фудбал

Тен Хаг изби како прв фаворит за клупата на Манчестер Јунајтед

Манчестер Јунајтед по се изгледа го стави тренерот на Ајакс, Ерик тен Хаг на врвот на листата на потенцијални кандидати за местото менаџер на клубот следната сезона.

Англискиот клуб веќе влегол во контакт со тренерот на Ајакс. Клубот направи анализа на ситуацијата во која сега се наоѓа Тен Хаг и е решен нему прв да му понуди можност да го преземе клубот во јуни.

Претходно беше објавено дека Тен Хаг навистина сака да го води Манчестер Јунајтед, но најпрво сака добро да го научи англискиот јазик.


Интер бара Аргентина да ги ослободи Лаутаро и Кореа од мартовските натпревари

Првите луѓе на Интер ќе побараат од Аргентинската фудбалска федерација да ги изостави репрезентативците, Лаутаро Мартинез и Хоакин Кореа за квалификациските мечеви против Венецуела (26 март) и Еквадор (30 март).

Италијанците се определија за такво барање бидејќи „гаучосите“ имаат обезбедено место на СП а „нероаѕурите“ ги чека дерби со Јувентус на 3 април веднаш по паузата за репрезентативните активности.

Италијанскиот тим сака Мартинез и Кореја да бидат максимално подготвени за да настапат против „старата дама“. Тоа може да биде решавачки меч за титулата во Серија А.


Лоши вести за Гвардиола и Сити – Рубен Дијаз го чека подолга пауза

Дефанзивецот на Манчестер Сити, Рубен Дијаз, поради повреда ќе биде надвор од терените помеѓу четири и шест недели.

Оваа вест ја потврди тренерот на екипата, Пеп Гвардиола, кој истакна дека 24 годишниот Португалец, повредата ја заработи на натпреварот од ФА купот против тимот на Петерборо.

После деталните медицински прегледи стана јасно дека Дијаз го чека подолга пауза. Неговото отсуство ќе претставува голем проблем за актуелниот шампион на Англија, пред наредните дуели во Премиер лигата, особено пред градското дерби со Манчестер Јунајтед кое се игра во недела.


Тухел: Челзи е совршено место за мене

Тренерот на Челзи, Томас Тухел, нема никакви дилеми околу останувањето на тренерската позиција во екипата и покрај желбата на сопственикот Роман Абрамович да го продаде клубот.

Абрамович веќе најави дека си заминува од клубот чиј сопственик е од 2003 година. За купување на Челзи веќе се појавија неколку заинтересирани купувачи, меѓу кои швајцарскиот милијардер Хансјерг Вис и американскиот инвеститор Тод Бели.

„Неколку пати досега истакнав дека обожавам да работам во Премиер лигата. Ја сакам Англија и ја осеќам нејзината фудбалска традиција на секој чекор. Ова е совршено место за мене и посакувам да останам уште многу долго“, изјави Тухел.


Де Врај сака промена, Тотенхем спремен да достави понуда

Стефан де Врај би можел да ја продолжи кариерата во англиската Премиер лига. Тотенхем е заинтересиран за услугите на 30-годишниот играч и ќе направи се, ова лето да го донесе во Лондон.

Според информациите, англискиот клуб е подготвен да му понуди на играчот 4-годишен договор со плата од 6,5 милиони евра по сезона. Италијанскиот клуб може да го продаде дефанзивецот за сум од 25 до 30 милиони евра.

30-годишниот Де Врај игра во актуелното италијанско првенство од 2018 година, а има договор со „нероаѕурите“ кој му истекува следната година.


Париз Сен Жермен заинтересиран за Сергеј Милинковиќ – Савиќ

Иако во моментов, најголем приоритет на ПСЖ е обидот да го задржи Килијан Мбапе во екипата, сепак челниците на клубот размислуваат и околу потенцијални засилувања за летниот период.

Според француските медиуми, една од главните трансфер мети на парижаните ќе биде фудбалерот на Лацио, Сергеј Милинковиќ – Савиќ.

Српскиот играч од средината на теренот игра во одлична форма оваа сезона и веќе интерес за него покажуваат Јувентус, Атлетико Мадрид и Манчестер Јунајтед.

Како опција за негово доведување во ПСЖ, спортскиот директор Леонардо, освен потребната сума за обештетување би можел да вклучи и некои играчи кои би заминале во Лацио, како Вајналдум или Дракслер.


Бундеслигата нема да суспендира фудбалери од Русија и Белорусија

Воената инвазија на Украина скапо ја плаќаат руските и белоруските спортисти кои веќе се казнети на повеќе полиња. Тимовите и репрезентациите на овие земји се суспендирани од различни спортови.

Сепак, Бундеслигата го одби ваквото барање. Германската лига соопшти дека нема намера да ги суспендира руските и белоруските спортисти кои играат во нивните клубови иако инвазијата врз Украина од страна на Русија трае неколку денови.

Покрај фудбалската Бундеслига на таков потег се решија, ракометната, одбојкарската и хокеарската лига. Според нив нема потреба да се казнуваат спортистите поради политичката ситуација во Украина.


Фаворитите се избегнаа во четвртфиналето на ФА Купот

Синоќа со ждрепка беа одредени и двојките за следната, четвртфинална рунда од англискиот ФА Куп. Ждрепката сакаше дел од најголемите фаворити за трофејот, сепак, да се избегнат во оваа фаза од натпреварувањето.

Шампионот Манчестер Сити ќе има тешко гостување кај Саутемптон, а челзи ќе му гостува на Мидлсброу.

Четвртфинале:

Кристал Палас – Евертон

Нотингем Форест / Хадерсфилд – Ливерпул

Мидлсброу – Челзи

Саутемптон – Манчестер Сити

Натпреварите од оваа фаза ќе се одиграат на 19-20 март.


Украина побара одложување на баражот за пласман на СП во Катар

Фудбалскиот сојуз на Украина и официјално побара од ФИФА, одложување на нивното учество во баражот за пласман на Светското првенство во Катар.

Според претходно зацртаното, репрезентацијата на Украина својот полуфинален бараж против Шкотска треба да го одигра на 24 март во Глазгов.

Од ФИФА информираат дека ќе извршат консултации со сите страни и ќе биде одлучено кога и на кој начин ќе се одиграат натпреварите.

Подобриот од дуелот Украина и Шкотска, за пласман на првенството ќе се сретне со победникот од натпреварот помеѓу Велс и Австрија.


УЕФА го менува форматот на Лигата на шампиони

Европската фудбалска унија како против одговор на обидот за формирање на Суперлигата, реши да го промени форматот на кој во иднина ќе се одвива Лигата на шампиони.

Најавените промени ќе започнат од сезоната 2024/2025, и според новиот формат во ЛШ ќе настапуваат 36 екипи и истиот ќе наликува на кошаркарската Евролига.

Натпреварувањето ќе ја укине групната фаза, ќе се настапува по лигашки систем, а секој тим ќе одигра 10 натпревари против различни екипи, пет како домаќин и пет како гостин.

Со новиот систем на натпреварување од почетокот до самото финале ќе се одиграат неверојатни 225 натпревари, во истите термини како и досега.