feature

Македонија до 17 години одигра реми против Унгарија на квалификацискиот турнир

Македонија до 17 години го започна квалификацискиот турнир со реми против Унгарија 2-2, во меч во кој двапати се враќаше од негатива и покажа голем карактер во борбата за пласман меѓу двете најдобри селекции во групата.

Унгарците први дојдоа до водство во 23. минута преку Ноел Полонкаи, но нашите млади репрезентативци не се предадоа. До крајот на првото полувреме, по една мешаница во шеснаесетникот, најдобро се снајде Јаков Стојковски и ја испрати топката во празната мрежа за 1-1.

На почетокот од второто полувреме капитенот на Унгарија, Левенте Бошзе, со прецизен удар од слободен удар повторно донесе предност за својата селекција. Сепак, избраниците на Влатко Колев покажаа карактер и во 67. минута дојдоа до ново израмнување. Исламовиќ одлично асистираше со атрактивно додавање до Мартин Џангаровски, кој смирено реализираше за конечни 2-2.

Во второто коло, во сабота, Македонија ќе се сретне со Чешка, која во првиот натпревар убедливо го совлада Гибралтар со 13-0.

Македонија: Амин Суловиќ, Никола Митев, Марко Иванов, Грегоријан Михајловски, Филип Цветковски, Бленди Љачка, Андреј Цветковски, Мартин Џангаровски, Васко Папалиски (Лука Кнежевиќ 63’), Јаков Стојковски (Ердин Мамути 90’), Фадил Исламовиќ (Михаил Митревски 90’).


Битола трет домаќин на ракометниот караван на РФМ

Ракометната федерација на Македонија сака да го доближи овој спорт до најмладите. Затоа организир Ракометниот караван кој се очекува да ја обиколи земјата. Првиот настан беше во Охрид, а следниот (14 октомври) е во Прилеп.

Сега од ракометната централа информираа дека третата дестинација ќе биде Битола. Градот на актуелниот македонски првак и претставник на Македонија во Лигата на шампионите ќе биде домаќин на караванот на 18 октомври (сабота). Централниот настан кој ќе започне во 14:30 часот ќе биде закажан за во салата „Боро Чурлевски“.

Како главни гости на караванот ќе бидат актуелните лидери на Еурофарм Пелистер, капитенот Филип Кузмановски и искусниот голман Николче Митревски, како и голманската легенда Гордана Нацева.

Нашата федерација најави дека во следниот период ќе ги открие следните дестинации на караванот.


Реал размислува да го промени името на стадионот

Реал Мадрид размислува за промена на името на својот стадион, „Сантијаго Бернабеу“.

Според изданието, името на стадионот може да се скрати на „Бернабеу“, со што ќе се отстрани името на легендарниот фудбалер, тренер и претседател на шпанскиот тим, Сантијаго Бернабеу. Овој потег би го направил името на стадионот полесно за запомнување, што би довело до проширена база на навивачи и финансиски раст за брендот. Сепак, некои членови на клубот и навивачи ја отфрлаат кратенката.

За потсетување, во 2019 година започна реконструкцијата на арената на Реал Мадрид, при што беа потрошени над 1,3 милијарди евра. Реновираниот стадион има капацитет за 85.454 гледачи.


Деко: Оваа Барса не е така енергична како ланската

Спортскиот директор на Барселона, Деко, го критикуваше тимот за прикажаните игри во тековната сезона.

Перформансите на Барселона не се како минатата сезона кога ја освоија Ла Лига.

„Не сме така добри и енергични како што изгледавме минатата сезона. Ние сме тим кога работиме заедно и тешко е да не победат затоа што имаме квалитет. Но, ако мислиме дека класата е поважна од напорната работа, ние сме во проблеми. Не можам да им кажам на луѓето што да очекуваат. За да ја освоите титулата во Лигата на шампионите или да се натпреварувате за неа, прво мора да се покажете најдобро што можете. Имаме потенцијал да се натпреваруваме. Пред две или три години, главната цел беше повторно да се натпреваруваме и да обезбедиме стабилност. Бидејќи нема смисла да се освои трофејот без континуитет. Можеби, со поголемо почитување на финансискиот фер-плеј, можевме да направиме повеќе трансфери, но тоа не беше приоритет. Бидејќи идејата е да се има основа“, изјави Деко.

Каталонскиот фудбалски гигант по осум кола во Ла Лига е втор со 19 бода, два помалку од лидерот Реал Мадрид.

Во Лигата на шампионите, Барселона е 16-та со една победа и еден пораз по првите две кола.


Турски судија ќе го води дуелот Белгија – Македонија

Македонската фудбалска репрезентација отпатува за Белгија, веќе е во Гент каде ќе го одигра својот шести натпревар од квалификациите за Светското првенство 2026 година.

За натпреварот во Гент главен судија ќе биде турскиот арбитар Халил Умут Мелер,

Негови асистенти ќе бидат сонародниците Абдура Бора Озгара и Берсан Дуран, додека четврти судија е Али Палабијик.

По пет одиграни натпревари, Македонија се наоѓа на врвот на табелата со освоени 11 бодови.


Муслиу: Важен натпревар, но сме покажале дека можеме да се носиме со големите селекции

Македонската репрезентација денес патува за Гент каде што на 10. октомври ќе се соочиме со Белгија во натпревар од квалификациите за СП 2026. Нашиот најдобар национален тим одработи мини подготовки во Скопје. Дефанзивецот на белгиски Ст. Труден, Висар Муслиу смета дека може да се спротивставиме на силниот противник и сериозно да конкурираме за првите две места на табелата за пласман на Мундијалот следната година.

„Натпреварот е многу важен за нас, од тоа нема бегање, но ниту е крај на светот. Треба да се подготвиме како и за сите други предизвици, како на минатите натпревари, со ладна глава да влеземе во мечот и да се обидеме да го извлечеме најдоброто од сите нас.

Нормално е дека Белгија ќе не анализира од нашиот последен меѓусебен дуел, но ние многупати сме покажале дека можеме да одиграме квалитетно со големите репрезентации. Ќе се потрудиме да се подготвиме и да покажеме на терен дека сме конкурентни“.


Милан Стојановски е нов тренер на Пелистер

Проектот на ФК Пелистер продолжува со ново име на кормилото. Ни претставува задоволство да го официјализираме Милан Стојановски како нов шеф на стручниот штаб. 52-годишниот Стојановски доаѓа во Битола и веднаш ќе ја преземе екипата, подготвувајќи се за продолжението на шампионатот на Македонија. Новиот тренер потпиша договор до крајот на сезоната и утре ќе биде претставен пред јавноста и медиумите.

Милан Стојановски е познато фудбалско име на овие простори. Роден е во соседна Србија, но својата приврзаност кон дресот со државниот дрес ја покажа играјќи 26 пати за македонската фудбалска репрезентација. Најголемата слава доби носејќи го дресот на Партизан, клуб за кој е емотивно врзан цел живот. Настапуваше и во Израел, Кипар, Иран, а во 2011 година започна тренерска кариера.

Стојановски ги водеше Раднички Пирот, Локомотива Белград, Телеоптик и ИМТ. На клупата на Пелистер ќе дебитира в недела на роденденскиот натпревар против Динамо Букурешт.


Висла преголем залак, трет пораз за пелистерци во Лигата на шампионите

Ракометарите на Еурофарм Пелистер го претрпеа третиот пораз сезонава во Лигата на шампиони (ЛШ), откако вечерва загубија на гостувањето во Полска од Висла Плок со 36-25 (18-14) во рамки на четвртото коло во групата Б.

Македонскиот шампион одржуваше резултатска неизвесност само во воведните дваесет минути, кога Висла Плоцк при резултат 11-10 влезе во серија од 3-0 и на полувреме замина со предност од +4. Полскиот претставник продолжи да доминира на паркетот во второто полувреме, постепено зголемувајќи ја предноста која во 56. минута достигна највисоки +12 (34-22).

Манасков со седум голови беше најефикасен во редовите на Еурофарм Пелистер, а голманот Митревски запиша девет одбрани.

Во следното петто коло Еурофарм Пелистер ја пречекува Барселона во Битола.


Пол Скоулс смета дека Тонали е најдобриот играч од средниот ред во Премиер Лигата

Пол Скоулс го посочи Сандро Тонали како најдобриот играч од средниот ред моментално во Премиер Лигата, ставајќи го пред Деклан Рајс од Арсенал. Легендата на Манчестер Јунајтед го пофали целокупниот настап на Тонали, истакнувајќи ја неговата способност да влијае на играта и во одбраната и во нападот. 

Опишувајќи го како вистински „box-to-box“ играч, Скоулс ја нагласи енергијата, директноста и окото за гол на италијанецот, нарекувајќи го фудбалер што постојано носи вредност на теренот. 

Иако ги призна квалитетите на Рајс и неговото лидерство, Скоулс смета дека понекогаш премногу ја комплицира играта со непотребни допири. Наспроти тоа, Тонали, според него, игра поедноставно и поефикасно, со совршен баланс меѓу дефанзивни задачи и офанзивен придонес. 

Скоулс додаде дека зрелоста и влијанието на Тонали се веќе очигледни, и покрај неговата возраст, нагласувајќи дека неговиот стил идеално одговара на темпото и барањата на англискиот фудбал.  


Роналдо и официјално е првиот милијардер меѓу фудбалерите

Беше само прашање на време кога Кристијано Роналдо ќе стане првиот фудбалер во историјата со милијарда на својата смертка во банка. Поточно, Португалецот е „тежок“ 1,2 милијарди евра.

Според „Блумберг“, водечкото американско финансиско списание, Португалецот ја преминал магичната линија благодарение на профитабилните повеќегодишни договори со компаниите „Најк“ и „Армани“, но овој финансиски скок му донесе продолжување на соработката со неговиот клуб Ал-Наср.

Новата соработка со Саудијците ќе го направи Роналдо побогат за уште 400 милиони евра.

Портуаглецот сега има уште една цел, да дојде до најмалку 1.000 во кариерата, моментално е на бројката од 946 постигнати голови во кариерата.

„Мислам дека сè уште можам да дадам многу на клубот и на репрезентацијата, сакам да играм долго време, но не предолго, да бидам искрен. Се надевам дека кога еден ден ќе се пензионирам, ќе бидам задоволен бидејќи дадов се од себе. Свесен сум дека не ме очекуваат многу години играње фудбал, но сакам да го искористам малкуто време што го имам. Мојата филозофија е да живеам ден за ден. Немам долгорочни планови. Уживам во секој ден и на секој тренинг“, изјави неодамна Португалецот.