фудбал

Без Миовски, Атанасов и Трајковски во Даблин

Македонската фудбалска репрезентација денеска на тренинг центарот “Петар Милошевски” ги продолжува подготовките за гостувањето во Даблин, каде на 31. март ќе се соочи со Република Ирска.

Во пресрет на натпреварот, селекторот Гоце Седлоски се соочува со неколку предизвици, додека дел од одлуките околу почетниот состав од претходниот натпревар против Данска отворија и одредени реакции во тимот.

Коњаспор и кинески Далиан, клубовите на Енис Барди и Исник Алими, официјално побараа двајцата репрезентативци да бидат ослободени од репрезентативните обврски, но Барди и Алими имаат јасен став дека сакаат да останат и бидат дел од националниот тим и ќе конкурираат за настап на дуелот.

Од друга страна, напаѓачот Бојан Миовски, по барање на Глазгов Ренџерс, но и со согласност од самиот фудбалер, е ослободен од обврските и веќе ја напушти репрезентативната база.

Дополнителен хендикеп за стручниот штаб претставува и повредата (адуктор) на Јани Атанасов, кој по направените медицински прегледи (магнетна резонанца) нема да биде во можност да настапи на натпреварот во Даблин.

Седлоски се осврна и на ситуацијата со Александар Трајковски и Бојан Миовски по натпреварот со Данска, потенцирајќи дека одлуките биле донесени исклучиво врз основа на натпреварувачката форма и тактичките барања.

„Александар Трајковски не беше задоволен што не започна во првиот состав, но во овој момент сметам дека физички не е на нивото потребно за да одговори на барањата на ваков натпревар. Нашиот план беше, доколку има потреба, Трајковски да добие шанса во завршницата, но текот на натпреварот не го наложи тоа. Нема причина некој да се чувствува навреден. Слична беше ситуацијата и со Бојан Миовски, кој исто така не беше задоволен што не започна, но мора да се прифати дека во репрезентацијата има 23 фудбалери и никој нема загарантирано место во почетниот состав“, изјави Седлоски.


Луис Енрике го одби Јунајтед за да остане во Париз

Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, ја отфрлил понудата да седне на клупата на Манчестер Јунајтед и ќе потпише нов договор со актуелниот европски првак, објави денеска лондонскиот весник „The i Paper“. Јунајтед наводно ја разгледувал можноста 55-годишниот шпански стратег да го преземе клубот од „Олд Трафорд“, но, според весникот, Енрике сака да остане во клубот од Париз.

Јунajтед во јануари му врачи отказ на Португалецот Аморим и за привремено решение на тренерското место го назначи Мајкл Карик, кој има договор до крајот на актуелната сезона.

На седум кола до крајот на премиерлигашката сезона, Манчестер јунајтед е третопласиран на табелата со 55 бодови.


Реал не го сака Родри, Шпанецот ќе остане во Сити

Плановите на Реал Мадрид за евентуален трансфер на Родри остануваат непроменет и шпанскиот фудбалски гигант, засега, нема намера да го ангажира играчот од средниот ред на Манчестер Сити, објави денеска весникот АС.

Шпанскиот репрезентативец претходно во интервју изјави дека не ја исклучува можноста за таков трансфер: „Фактот што играв за Атлетико не ме спречува да му се приклучам на Реал Мадрид. Не можете да ги одбиете најдобрите клубови во светот – и други го избраа овој пат.“, изјави 29-годишниот Родри.

Според АС, раководството на Реал Мадрид сè уште не го гледа Родри како опција за евентуално засилување на средниот ред, бидејќи клубот има други цели во летниот трансфер за оваа позиција. Родри има договор премиерлигашот со Манчестер Сити до лето 2027 година.


Клоп му го нуди Диоманде на РБ Лајпциг

Поранешниот тренер на Ливерпул, Јирген Клоп ги советува „црвените“ да го ангажираат Јан Диоманде како замена за Мохамед Салах.

Мохамед Салах летоска ќе го напушти „Енфилд“ па Ливерпул крои планови кој ќе го наследи репрезентативецот на Египат.

Последните информации велат дека Јурген Клоп може да одигра клучна улога, поранешниот тренер на „црвените“ дал совет да биде купен Јан Диоманде.

Јирген Клоп, кој е глобален ше за фудбал на „Ред Бул“, од прва рака знае со каков талент располага Јан Диоманде, младото момче блеска оваа сезона во дресот на РБ Лајпциг и за кратко време се најде во бележникот на сите гиганти ширум Европа.

Останува да се види дали Ливерпул ќе го послуша Јирген Клоп или пак ќе се насочи на некоја друга цел, листата е долга со имиња како Бредли Баркола од ПСЖ, Морган Роџерс од Астон Вила, Ентони Гордон од Њукасл, Илиман Ндиај од Евертон, Мајкл Олисе од Баерн Минхен и Квича Кварацхелија од ПСЖ.


Сити ги сака Тонали и Андресон како замена за Бернардо Силва

„Граѓаните“ нема да штедат за да донесат квалитетни засилувања за средниот ред и се подготвени да инвестираат околу 190 милиони фунти за ангажман на Сандро Тонали од Њукасл и Елиот Андерсон од Нотингем Форест.

Манчестер Сити летоска ќе го реконструира средниот ред, Бернардо Силва се очекува да замине откако ќе му заврши договорот на 30. Јуни, а на излезна врата може да се најде и Родри.

Па „граѓаните“ сакаат да донесат квалитетни засилувања и последните информации велат дека клубот од „Етихад“ е подготвен да инвестира околу 190 милиони фунти за ангажман на Сандро Тонали од Њукасл и Елиот Андерсон од Нотингем Форест.

Интересно, двајцата фудбалери се наоѓаат и во бележникот на Манчестер јунајтед за засилување на тимот за следната сезона, па со овој потег, Манчестер Сити ќе му зададе удар на лутиот градски ривал.


Маркињос сака да ја заврши кариерата во Коринтијанс

Маркињос, дефанзивец на Пари Сен Жермен, изјави дека враќањето во Бразил е голема можност по неговото завршување на кариерата во Европа, потенцирајќи го својот избор – Коринтијанс. Да потсетиме, овој стопер потекнува од овој клуб, кој го напушти во 2012 година, со само 18 години, и се пресели во Рома.

Дефанзивецот зборуваше за својата иднина, објаснувајќи дека неговиот договор со парижаните важи до јуни 2028 година, што значи дека враќањето во бразилскиот фудбал би можело да се случи кога ќе има 33 години, во период кога би се чувствувал во полна физичка и техничка форма.

Маркињос ја подвлече важноста на враќањето на високо ниво, особено поради притисокот што за него носи играњето во татковината.

„Имам уште две години договор со ПСЖ и ќе видиме што ќе се случи. Ако еден ден се вратам во Бразил, сакам да се вратам во добра форма. А таму притисокот е голем, особено во тимот во кој би сакал да се вратам, а тоа е Коринтијанс. Тоа е клубот на моето срце, таму пораснав. Но не можам да се вратам кога веќе сум ‘заминат’ – изјави дефанзивецот.

Да потсетиме, неговиот престој во првиот тим на Коринтијанс беше краток. Играчот беше продаден на Римјаните откако одигра само 15 официјални натпревари за клубот од каде што потекнува, во кои забележа една асистенција. Најголемиот трофеј кој го освои во клубот беше во младинските категории, каде ја освои Купинија во 2012 година. И покрај краткиот престој, љубовта кон клубот останува ненарушена.

Ако еден ден се вратам во Бразил, Коринтијанс сигурно ќе биде приоритет. Тоа е клуб кој ми ги отвори вратите, каде сè започна. Имам огромна љубов и навистина би сакал повторно да го носам тој дрес“, заклучи тој.


Јуве го сака Левандовски од следната сезона

Роберт Левандовски од лето би можел да стане слободен играч, а сериозен интерес за негов ангажман покажува Јувентус.

Претседателот на торинскиот клуб, Дамиен Комоли, веќе отпатувал во Полска на разговори со искусниот напаѓач, кој е трет стрелец во историјата на Лигата на шампионите.

„Старата дама“ има сериозни проблеми во нападот оваа сезона. И покрај инвестициите, очекуваниот ефект изостана. Џонатан Дејвид не ги оправда очекувањата, а Душан Влаховиќ имаше проблеми со повреди.

Во Торино веруваат дека токму Левандовски може да биде решението, а доколку трансферот се реализира, интересно ќе биде да се види како ќе функционира во тандем со Влаховиќ и во наредната сезона.


Хоџсон по 44 години пак ќе седне на клупата на Бристол Сити

Англискиот тренер Рој Хоџсон повторно се враќа од пензија и на 78-годишна возраст го презеде тимот на Бристол Сити во Чемпионшип.

Искусниот стратег потпиша договор до крајот на сезоната, заменувајќи го Герхард Штрубер, а ова за него претставува враќање во клубот кој го водеше уште во 1982 година.

Бристол Сити по 39 одиграни кола се наоѓа на 16-тата позиција на табелата и на пет натпревари до крајот нема реални шанси за пласман во плеј-офот, но ниту е загрозен од испаѓање.

За Хоџсон, ова е нов предизвик по последниот ангажман во Кристал Палас во сезоната 2023/2024.


Сериозно се повреди најдобриот стрелец на Стразбур

Водечкиот стрелец на француското првенство, 23-годишниот напаѓач на Стразбур, Хоакин Паничели, заработи повреда на коленото за време на тренинг со аргентинската репрезентација пред пријателскиот натпревар против Мавританија.

Повредата доаѓа нешто повеќе од два месеци пред почетокот на Мундијалот, па постои ризик Паничели да го пропушти Светското првенство, на кое Аргентина ќе ја брани титулата.

„Хоакин Паничели се здоби со повреда на десното колено, а сериозноста ќе биде утврдена по дополнителни прегледи“, соопшти Фудбалската федерација на Аргентина.

Локалните медиуми наведуваат дека постои сомнеж за скинати вкрстени лигаменти, што би го оддалечило голгетерот од терените за подолг период.

Паничели дебитираше за националниот тим во ноември минатата година, а ова не е првпат да се соочи со слична повреда бидејќи во 2023 година беше надвор од игра шест месеци поради ист проблем кој би можел сега да се потврди


Шпанија пресилна за Србија, два еврогола на Ојарзабал

Шпанија со 3-0 ја победи Србија во натпревар на кој се истакна Ојарзабал, Швајцарија и Германија одиграа луд натпревар со шест гола на кој блескаше Флоријан Вирц.

Репрезентациите кои обезбедија настап на мундијалот го користат мартовскиот прозорец за финализирање на тимот и темпирање на формата, па на програмата денеска имаше неколку интересни дуели.

Шпанија со 3-0 ја доби Србија во меч на кој се истакна Ојарзабал со два гола, особено атрактивен беше вториот, кога од врвот на шеснаесетникот биеше неодбранливо.

Швајцарија и Германија одиграа луд натпревар со дури седум погодоци. Домаќините водеа во два наврати во првото полувреме, но „панцерите“ веднаш одговараа, за во вториот дел и да поведат со страшниот гол на Вирц, кој од работ на шеснаесетникот маестрално пласираше во аголот за 2-3.

Монтеиро изедначи на 3-3 на десет минути пред крајот, но Вирц повторно стапи на сцена и во 85. минута од место пласираше во аголот за 3-4.

Холандија со 2-1 ја доби пресметката против Норвешка, а Англија и Уругвај одиграа 1-1, гостите во последната минута од пенал му ги поматија сметките на „гордиот албион“.