Манчини изненади со пописот за Европското првенство
Роберто Манчини во ударен термин на италијанската телевизија Раи го објави списокот на играчи кои ќе ги води на Европското првенство.
Претходно, Манчини ги започна подготовките со 28 фудбалери и се веруваше дека двајца ќе испаднат од тој список, но италијанскиот селектор ја изненади јавноста и отфрли тројца играчи, како би створил место за напаѓачот на Сасуоло, Џакомо Распадори. Манчини од списокот ги отфрли Џанлука Манчини, Матео Песина и Матео Политано.
„Оваа репрезентација е создадена по дебаклот на Светското првенство 2018. година. Има многу млади играчи во екипата, имавме среќа да не пратат добри резултати и тоа ни помогна да создадеме вака позитивна атмосфера околу нас.“ – вели Манчини.
Премиер лигата почнува на 16 август со новата сезона
Новата сезона во најквалитетната англиска лига ќе стартува на 16 август, или еден месец после завршување на Европското првенство.
Еден месец претходно, на 16 јули ќе биде објавен распоредот на натпреварите.
Од Премиер лигата потврдија дека летниот преоден рок се враќа на стариот систем и ќе трае од 9 јуни до 31 август.
Титулата во следната натпреварувачка сезона ќе ја брани Манчестер Сити.
Ѕвездите на Сити главни кандидати за фудбалер на сезоната во Англија
Англиската Премиер лига на својата веб-страница го претстави списокот на играчи номинирани за наградата за најдобар млад играч во изминатата сезона.
Кандидати се играчот за врска Фил Фоден и дефанзивецот Рубен Дијас (двајцата Манчестер Сити), напаѓачот Доминик Калверт-Левин (Евертон), голманот Илан Меслиер (Лидс), играчот за врска Мејсон Маунт (Челзи), напаѓачот Маркус Рашфорд (Манчестер Јунајтед), дефанзивецот Деклан Рајс (Вест Хем) и играчот за врска Букајо Сака (Арсенал).
Премиер лигата објави и список на претенденти за најдобар играч во сезоната, вклучувајќи ги Кевин Де Бруин, Рубен Дијас, Бруно Фернандеш, Џек Грилиш, Хари Кејн, Мејсон Маунт, Мохамед Салах и Томас Сучек.
Гринвуд го пропушта Европското првенство
Напаѓачот на Манчестер Јунајтед, Мејсон Гринвуд, ја напушти селекцијата на Англија која се подготвува за настап на Европското првенство.
Прес-службата на „Гордиот албион“ објави на социјалната мрежа -„Твитер“ дека 19-годишниот фудбалер се соочува со стара повреда и затоа ќе мора да го пропушти континенталниот собир. Гринвуд беше вклучен во поширокиот состав на репрезентацијата на Англија за Европското првенство.
Конечниот список ќе биде објавен денеска. Англичаните во групната фаза ќе играат со селекциите на Хрватска, Чешка и Шкотска.
Лукаку е МВП на сезоната во Серија А
Белгискиот напаѓач на Интер, Ромелу Лукаку е изгласан за најдобар играч во Серија А изминатата сезона, откако помогна „нераѕурите“ да стигна до своето 19-то скудето, прво од далечната 2010 година.
28-годишниот Лукаку постигна 30 голови за Интер оваа сезона и додаде 11 асистенции, за тимот на Антонио Конте да стави крај на доминацијата на Јувентус од 9 години. Конте замина од тимот по најавите за кратење на буџетот на неговиот тим, но новиот тренер Симоне Инзаги му најавил лично на Лукаку дека тој останува клучниот играч во тимот.
„Господ е голем! Голема благодарност до моите соиграчи и до Антонио Конте и неговиот тим. Ова е за фановите на Интер кои не поддржуваа оваа сезона“, напиша Лукаку на Твитер.
Раниери најголем кандидат за преземање на клупата на Лил
Францускиот шампион Лил е во потрага по нов тренер по заминувањето на Кристоф Галтие, кој работеше во клубот во изминатите 4 години.
Според дел од француските медиуми, раководството на Лил ја разгледува кандидатурата на Клаудио Раниери, кој минатата сезона беше на клупата на Сампдорија.
Раниери по завршувањето на сезоната, иако го освои 9. место во Серија А најави дека неговата работа на „Мараси“ е завршена. Засега тој е без нов ангажман, но по се изгледа наскоро ќе почне преговори со Лил.
Халанд ја откри тајната на неговиот успех
Напаѓачот на Борусија Дортмунд, Ерлинг Халанд направи огромен физички напредок откако пристигна во германскиот клуб од РБ Салцбург, и тоа е дел од причината за неговата одлична напаѓачка форма. Само оваа сезона, 20-годишниот норвешки репрезентативец одигра 41 натпревар за Дортмунд и постигна ист број на погодоци.
Халанд вели дека неговиот напредок може да се припише на намерно зголемување на телесната тежина. Тој е целосно посветен на обука и здрав начин на живот.
„Ако го погледнете моето тело, ако ги погледнете моите нозе, ќе видите дека многу се сменив. Јас сум сосема поинаков. Станав вистински маж и станав побрз. Ако ме прашате, тоа е една од најважните работи. Јас ја зголемив мојата тежина од 86 на 94 килограми, но тоа не е пивски стомак, туку чиста мускулна маса.“ – рече Халанд, додавајќи дека е многу внимателен за неговата исхрана.
Барса го врати Ерик Гарсија во своите редови
По Серхио Агуеро, Барселона денеска и официјално објави уште едно ново засилување. Утрово од клубот го потврди враќањето и на младиот Ерик Гарсија. Денеска Барселона и Гарсија ќе потпишат договор за следните пет сезони, до 2025/26, во кој ќе има клаузула за откуп од 400 милиони евра. Ерик Гарсија пристигнува како слободен агент, откако го заврши договорот со Манчестер Сити и ќе биде претставен денеска на „Камп Ноу“.
Двајцата Чилеанци ставени на трансфер листа во Интер
Интер има намера да го растовари платниот список во летниот преоден рок, па затоа почна со „распродажба“ на дел од шампионскиот состав. Први кандидати за продажба се играчот за врска Артуро Видал и напаѓачот Алексис Санчез. „Нероазурите“ веќе ги ставија Чилеанците на трансфер листата и сега чекаат понуди.
Видал добива плата од 6,5 милиони евра, а Санчез 7 милиони евра, што ги прави екстремно скапи за да може да продолжат и следната сезона во Милано. Управата на клубот не е подготвена да продолжи со исплата на високи плати поради финансиската криза и бара начин како да се намалат трошоците.
Овие двајца се само еден дел од оние кои веројатно ќе го напуштат тимот.
ЕУРО 2020 – 15. Шкотска одблиску
Шкотска е дел од првиот фудбалски натпревар во историјата
Фудбалската репрезентација на Шкотска е национална фудбалска репрезентација на Шкотска кој е под водство на Шкотската фудбалска асоцијација. Шкотската фудбалска репрезентација, заедно со репрезентацијата на Англија, е една од најстарите репрезентации на светот. Првиот меѓусебен натпревар на овие две репрезентации е воедно и првиот натпревар одигран помеѓу две национални фудбалски репрезентации. Иако Шкотска се наоѓа во составот на Велика Британија, има сопствена репрезентација која има право да настапува на сите големи натпреварувања освен на Олимписките игри бидејќи Шкотска не е член на меѓународниот олимписки комитет.
Колевката на фудбалот е Шкотска, а не Англија
Денешната приказна за колевката на фудбалот главно почнува од Англија. Но, шкотското влијание во островскиот фудбал е огромно. Иако денес постои голема разлика меѓу клубовите од Англија и Шкотска, низ минатото не било така. Шкотска е земјата со прв британски европски шампион, земјата со прво британско финале, земјата на тренерските магови Пејсли, Ферги, Шенкли, па и без ѕвезди како англиските, има свое место во историјата на играта.
Националната репрезентација првиот дуел го играла во 1872 година и баш против Англија (0-0). Ривалството е толку големо што двете земји играа за британски престиж. Шкотска дури 24 пати го освои ова натпреварување, последен пат 1977 година. Само двапати Шкотска се квалификувала за завршниот турнир на Европско првенство, во Шведска 1992 и во Англија 1996 година и во двата случаи натпреварувањето го завршила во групната фаза. „Келтите“ девет пати играле и на Мундијал, последен пат во Франција 1998 година, но пак не беше остварен планот и не беше минатата групната фаза. Сепак, шкотските фудбалери имаат големи заслуги во трите олимписки злата, освоени меѓу 1900 и 1912 година. Сосема поинаква е приказната кај клубовите, кај стилот, навивачите и приказната дека Шкотите се добри за виски, а не за фудбал. Со текот на времето покажаа дека добри се и за двете работи.
Елиминацијата на Србија голем шкотски подвиг
Србија има зошто да жали во мечот против Шкотска, затоа што во пенал-рулетот загуби откако Александар Митровиќ промаши во последната серија.
По релативно мирното прво полувреме во Белград, Шкотска постигна гол за водство во 52. минута, по што Лука Јовиќ во 90. минута донесе израмнување за Србија и избори продолженија на важниот натпревар за двете екипи.
Во судиското продолженија подобар беше домаќинот, кој создаде шест шанси кон голот на Шкотска, но гостите успеаа да ја зачуваат мрежата. Србија немаше среќа во последната пенал-серија, кога Митровиќ не успеа да реализира од белата точка.