од ВАР собата дека немало офсајд, по што голот беше потврден.

Најубавата, но нереализирана шанса за Вардар ја имаше Омерагиќ во 68. минута, по уште едно прекрасно проигрување, но топката му отскокна пред нога и не успеа да ја скроти и упати во мрежата на Јовчевски. Сепак, во 80. минута Данев иако се тетеравеше уште од надвор од шеснаесетникот, успеа да измами реакција од одбраната на Пелистер и да биде соборен во казнениот простор, по што беше досуден пенал за Вардар. Сигурен реализатор беше Закариќ во 83. минута.

Финишот беше подеднакво жесток, при што Вардар дојде до нова шанса преку Данев од левата страна, кој истрча во лево и упати непрецизен шут кон голот на Јовчевски, додека на спротивната страна Мирко Ивановски не успеа да стопира една отскокната топка по играта со глава од Ристевски. Капитенот на битолчани беше во преден план и кога после пробивот од десна страна бараше пенал поради игра со рака од одбранбениот играч на Вардар, како и во финишот за една повратна топка до Талески, но во двата случаја судијата Грујовски само покажа два жолти картони, заради реакциите на Спировски и Ивановски.

Вардар останува единствена непоразена екипа по 12. коло и со 30 бода се враќа на лидерската позиција, додека Пелистер може да жали за пропуштен бод, кој ќе му значеше во борбата за опстанок, бидејќи сега има само 8 бода и е во опасната зона, на 10 место од табелата.

По само четири дена, Пелистер во Битола ја пречекува Брера.