Брињоне објави крај на сезоната по двете олимписки злата
Италијанската скијачка Федерика Брињоне одлучи предвреме да ја заврши сезоната откако освои две златни одличја, во велеслалом и супервелеслалом, на неодамнешните Зимски олимписки игри 2026 (ЗОИ) на домашен терен во Кортина д’Ампецо.
Откако минатата сезона го освои Големиот кристален глобус во Светскиот куп во алпско скијање, втор пат во кариерата, 35-годишната Брињоне доживеа сериозна повреда на лигаментите на коленото за време на италијанското првенство, што дури го доведе во прашање нејзиното учество на Зимските олимписки игри 2026. Сепак, Брињоне, успеа да се опорави на време и да освои два златни медали.
„Мислам дека многу барав од моето тело во последните неколку месеци. Од првиот ден по повредата, мојата единствена цел беше да се натпреварувам на Игрите во Кортина. Затоа ќе направам кратка пауза, а потоа ќе продолжам со рехабилитацијата која досега беше форсирана за да можам да се натпреварувам“, објави Брињоне.
Гатузо го враќа Верати во репрезентацијата
Селекторот на Италија, Џенаро Гатузо, сериозно ја разгледува можноста повторно да му укаже доверба на искусниот играч за врска Марко Верати за претстојните бараж натпревари за пласман на Светското првенство, јавуваат италијанските медиуми.
Гатузо во Верати гледа стабилност и квалитет во средниот ред, сметајќи дека неговото искуство би можело да биде клучно во решавачките пресметки. Според познатиот новинар Николо Шира веќе имало директен контакт меѓу двете страни, при што фудбалерот изразил подготвеност повторно да го облече дресот на „азурите“.
Можното враќање на Верати би претставувало изненадување за јавноста, со оглед дека веќе три години не е дел од националниот тим.
Верати кој денес игра во Катар досега има 55 настапи за Италија, а врвот во неговата репрезентативна кариера беше освојувањето на Европското првенство во 2021 година, кога „азурите“ се искачија на европскиот трон.
Неизвесно одигрувањето на „Финалисима“, се бара нова локација за спектаклот
Фудбалските натпреварувања во Катар се ставени во мирување. Поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и вклучувањето на повеќе држави во воените дејствија, Катарскиот фудбалски сојуз донесе одлука да ги суспендира сите активности до понатамошно известување.
Оваа мерка сериозно го доведува во прашање одигрувањето на „Финалисима“, дуелот меѓу Аргентина и Шпанија, кој беше закажан за 27 март во Доха.
Натпреварот требаше да биде голем спектакл и пресметка меѓу младата ѕвезда Ламин Јамал и искусниот Лионел Меси, но во овој момент неговата реализација е неизвесна.
Засега нема официјална информација дали ќе се бара нов термин или ќе се размислува за промена на локацијата.
Ашковски успешно евакуиран од Иран
Македонскиот репрезентативец Стефан Ашковски се врати во татковината по драматичните случувања на Блискиот Исток, откако беше евакуиран од Иран по почетокот на воените напади во регионот.
Министерството за надворешни работи откри дека околу 400 македонски државјани побарале помош за напуштање на загрозените подрачја, а меѓу нив бил и искусниот бек, кој во јануари потпиша за иранскиот Мес Рафсанјан.
34-годишниот дефанзивец преку Турција бил префрлен на безбедно и успешно се вратил во Македонија. Од неговото пристигнување во Иран одигра три натпревари, но шампионатот во меѓувреме е стопиран, а спортските активности се во целосен застој.
Реал загуби дома од Хетафе и се врати чекор назад во борбата за титула
Реал Мадрид повторно киксна на домашен терен и дозволи Хетафе да слави со 0-1 на својот „Сантијаго Бернабеу“ во Ла Лига. Ова за гостите е прв триумф на овој стадион по пауза од 18 години, а воедно и прва победа на тренерот Хосе Бордалас против мадридскиот гигант.
Решавачкиот момент се случи пред паузата. По продолжување со глава од Арамбари, Мартин Сатриани од работ на шеснаесетникот распали без двоумење и ја закова топката под гредата за водство на гостите.
Домаќините очекувано ја презедоа контролата, создадоа неколку закани преку Винисиус, Гулер и Родриго, но Сориа беше сигурен меѓу стативите. Најголемата можност за 1-1 ја имаше Родриго во 79 минута, кога неговиот удар беше запрен со врвна интервенција. Мечот донесе и контроверзи. Ридигер избегна санкција по груб старт врз Диего Рико, што предизвика реакции, а во финишот Франко Мастантуоно беше исклучен по приговор кон арбитерот. Во судиското продолжение и Лисо заработи втор жолт картон.
Со овој пораз, Реал останува четири бода зад Барселона, а во следната рунда го очекува гостување кај Селта.
Пелистер го намачи шампионот, но бодовите останаа во Тетово
Пелистер успеа во своите намери да се претстави во поинакво светло и наместо како тим што се бори за опстанок да игра подредена улога, пружи партија за паметење и беше во одредени моменти рамноправен или поактивен тим на теренот, но за разлика од Шкендија, не ги искористи своите шанси.
Клубот од Тетово беше шокиран со погодокот на Стефан Спировски во седмата минута, но по асистенцијата од ВАР собата голот беше деклариран како регуларен. Од тие моменти започна згуснувањето на редовите во Шкендија и пресврт во кој доминираа на теренот.
Израмнувањето стигна по прекин на играта, кога во 21 минута по корнерот изведен од Нзенге,
Ибраими успеа заедно со топката да влезе во мрежата. Во следната шанса ударот на Фабрис Тамба заврши за малку непрецизно. Истиот играч до крајот на полувремето се обиде уште еднаш, но ни тогаш не успеа.
Пред крајот на првиот дел, Петровиќ во контра напад се избори за шут од работ на шеснаесетникот, но топката отиде над пречката.
Шкендија започна мирно во второто полувреме и првите десет минути речиси да немаше никаков притисок кон голот на гостите. Одеднаш во брз контранапад по левата страна Љатифи успеа да го проигра Бесарт Ибраими кој инстиктивно биеше и по втор пат погоди за комплетен пресврт.
Само две минути подоцна Зејнулаи по десната страна влезе во казнетиот простор, но неговиот шут беше доволен само атрактивна реакција на Јовчевски.
Пелистер во последните десет минути беше офанзивен благодарение на опуштањето на домашните кои понесени од извиците на трибините тргнаа во мали егзибиции, но тоа можеше да ги чини скапо.
Ивановски во 86 минута ја упати првата сериозната закана по голот на Шкендија, откако беше проигран во десно, а неговиот удар заврши крај самиот дирек.
Бошковски по левата страна се избори за центаршут пречиси од корнер знаменцето, го пронајде Булатовиќ на втората статива, кој се обиде со атрактивен волеј, но беше непрецизен.
Србијанац во идентична ситуација го бараше Булатовиќ, но топката беше пресечена и отиде во корнер, а откако беше изведен, проигрувањето од Керим до Милојевиќ резултираше со шут во голот, која Бабокар Геје едвај ја запре.
Шкендија комплетно го препушти создавањето на шансите на гостите по излегувањето на Бесарт Ибраими, но сепак дефанзивните фудбалери го сочуваа резултато по кој Шкендија доаѓа со три нови бода до -4 од лидерот Вардар и ќе патува за Скопје на директен дуел со „црвено-црните“ што може да биде пресуден за шампионската титула.
Интер се вклучи во трката по Василије Костов
Интер е сериозно заинтересиран за Василије Костов, големиот талент на Црвена звезда. Според италијанскиот новинар Матео Морето, кој работи со инсајдерот Фабрицио Романо, интересот на „Неразурите за Костов е исклучително голем.
Морено тврди дека Интер не само што го следи играчот, туку дека се започнати почетни разговори за да се утврдат временските рокови и трошоците.
Тој додава дека неколку клубови се заинтересирани за Костов, меѓу кои и некои од Шпанија.
Затоа, тимот од Ломбардија сака навреме да ја утврди својата позиција и да го доведе младиот играч од средниот ред пред нивните ривали во трката за неговиот потпис да им ги расипат плановите.
Јасно е дека Интер и претседателот Бепе Марота направија пресврт и од слободни, но и привремени засилувања, се свртуваат кон помлади играчи чиј потенцијал и целосната трансферна вредност, сè уште не е достигната.
Костов одигра 33 натпревари во црвено-белиот дрес во сите натпреварувања оваа сезона, постигна 12 гола и има шест асистенции.
„Трансфермаркет“ ја проценува неговата моментална вредност на 10 милиони евра, меѓутоа, потребната отштета ќе биде неколкукратно поголема.
Македонските кошаркари триумфално се враќаат од Баку
Македонската кошаркарска репрезентација ја запиша и четвртата победа во претквалификациите за ЕП 2029, откако попладнево во Баку по голема борба славевме над Азербејџан со 70-78.
Избраниците на селекторот Берокал лошо го отворија мечот и му дозволија на домаќинот комплетно да не надигра. Азербејџан во првиот период имаше 28-19, а во едне дел од втората четвртина предноста на домашните отиде и на плус 18 (43:-25). Сепак, успеавме да поставиме контрола на случувањата и до полувремето се приближивме на 44-37, но го загубивме Војдан Стојановски кој се повреди.
Во вториот дел конечно видовме вистинска слика на теренот. Агресинва одбрана, добра напад и прва предност за Македонија кон крајот на третиот период 56-58. Во завршните 10 минути успеавме да ја контролираме и играта и резултатот за победа.
МВ партија имаше Андреј Јакимовски кој средбата ја заврши со 22 поени, 7 скока и 2 асистенции. Ѓуроски постигна 10, а по 8 поени имаа Магдески, Мекиќ и Хап.
Арне Слот во одбрана на клупската каса: „Овие 450 милиони се инвестиција, а не само трошок“
Транзицијата од ерата на Клоп во новото поглавје предводено од Арне Слот на Енфилд не помина без бура, но Холанѓанецот сега се наоѓа во центарот на поинаков вид дебата: наративот за „енормното трошење“.
Во неодамнешната и искрена одбрана на стратегијата за засилувања, Слот се осврна на постојаните наслови за инвестираните 450 милиони фунти летниот преоден рок. Наместо да заземе дефанзивен став, тој јасно стави до знаење дека верува во квалитетот на новите засилувања, истовремено барајќи од јавноста да погледне подлабоко во клупскиот биланс.
Арне Слот не е човек кој бега од бројките. Одговарајќи на постојаните шпекулации за големите суми кои Ливерпул ги издвои за нови играчи, тој беше дециден: „Овие 450 милиони фунти се многу паметно потрошени. Ќе повторам уште еднаш, многу паметно потрошени.“
За Слот, овие цифри не се само суров збир на пари, туку намерна инјекција на елитен талент за Ливерпул да остане конкурентен на највисоко ниво. Тој ги отфрли критиките за расипништво, нагласувајќи дека станува збор за вложување во врвни фудбалери кои допрва ќе го покажат својот полн потенцијал. Додека некои веќе блескаат на теренот, Слот потсети дека дел од засилувањата се долгорочни средства кои ќе ја оправдаат својата вредност во сезоните што доаѓаат.
Суштината на аргументот на Слот лежи во „околностите“ кои медиумите често ги игнорираат. Тој укажа на сериозен недостаток на контекст кога се анализираат финансиите, напоменувајќи дека додека често се споменува трошокот од 450 милиони, ретко кој зборува за 300-те милиони фунти кои клубот ги заработи од продажба на играчи.
„Се обидов стотици пати да објаснам дека исто така продадовме играчи за 300 милиони, но тоа едноставно не допира до луѓето,“ изјави Слот со доза на фрустрација. Тој ја истакна суровата реалност на менаџирањето со тимот: по заминувањето на клучни фигури, како Трент Александер-Арнолд за симболични 10 милиони фунти, клубот мораше да ги врати вложените средства преку паметни ротации на пазарот.
На крајот, пораката на Слот е порака на доверба во визијата на клубот. Тој не гледа на тимот како на скапа колекција на поединци, туку како на стратешка основа за иднината. Фокусирајќи се само на трошењето, аналитичарите ја пропуштаат пошироката слика.
Реконструкцијата на тимот беше неопходна за да се спречи стагнација. Признавајќи дека дел од играчите се засилувања „за сега“, а други „за во иднина“, Слот бара трпение од јавноста и медиумите кои често очекуваат инстантен поврат на секоја вложена фунта. За менаџерот на Ливерпул, билансот е во рамнотежа, талентот е тука, а инвестицијата е оправдана, без оглед на тоа како насловите се обидуваат да ја претстават ситуацијата.
Милан го „закажа“ новиот бразилски талент: Андре на чекор до Сан Сиро
Раководството на Милан е во завршна фаза од преговорите за потписот на Андре, талентираниот играч на Коринтијанс, роден 2006 година. Скаутскиот тим на „Росонерите“ го означи тинејџерот како приоритет за летниот преоден рок. Иако планот е тој да пристигне во јуни, италијанскиот гигант брза да ја комплетира документацијата уште сега, со цел да ја престигне конкуренцијата од останатите европски гиганти.
Преговорите се фокусирани на сума меѓу 12 и 13 милиони евра, иако одредени извори наведуваат дека вкупниот пакет со бонуси би можел да достигне и 17 милиони евра. Структурата на договорот предвидува Милан да откупи 70% од економските права на играчот кои ги поседува Коринтијанс. Како доказ за неговата огромна желба да заигра на Сан Сиро, Андре наводно прифатил да се откаже од своите 30% од правата за да го олесни трансферот.
Со висина од 183 сантиметри, тој ја комбинира физичката сила со техничката елеганција својствена за бразилските плејмејкери. Неговата тактичка флексибилност му овозможува да игра како „шестка“, но и како box-to-box играч. И покрај неговата младост, тој веќе има искуство со освојување трофеи како Купот на Бразил и Суперкупот, докажувајќи дека поседува карактер за големи натпревари.
Иако личните услови се договорени, последната пречка доаѓа од претседателот на Коринтијанс, Осмар Стабиле. Тој моментално се соочува со притисок од навивачите и тренерот Доривал Жуниор, кои не сакаат да ја загубат својата млада ѕвезда. Сепак, во Милано владее оптимизам. Со оглед на тоа што веќе се разменети обврзувачки понуди и потпишани нацрт-договори, Милан е правно заштитен. Доколку застојот продолжи, клубот е подготвен да го ескалира случајот до ФИФА за да осигура дека 19-годишниот талент ќе се појави на „Миланело“ овој јуни.