feature

Човиќ прв човек на српската кошарка

Досегашниот прв човек на КК Црвена ѕвезда, Небојша Човиќ, од денеска е претседател на Кошаркарскиот сојуз на Србија. Човиќ ја презеде функцијата од Предраг Даниловиќ, на кого му истече мандатот.

На денешната седница на Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС), Небојша Човиќ беше избран за нов претседател. Резултатот од гласањето беше – 28 гласа „за“ и еден „воздржан“.

„Ви благодарам за довербата. Пред нас е интересен период – олимписки циклус. Треба да го продолжиме континуитетот на Собранието. Ни претстојат квалификации, Европско првенство… Потребно е да создадеме заеднички пристап, без оглед на разликите. Првата задача е да го решиме прашањето за селекторот“, изјави Човиќ, алудирајќи да се продолжи соработката со Светислав Пешиќ.


Клоп даруван со орден за храброст во Германија

Германскиот фудбалски тренер Јирген Клоп, беше одликуван со Федерален орден за заслуги од претседателот на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер, на церемонија во палатата Белви во Берлин.

Клоп беше меѓу 28-те наградени кои добија признание за „исклучителен придонес за вредностите на демократијата“.

Модераторката на настанот го претстави Клоп како добитник на наградата, истакнувајќи дека поранешниот тренер „станал одличен модел за многумина и извонреден фудбалски амбасадор, многу подалеку од светот на спортот“.


Премиер лигата го поништи црвениот картон на Бруно Фернандеш

Премиер Лигата и  одговорните луѓе ја усвоија жалбата на Манчестер Јунајтед и го поништија црвениот картон што го заработи Бруно Фернандес на мечот против Тотенхем.

Португалецот беше исклучен во 42. минута кога судијата Каванаг му покажа директен црвен картон.

Тој негодуваше, стручниот штаб на Јунајтед исто така, но главниот арбитар остана на својата одлука и го испрати во совлекувална.

Поништениот црвен картон значи дека Бруно Фернандес нема да добие суспензија од три натпревари и ќе му биде на располагање на Тен Хаг.


Куртинаитис нов селектор на Литванија

Римас Куртинаитис е назначен за нов селектор на машката кошаркарска репрезентација на Литванија.

Куртинаитис седнува на селекторската клупа на местото на Казис Максвитис, кој поднесе оставка во јули откако не успеа да ја однесе Литванија на олимпискиот турнир во Париз.

Куртинаитис на клупата на Литванија ќе дебитира во ноември на натпреварите против Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство во 2025 година.

Македонија на 21 ноември ја пречекува Литванија, а реваншот е на програмата на 24 идниот месец.


Сити го израмни рекордот на Јунајтед во Лигата на шампионите

Откако Манчестер Сити го совлада Слован Братислава со 4-0 во второто коло од групната фаза на Лигата на шампионите, „граѓаните“ го израмнија рекордот на градскиот ривал Манчестер Јунајтед за најдолга серија без пораз во историјата на Лигата на шампоните, кој изнесува 25 натпревари.

Во последните 25 натпревари во Лигата на шампионите, Манчестер Сити победил 17 пати и забележале 8 нерешени. Последен пат Манчестер Сити загуби од Реал Мадрид во полуфиналниот реванш во сезоната 2021/2022.

Минатата сезона Сити повторно беше исфрлен од „кралевите“, но ова беше по две нерешени средби и изведување пенали, што значи дека во рамките на регуларното време на игра на најпрестижното европско клупско натпреварување, избраниците на Пеп Гвардиола не го почувствувале поразот во последните две години и пет месеци.


Балотели пред потпис со шпански третолигаш

Марио Балотели наскоро би можел да игра фудбал во шпанската трета лига.

Балотели во кариерата го носеше дресот на: Милан, Ливерпул, Олимпик Марсеј, а негов последен клуб беше Адана Демирспор од Турција. Според последните информации на „АС“ Италијанецот кој е без клуб преговара со клубот Интереси кој се натпревара во третата шпанска лига.

Преговорите за „АС“ ги поврдиле извори од клубот и наводно тие одат во добра насока. Балотели во претходните денови се поврзуваше и со трансфер во Бугарија во екипата на ЦСКА Софија, но очигледно од тоа нема да има ништо.


Лука Вицке потпиша за Рајн Некар Левен

Германскиот ракометар Лука Вицке, најверојатно својата кариера ќе ја продолжи во редовите на Рајн Некар, пренесуваат германските медиуми.

25-годишниот ракометар е член на Лајпциг, а во редовите на „лавовите“ би бил замена за младиот Јури Кнор, кој од следната сезона ќе игра за Алборг.

За сениорската репрезентација на Германија настапува од 2021 година.


Јовиќ бара уште една шанса за докажување во Милан

Фудбалерот, Лука Јовиќ, нема желба да го напушти тимот на Милан иако неодамна се појавија шпекулации дека напаѓачот може да си замине во јануарскиот трансфер период.  

Реално гледано, 26-годишниот интернационалец од Србија има мала минутажа кај тренерот, Фонсека, кој главно го држи на клупата за резерви.

Во меѓу време се појавија информации дека за потписот на Јовиќ се заинтересирани неколку екипи од Турција.


Ако добие отказ Тен Хаг ќе биде побогат за 17,5 милиони фунти

Раководството на Манчестер Јунајтед ќе треба да исплати отштета од околу 17,5 милиони фунти на менаџерот Ерик тен Хаг доколку одлучи да го отпушти Холанѓанецот.

Интересно, оваа сума е околу половина од она што „црвените ѓаволи“ го заштедиле по отпуштањето на 250 свои вработени во обид да ги намалат непотребните трошоци.

„Отпуштањето на Тен Хаг во јуни ќе ги чинеше Јунајтед околу 10 милиони фунти. Да го направат тоа сега, по едногодишното продолжување на договорот, ќе чини околу 17,5 милиони фунти. Ова е речиси половина од сумата што клубот ја заштеди со отпуштањето на 250 вработени“, објавија медиумите на Островот.

Манчестер Јунајтед доживеа нов понижувачки пораз во неделата, кога загуби од Тотенхем со 0-3 на домашен терен, што предизвика нов бран на шпекулации за иднината на менаџерот.


ФИФА го суспендираше Самуел Ето

Некогашниот камерунски фудбалер Самуел Ето се најде во фокусот на јавноста поради заканите кои им ги испраќаше на селекторите на различни камерунски репрезентации, но сега е казнет од ФИФА поради недолично однесување на Светското првенство за жени до 20 години.

Според објаснувањето на светската Федерација, Ето го прекршил ФИФА кодексот според две точки со своите погрдни зборови за противниците и официјалните лица на натпревар на мундијалот, а во дадениот случај станува збор за осминафиналето меѓу Бразил и Камерун.

Ето ја прелил чашата на толерантност кај ФИФА и со своето некултурно однесување предизвика реакција од дисциплинците, кои денеска соопштија дека Самуел е суспендиран во период од шест месеци.