feature

Монако го препороди Ансу Фати

Ансу Фати, кој летово ја напушти Барселона и се пресели во редовите на Монако, конечно изгледа дека ја пронајде вистинската форма и е на добар пат да ја оживее својата кариера.

Младиот шпански напаѓач, кој со својот блесок на стартот во Барса беше најавуван како наследник на Лионел Меси, имаше серија повреди кои го одалечија од терените, но и кога беше на теренот не го прикажуваше она што се очекуваше од него.

Минатата сезона ја помина на позајмица во Брајтон, но и таму не успеа да се наметне, па англискиот клуб одлучи да не го откупи. Сепак, преселбата во Монако засега се покажува како одличен потег.

Фати во одлична форма ја започна сезоната и на пет натпревари во сите натпреварувања постигна шест гола, иако во само еден од нив беше стартер.. Со гол на секои 42 минути, моментално е најефикасен фудбалер во Европа според бројот на постигнати голови во однос на одиграните минути.

Зад него се: Хари Кејн (гол на секои 57 минути), Душан Влаховиќ (на 63), Килијан Мбапе (на 67) и Ерлинг Халанд (на 68). Во статистиката на „Опта“ беа вклучени само фудбалери со најмалку четири погодоци оваа сезона.


Миовски: Белгија е топ репрезентација, но ние докажавме дека играме како тим

Македонската А репрезентација со полн состав се подготвува за претстојните натпревари од квалификациите за СП 2026 против Белгија (10. октомври, Гент) и Казахстан (13. октомври, Скопје). Напаѓачот на Глазгов Ренџерс, Бојан Миовски смета дека овие натпревари се едни од најважните во поновата репрезентативна историја.

„Знаеме против каква репрезентација играме. Веќе сме во последната фаза на квалификациите, а досега покажавме дека знаеме да играме фудбал и затоа се наоѓаме во ваква ситуација. Први сме моментално во групата, имаме гол разлика единаесет два. Ако некој не запрашал претходно дали сакаме да се најдеме во ваква ситуација пред квалификациите, нормално дека бевме задоволни, но работата се уште не е завршена. Знаеме дека не само овој, туку и последните два натпревари против Казахстан и против Велс се едни од најбитните во поновата репрезентативна историја.

Првиот натпревар е против Белгија, а знаеме против каков противник играме. Свесни сме за нивните силни, но и слаби страни. Имаме доста поддршка од навивачите, знаеме дека ќе бидат во голем број, така што мислам дека ќе гледаат одличен фудбал. Белгија е одлична репрезентација, каде што деветдесет отсто од играчите играат во топ петте лиги. Но ние играме како тим, го докажавме тоа“.


Атлетико го доведе директорот на Барса

Еден од најважните луѓе во поновата историја на Барселона, Матео Алемани, од денес е новиот спортски директор на Атлетико Мадрид.

Многумина не знаат и не се свесни што направил Алемани, но тој беше ставен на чело на операцијата во револуцијата што ја спроведе Џоан Лапорта по неговото враќање во клубот во 2021 година.

Алемани доби празна каса, стотици милиони долгови, неможност за купување на пазарот, но и покрај тоа, во текот на следните две и пол години, тој постигна неверојатен успех.

Во првиот преоден рок на функцијата, ги донесе Пјер-Емерик-Обамејанг, Адама Траоре и Феран Торес, а потоа во летото 2022 година ги реализираше сите тие финансиски лостови што овозможија еден од најдобрите преоден рок во историјата на Барса.

Тоа лето, Алемани ги донесе Роберт Левандовски, Рафиња, Жил Кунде, Андреас Кристенсен и Франк Кеси, кои пристигнаа како слободни играчи и Барса ја освои титулата убедливо во истата сезона.

Сепак, во еден момент, на есен 2023 година, имаше несогласување со раководството и Алемани одлучи да си замине, а наместо него беше назначен Деко.

Некогаш соработници, сега ќе бидат ривали, па Алемани од сега ќе биде задолжен за трансфер политика на Атлетико Мадрид.


Хамилтон собори рекорд на Михаел Шумахер

По трката во Сингапур, возачот на Ферари Луис Хамилтон успеа да собори рекорд на Михаел Шумахер.

Седумкратниот светски шампион не мина најдобро на трката за Големата награда на Сингапур, но успеа да го собори рекордот на Михаел Шумахер.

Тој успеа да има најбрз круг на трката и така на 16 години во низа успева барем на една трка годишно да има најбрз круг. Досега рекордот беше за Шумахер, кој исто така го постави како возач на Ферари, на почетокот на овој век кога доминираше во формула 1.

Хамилтон на трката во Сингапур беше рангиран на крајот на осмото место.


У21 селекцијата ги започна подготовките за октомврискиот двомеч

Репрезентацијата на Македонија до 21 година ги започна подготовките за претстојните натпревари од октомврискиот циклус на квалификациите за пласман на Европското првенство 2027 година.

На 10. октомври, во рамки на третото коло, нашата селекција во Битола на стадионот „Петар Милошевски“ ќе ја пречека репрезентацијата на Ерменија, додека на 14 октомври во Тузи ќе гостува кај Црна Гора. Селекторот на нашата репрезентација, Горан Станиќ поради повреда нема да може да смета на двајца фудбалери, Мухамед Елмас од Македонија Ѓ.П. и Џезаир Авдули од Арсими.

Фудбалерот од средниот ред, Теодор Николовски верува дека тимот ќе биде максимално фокусиран на подготовките и натпреварите, смета дека концентрација во завршницата овојпат нема да недостасува.

„Не очекуваат два тешки натпревари против Ерменија и Црна Гора. Максимално сме фокусирани и подготвени за претстојните предизвици. Се надевам дека ќе ги исполниме сите барања на селекторот и стручниот штаб и ќе оствариме позитивен резултат. На претходните два квалификациски меча, и покрај поразите, мислам дека не одигравме лошо. Имавме добри моменти и создадовме неколку сериозни прилики за погодок, но ни недостигаше повеќе концентрација во завршницата. Свесни сме каде погрешивме и верувам дека ќе ги поправиме грешките на следните натпревари“.

Во првите два натпревари Македонија двапати загуби од селекциите на Полска и Италија.


Обезбедена фан-зона за македонските навивачи во Гент

Фан зона за македонските навивачи во Гент

Фудбалската федерација на Македонија ги информира сите навивачи дека пред натпреварот Белгија – Македонија ќе биде организирана официјална фан-зона за македонските навивачи.

Место: Коренмаркт, Гент

Време: 11:00 – 18:00 | 10.10.2025

Фан-зоната ќе биде место на собирање, дружење и заедничка поддршка за репрезентацијата пред почетокот на натпреварот.

ФФМ обезбедува бесплатен организиран превоз за сите навивачи од фан-зоната на Коренмаркт до стадионот и назад. Поаѓање на автобусите: во 18:15 часот.

Навивачите може да ја најдат точната локација на фан-зоната преку QR-кодот на објавениот флаер.

Да ја покажеме македонската поддршка и заедно да создадеме вистинска навивачка атмосфера во Гент.


Гарабаја: Во Лигата на шампионите мораме да играме перфектно шеесет минути

По двата порази по ред против ПСЖ и ГОГ Гудме, македонскиот шампион Еурофарм Пелистер го чека непредвидливо гостување кај првакот на Полска, Висла Плоцк. Дуелот кој се игра в среда од 20:45 часот на теренот на Висла го најавија тренерот Гарабаја и бекот Павле Атанасијевиќ.

Рубен Гарабаја
(тренер на Еурофарм Пелистер)

Играме со Висла Плок, тим кој постојано расте и станува многу посилен. Имаат одлична атмосфера во салата и претставуваат сериозна закана за сите ривали. Играат со висок притисок и неверојатно цврста одбрана која е добро синхронизирана и разноврсна. Мораме да бидеме фокусирани и да не правиме грешки, зашто тие веднаш ќе ја искористат таквата ситуација. Брзи се во нападот и ги казнуваат сите грешки на ривалите. Ова е Лига на шампиони, тука нема простор за импровизации. Играме против најдобрите тимови во Европа и сакаме да освојуваме бодови. Се надевам дека нема да имаме кризен период во играта, како што беше случај на натпреварот со ГОГ Гудме, кога немавме добри солуции цели 15-20 минути. Мораме да одиграме перфектно во текот на целиот натпревар, само така може да се надеваме на позитивен епилог.

Павле Атанасијевиќ
(РК Еурофарм Пелистер)

Се подготвуваме колку што можеме, имаме напорен распоред и три натпревари во само седум дена. Висла е силен противник, кој летово доведе уште подобри играчи во својот ростер, но и минатата година се претставија во одлично светло. Нивното ниво сега е уште повисоко, затоа мораме добро да ги анализираме и да се спремиме соодветно. Малку ја вративме самодовербата после победата над Охрид, таму го прикажавме нашето вистинско лице. Мечот со Вардар е во минатото, сега се фокусираме само на идните предизвици.

Мадс Хансен и Јеспер Мадсен од Данска ќе му судат на шампионот Еурофарм Пелистер во Лигата на шампионите на гостувањето во Плоцк.


Непредвидени проблеми за Куман: Депај го загубил пасошот во Бразил

Холандскиот репрезентативец, Мемфис Депај, останал без пасош и морал да го пропушти собирот пред мечевите од квалификациите за Светското Првенство во 2026 година.

Фудбалерот на Коринтијанс не може да го напушти Бразил бидејќи патната исправа му била украдена. За целата ситуација се огласи селекторот на „лалињата“, Роналд Куман.

„Се надеваме дека тој ќе ни се придружи во кампот што е можно поскоро“ – рече предводникот на Холандија.


Марк Гехи има понуди од сите страни

Фудбалерот на Кристал Палас, Марк Гехи, може да замине во редовите на Баерн Минхен, најавија дел од медиумите.

Сепак, се очекува германците да добијат сериозна конкуренција од Ливерпул и Барселона кои исто така се заинтересирани за Гехи.

Тој според одредени шпекулации може да добие понуда и од Реал Мадрид.


Капинковски сменет, Пелистер ќе добие нов тренер

Maкедонскиот фудбалски прволигаш Пелистер ја информираше јавноста дека ја прекина соработката со досегашниот шеф на стручниот штаб на тимот, Димитар Капинковски.

Иако Пелистер беше во серија на лоши резултати, вчера успеа да освои бод на домашен терен против Шкендија, но и тоа не беше доволно Капинковски да остане на чело на битолскиот клуб.

„ФК Пелистер ја известува јавноста дека се раздели со шефот на стручниот штаб Димитар Капинковски. Клубот му се заблгодарува на Капинковски за ангажманот и прифесионалноста и му посакува успех во понатамошниот тек на кариерата. Во првите девет натпревари Пелистер запиша две победи, еден нерешен резултат и шест порази#, , се вели во соопштението.

Клубот деновиве ќе го промовира новиот шеф на стручниот штаб.