feature

Челзи го позајми Аксел Дисаси во Астон Вила

Раководството на Астон Вила официјално го објави потписот на централниот дефанзивец Аксел Дисаси од Челзи. Францускиот дефанзивец ќе игра на „Вила Парк“ како позајмен до крајот на сезоната.

Трансферот помеѓу Астон Вила и Челзи беше финализиран во последните минути од зимскиот трансфер период.

Сериозен интерес за Дисаси имаше и од Тотенхем, но самиот играч повеќе сакаше да потпише со екипата од Бирмингем.

Договорот на играчот со Астон Вила не вклучува опција за негов откуп, што значи дека дефанзивецот сигурно ќе се врати на „Стемфорд Бриџ“ на крајот од сезоната.


Големо засилување за Тотенхем, потпиша со Тел од Баерн

Напаѓачот на Баерн Минхен, Матис Тел и официјално му се приклучи на англискиот клуб Тотенхем во последните часови од зимскиот преоден рок.

19-годишниот Французин оди на позајмица во лондонскиот клуб до крајот на сезоната. Договорот вклучува опција за откуп по истекот на периодот на позајмица. Во екипата на Тотенхем играчот ќе го носи дресот со бројот 11.

Според познатиот спортски новинар Фабрицио Романо, Тотенхем на лето ќе може да го купи напаѓачот за сума од 60 милиони евра.

Оваа сезона Тел одигра 14 натпревари во сите натпреварувања, на кои има само една асистенција. Првично, тој одби да им се приклучи на лондончани, но со оглед на малата минутажа што ја добива, реши да го направи овој потег.


Јован Манев си замина од Адана Демирспор

Македонскиот стопер Јован Манев ќе има нов клуб, затоа што си замина од редовите на турска Адана Демирспор чии бои ги бранеше во изминатите три години.

24-годишникот беше дел од Адана од 2022 година, во меѓувреме имаше една позајмица во Осијек. Сепак, тој се заблагодари на тимот и на раководството, па тргнува во нов предизвик. Манев ќе продолжи во Хрватска, каде прави трансфер во Ријека.

Манев во кариерата играше уште и за Осогово и за Брегалница од Штип. За сениорскиот тим на Македонија има седум настапи и еден постигнат гол.


Сигурдсон потврди дека останува селектор на Хрватска

Селекторот на хрватската ракометна репрезентација Дагур Сигурдсон потврди дека ќе остане на клупата и по освоеното сребро на Светското првенство кое заврши синоќа.

Исландскиот стручњак за краток период успеа да го заживее хрватскиот ракомет. Сигурдсон со подмладен и прилично ослабен тим успеа да стигне до финалето на Светското првенство.
Хрватска синоќа доживеа очекуван пораз од селекцијата на Данска која во моментов е неспоредлива во светот. Заврши со резултат 32:26, ​​но Хрватите немаат за што да жалат.

Сигурдсон по натпреварот во изјава за РТЛ откри дека ќе остане на хрватската клупа. Тој вели дека пристигнал за да ги врати Каубојците на врвот и дека е чекор поблиску до тоа.

„Дојдов да ги вратам овие емоции и енергија. Се преродив и многу сум среќен. Дојдов да се обидам да го вратам тимот на врвот и речиси стигнавме до врвот. Сега треба да се концентрираме на тоа да имаме најдобриот тим на Олимпијадата“, вели Сигурдсон и додава:

„Останувам. Не беше ни прашање. Убаво е, се чувствувам добредојден и го сакам овој тим и духот“, додава исландскиот стручњак.

Сигурдсон стана првиот странски тренер во историјата на Хрватска во февруари минатата година. Тој успеа да го однесе тимот на Олимписките игри во Париз, но тие не успеаја да го минат четвртфиналето.


Алжирецот Али Регба од Работнички се сели во Марибор

Најдобриот играч на Работнички во првиот дел од сезоната, Али Регба, кариерата ќе ја продолжи во Марибор.

Марибор ја доби трката со ТСЦ од Бачка Паланка за потписот на Алжирецот со ирски пасош. Српскиот клуб на Работнички му понудил 50.000 евра, а Марибор три пати поголема сума.

Регба е најзаслужен за добрите резултати на Работнички во есенскиот дел од сезоната, постигна седум гола и забележа пет асистенции.

Регба во Работнички пристигна минатиот февруари.


Челзи го испрати Жоао Феликс на позајмица во Милан

Милан постигна договор со Челзи за позајмица на Жоао Феликс, пренесува Танзи Лоик, новинар на „Лекип“.

Португалскиот напаѓач со денови се поврзуваше со трансфер во Милан, а како што стојат работите, двата клуба постигнаа договор на истекот на преодниот рок. Феликс ќе го напушти Челзи по само шест месеци, откако му се приклучи на англискиот клуб минатото лето од Атлетико Мадрид. „Сините“ на Атлетико му платија 52 милиони евра за трансферот на Португалецот.

Донесен како големо засилување, Феликс не успеа да му се напетне кај тренерот Енцо Мареска. Во Премиер лигата речиси и да не играше, место во тимот имаше само во Лига купот и Конференциската лига.

Феликс има договор со Челзи до јуни 2030 година. Позајмицата Милан ќе ја плати пет милиони евра. Во договорот не постои клаузула за откуп на договорот.

Феликс кариерата ја започна во Бенфика, во 2019 година се пресели во Атлетико за клупски рекорд од 126 милиони евра. Не ги оправда вложените пари, па Атлетико го испраќаше на позајмици во Челси и Барселона.


Димовски го засили белградски Партизан

Партизан би можел да потпише со македонскиот репрезентативец Бојан Димоски.

Левиот бек од рускиот клуб Акрон би можел да пристигне во Белград на позајмица, со опција за откуп од 200.000 евра.

Преговорите меѓу двата клуба се во завршна фаза, пишува српски „Телеграф“.

Димоски е во Русија од летото 2023 година, а претходно играше една сезона во Вардар и три во Академија Пандев.

За репрезентацијата на Македонија досега има одиграно 18 натпревари.


Гевгелија домаќин на завршницата на Купот на Македонија во кошарка

Завршниот турнир во Купот на Македонија ќе се одржи воГевгелија во организација на КК Кожув.

Турнирот во машка и женска конкуренција ќе се одигра во период од 13 до 15 февруари 2025 година, во спортската сала „26 април“ во Гевгелија.

Во четвртфиналето во машка конкуренција ќе се соочат тимовите на:

ТФТ – Гостивар
Пелистер – Чаир
МЗТ Скопје – Работнички
Куманово – Кожув

Во полуфиналето на женскиот дел од турнирот ќе играат:

Крива Паланка – Вардар
Баскет Кам – Бадел


Милевски: Впечатоците од натпреварите на мак-екипите во Анталија се многу позитивни

Селекторот на нашите најдобри фудбалери, Благоја Милевски, имаше можност во изминатите денови да ги следи настапите на нашите екипи во Анталија во рамките на подготовките за вториот дел од сезоната.

„Впечатоците од мечевите на македонските екипи во Анталија се навистина позитивни. Помалку изненадувачки, очигледна беше разликата во ритамот на фудбалерите во однос на домашното првенство. Видовме нова енергија, тимски дух, добар ритам и желба за докажување. Се надевам дека тоа ќе го пренесат и на натпреварите од МФЛ“ – рече Милевски за сајтот на ФФМ.

„Тоа е нешто што се бара во модерниот фудбал. Тоа беа средби без резултатско значење но, сепак даваат одредена слика за квалитетот на екипите и индивидуалните карактеристики на фудбалерите. Продолжуваме да ги следиме сите фудбалери за кои веруваме дека имаат репрезентативен потенцијал“ – беа зборовите на Милевски.


Чилвел замина од Челзи и потпиша за Кристал Палас

Левиот бек на Челзи, Бен Чилвел го напушти клубот, се пресели на позајмица до крајот на сезоната во Кристал Палас.

Чилвел пристигна во Челси во 2020 година како големо засилување од Лестер за 50 милиони евра. Се покажа како многу моќно офанзивно оружје. Но, проблемите со повредите му ја затворија вратата на „Стемфорд Бриџ“.

Веднаш штом Енцо Мареска го презеде Челзи, јасно стави до знаење дека не смета на Чилвел. Левиот бек нема одиграно ниту една минута оваа полусезона во Премиер лигата, одигра само еден натпревар во Лига купот.

Конечно, ситуацијата околу Чилвел е решена. Тој ќе игра во Кристал Палас како позајмен до крајот на сезоната. Останува само да ги мине лекарските прегледи.