фудбал

Мурињо: Ако Престиани биде казнет за расизам, заврши со мене

Тренерот на Бенфика, Жозе Мурињо, вели дека не му се допаѓа фактот што неговиот играч Престијани претходно беше осуден за расизам. Тој верува дека тренерот на Реал, Алваро Арбелоа требало да заземе неутрална позиција додека не заврши истрагата, исто како што направи и тој.

„Го сакам Алваро и ќе го сакам, но мислам дека го зазедов вистинскиот став. Зборував на темата по нивните изјави и обвинувања против Престијани“, рече Мурињо, додавајќи:

„Реков дека ако некој треба да биде неутрален, тоа сум јас. Сакам да бидам непристрасен во она што потенцијално би можело да биде многу сериозен случај. Она за што зборував е во Декларацијата за човекови права. Потребни се 10 минути за да се пронајде и прочита, а се однесува на презумпцијата на невиност.

Кога реков дека како граѓанин сум целосно против секаков вид дискриминација, предрасуди, незнаење или идиотизам, мислам дека го почитував тоа, додека другите не го правеа тоа“, рече Мурињо.

Доколку Престијани биде осуден за расизам, неговото време во Бенфика е завршено.

„Доколку мојот играч не ги почитува овие принципи, кои се и мои и на клубот, неговата кариера со тренер по име Жозе Мурињо и клуб по име Бенфика е завршена“, потенцирал „Специјалниот“.


Лионел Меси ќе го посети Трамп во „Белата куќа“

Американскиот фудбалски клуб Интер Мајами на 5 март ќе ја посети Белата куќа, каде што ќе биде организиран прием по повод освојувањето на МЛС Купот. Настанот ќе претставува официјално одбележување на историскиот успех на тимот во американската лига.

Според информациите на The Athletic, сè уште не е потврдено дали на свеченоста ќе присуствува и Лионел Меси. Доколку аргентинската ѕвезда се појави во Вашингтон, тоа би било негова прва посета на Белата куќа.

Спорт што не познава граници – Street Workout Macedonia | Уште еден поткаст

Посетите на шампионските тимови во Белата куќа се долгогодишна традиција во САД, а Интер Мајами со ова ќе добие дополнително признание за својот успех на домашната сцена.


Нов гол на Растодер, Тун граби кон титулата

Елмин Растодер продолжува да блеска во швајцарскиот шампионат. Македонскиот репрезентативец повторно беше стрелец за Тун во победата од 2-1 над Луцерн.

Растодер погоди во 29 минута и ја продолжи фантастичната серија. Ова беше негов деветти гол на последните десет натпревари, период во кој Тун бележи само Победи.

Лидерот на табелата има дури 17 бода повеќе од Сент Гален и со огромна самодоверба ќе влезе во плеј-офот и разврската за титулата.

За македонскиот офанзивец ова е 11 погодок во првенството, на кои додаде и четири асистенции. Формата на Растодер сигурно го радува и селекторот Гоце Седлоски пред мартовскиот бараж за Светското првенство против Данска.


Три премиерлигаши го сакаат Нико Ковач

Елиминацијата на Борусија Дортмунд во Лигата на шампионите донесе многу критики за тренерот Нико Ковач. Но, тоа се реакции од навивачите, додека управата на клубот е подготвена тренерот да остане до крајот на неговиот договор до летото 2027 година.

Сепак има и нови моменти особено што три екипи од Премиер лигата го посакуваат Ковач за новата сезона. Станува збор за Манчестер Јунајтед, Челзи и Тотенхем.

Управата на клубот од Дортмунд знае дека тешко ќе може да го задржи тренерот доколку стигне понуда, особено како што пренесува германски Билд и Ковач е подготвен за предизвикот во Англија и тоа по завршувањето на оваа сезона.

Ковач како тренер има работено Ред Бул Јуниор, потоа помошник во Салцбург, па беше селектор на У21 репрезентацијата на Хрватска, а потоа и на А репрезентацијата на Хрватска. Од 2016 година беше тренер на Франкфурт, а потоа и на Баерн Минхен. Пред да дојде во Борусија Дортмунд (февруари 2025) работеше и во Монако и Волфсбург.


Историја за Ламин Јамал: Најмлад автор на хет-трик во историјата на лигата

Крилниот напаѓач на Барселона, Ламин Јамал, го постигна својот прв хет-трик во кариерата.

18-годишникот постигна три гола против Виљареал во 26-то коло од Ла Лига во победата од 4-1.

Само двајца играчи во историјата на Ла Лига биле помлади кога постигнале три гола на еден натпревар – Помбо на 17 години и 222 дена во 1934 година со Расинг и Ирарагори на 17 години и 337 дена во 1930 година со Атлетик Клуб.

Така, на 18 години и 230 дена, Ламин стана најмладиот играч во историјата на Барса кој постигнал три гола на еден натпревар од Ла Лига. Лионел Меси го стори тоа на 19 години и 259 дена, а Џовани на 19 години и 6 дена.


Сити минимално слави во Лидс и ја продолжува потрагата по Арсенал

Манчестер Сити ја продолжи потерата по лидерот Арсенал, откако го победи Лидс со 1:0 на гостински терен во 28-то коло од Премиер лигата. Сити ја забележа шестата последовна победа во Премиер лигата и шеста последовна во меѓусебните дуели.

Лидс беше поконкретен на почетокот и пропушти две одлични шанси преку Доминик Калверт-Луин и Бренден Аронсон, кој излезе сам пред Донарума но не успеа да го совлада.

Сити, до здив дојде по 30-та минута, а во последните 10 минути од првиот дел, „граѓаните“ извршија силен притисок врз противникот.

Инцијативата м донесе резултат буквално во последните секунди од првото полувреме. Антоан Семењо го искористи центаршутот на Рајан Аит-Нури и го постигна единствениот гол на натпреварот.

Во вториот дел, домаќинот повторно се закани, но реализацијата изостана, додека Сити можеше да го реши натпреварот преку Омар Мармуш и Марк Гуехи, но Карл Дарлоу го спаси својот тим од поубедлив пораз.

Победата го приближи Сити на два бода од Арсенал во трката за титулата во Премиер лигата, додека Лидс останува шест бода над зоната за испаѓање и бара континуитет за да обезбеди опстанок.


Фудбалерките до 17 години со победа ги отворија квалификациите во Струмица

Македонската женска репрезентација до 17 години триумфално го почна настапот на квалификацискиот турнир за пласман на Европското првенство – Б лига што се одржува во Струмица.

Избраничките на Катерина Милеска во првото коло ја совладаа селекцијата на Грузија со 1-0, а стрелец на единствениот погодок беше Елена Наумоска во 70. минута од натпреварот.

Нашите репрезентативки можеа да забележат и поубедлива победа, но не успеаа да реализираат неколку можности за погодок.

Гостинките од Грузија во неколку ситуации се обидоа посериозно да го загрозат нашиот гол, но на крајот не успеаа да ја погодат целта, а македонските репрезентативки сосема заслужено стигнаа до посакуваната победа.

Во вториот дуел од нашата група Северна Ирска славеше во мечот против Луксембург со 4-1.

Следниот натпревар Македонија го игра во вторник на трети март, а противник ни е Луксембург. Мечот ќе се одигра на теренот на Спортскиот центар Пандев со почеток во 13:00 часот, а влезот за сите кои сакаат да го следат е слободен.


Нов пресврт, Милан му нуди нов договор на Модриќ

Италијанскиот клуб Милан сака да ја активира клаузулата за продолжување на договорот на Лука Модриќ на уште една сезона.

Сепак се чека одговор и на самиот играч.

Како што пренесува „Газета дело спорт“ во клубот се надеваат на позитивен одговор, пред Модриќ да ги почне подготовките со Хрватска за претстојното Светско првенство.

Ако успее во тој обид Милан ќе го има Модриќ во својот состав и во сезоната 2026/27.

Потврден одговор очекуваат навивачите, тренерот, но она што е важно за италијанскиот клуб е тоа што и самиот Модриќ е среќен во дресот на Милан.

Покрај продолжување на престојот во Милано за Модриќ има уште две варијанти: да одигра една сезона (последна во кариерата) во Динамо Загреб или да ја заврши кариерата.


Карло Пинсолњо доби нов договор со Јуве

Чуварот на мрежата на голот на Јувентус, Карло Пинсолњо, го продолжи договорот до 2027 година или за уште најмалку 12 месеци.

Тоа значи дека 35-годишникот кој речиси две сезони нема ниту еден настап, ќе остане во Торино.

Пинсолњо е дел од првиот тим на „старата дама“ од 2017 година и има одигра само шест официјални натпревари. Тој во неговата ризница има осум трофеи.


Борбено реми во дуелот на Струга и Вардар

Дерби натпреварот од 20. коло во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ) меѓу Струга и Вардар заврши 1-1, резултат кој најмногу ѝ одговара на Шкендија.

Вардар поведе во 13. минута кога Закариќ центрираше од корнер, а Матиќ излета на првата статива и постигна гол за водство од 1-0.

Предноста на Вардар траеше до 80. минута кога Малески го изедначи резултатот на 1-1.

Малку недостасуваше гостите од Скопје да ја вратат предноста, ја погодија стативата.

Сепак ремито се чини дека е реален исход од овој натпревар.

Ова е добар резултат за Струга иако стружани и по четири кола во вториот дел од сезоната немаат победа. За Вардар е прв меч без победа оваа година.

Шкендија ако го победи Пелистер ќе дојде на -4 бода во однос на Вардар.