фудбал

Интер спремен да слуша понуди за Маркус Турам

Првите луѓе на Интер може да го стават на листата за трансфери, Маркус Турам, откако тимот испадна од Лигата на шампионите.

Според одредени наводи, италијанскиот состав мора да се раздели со неколку играчи за да ги надомести изгубените плати. Минатата сезона тимот од Милано доби 137 милиони евра од УЕФА а во тековнава сезона ќе инкасира околу 66 милиони.

Во меѓувреме се појавија шпекулации дека и дефанзивецот, Дензел Дамфрис, исто така ќе си замине.


Спалети ќе добие нов договор во Јуве

Јувентус планира состанок со Лучијано Спалети следната недела за да започнат формални преговори за продолжување на договорот, објави италијанскиот медиум „Тутоспорт“. Веста доаѓа во клучен момент за „бјанконерите“ додека се подготвуваат за клучното дерби во Серија А против Рома оваа недела.

Тековниот договор на тосканскиот специјалист истекува на крајот од сезоната, но шефовите на торинскиот гигант веќе донеле цврста одлука да му понудат нов договор.

Според „Тутоспорт“, финансиските параметри и платата не се пречка за договор. Спалети е среќен во клубот и сака да продолжи со својата работа.


Ливерпул пријави рекорден број приходи

Ливерпул пријави рекордни приходи од 703 милиони фунти за шампионската сезона во Премиер лигата, што заврши во мај 2025 година, објавува агенцијата „Ројтерс“.

Мерсисајдците ја освоија својата 20-та титула со целосна доминација во првенството и тоа се одрази во финансискиот отчет. Ливерпул, кој е со најголеми приходи меѓу англиските клубови според рангирањето на Deloitte, е во профит од 8 милиони фунти по оданочувањето.

Според информациите од клубот, приходите од телевизиските права се зголемиле за 60 милиони фунти и достигнале до 264 милиони. Финансиските приходи од деновите со натпревари забележале раст од 14 милиони фунти, а во маркетинг секторот скокот е за 15 милиони во споредба со претходната сезона. Административните трошоци на мерсисајдците исто така се зголемиле за 57 милиони фунти.

Рекордниот профит му овозможи на Ливерпул да биде активен на трансфер пазарот, каде што потрошија речиси половина милијарда евра за фудбалери како Александер Исак, Флоријан Вирц, Хуго Екитике и други. Сепак, „Црвените“ не прават добра сезона и во моментов се надвор од местата за Лигата на шампионите.


Марота го доведе првото засилување, Станковиќ се враќа во Интер

Џузепе Марота не чека, туку е тука првиот играч кој пристигнува во Интер!. Клубот од Милано интензивно работи на трансфер-пазарот и веќе знае кој ќе биде првото засилување за тимот кој ќе го води Кристијан Киву следната сезона.

По разочарувањето од раното испаѓање од Лигата на шампионите, Интер се фокусира на првенството и целта е да го заврши натпреварувањето во Серија А што е можно побрзо.

Но управата веќе гледа кон сезоната 2026/2027 и е подготвена на еден од најинтензивните трансфери во последните неколку години.

Клубот моментално има шест играчи на кои им истекуваат договорите, и тешко е дека сите ќе останат, па ќе биде потребно да се пополнат тие празнини во составот.

Првото засилување – враќањето на Александар Станковиќ.

Овој 20-годишен играч во средината, кој ја помина младинската школа на Интер, имаше одлична сезона како позајмен во Клуб Бриж.

Марота ја активираше клаузулата за откуп (recompra) во договорот, која изнесува малку повеќе од 20 милиони евра.


Реал без Белингем во двомечот со Сити

Ждрепката за Лигата на шампионите повторно ги спои Реал Мадрид и Манчестер Сити, а Алваро Арбелоа нема да може да смета на еден од своите најдобри фудбалери.

Информациите велат дека Џуд Белингем нема да се опорави навреме за дуелите со Манчестер Сити. Тој е во аут поради повреда.

Првиот меч се игра на 11 март од 21 часот, а реваншот е шест дена подоцна.


„Волците“ ја совладаа Астон Вила во најголемото изненадување пролетва во ПЛ

Најслабиот тим во Премиер лигата, Вулверхемптон со 2-0 ја победи Астон Вила која се бори за врвот.

Астон Вила влезе како голем фаворит во дуелот со Вулвс, но си замина без бодови.

Жоао Гомеш даде гол во 61. минута за водство на Вулвс од 1-0, а длабоко во судиското продолжение гол даде и младиот Родриго Гомеш за конечни 2-0.


Беќири: Шкендија не заслужи висок пораз

Екипата на тетовска Шкендија го заврши настапот во УЕФА Конференциската лига, откако во 1/16 финалето синоќа беше елиминирана од турската екипа Самсунспор. Во реваншот вчера резултатот беше 4-0 за турскиот претставник.

  • Прво да му честитам на противникот за пласманот во следната рунда, мислам дека го заслужија тоа во двата натпревара. За натпреварот бевме многу добри во првото полувреме, потоа еден случаен пенал и заморот си го направија своето, така што потоа доживеавме тежок пораз, кој според она што го покажавме во првото полувреме, не го заслуживме. По овој натпревар нашата европска авантура заврши. Сега сè што ни преостанува е целата концентрација и фокус да ја вратиме на македонското првенство и се надевам дека и во првенството и во Купот ќе го дадеме нашиот максимум. Убеден сум дека со максимална посветеност ќе излеземе со позитивни резултати на крајот од сезоната, изјави по натпреварот тренерот на Шкендија Јетон Беќири.

Следниот натпревар екипата на Шкендија го игра на домашен терен во рамки на првенството, а ја пречекува екипата на Пелистер.


Отказот на Аморим ќе го чини Јунајтед 40 милиони евра

Манчестер Јунајтед потврди дека отпуштањето на Рубен Аморим може да ги чини повеќе од 18 милиони евра.

Португалецот го напушти клубот на 5 јануари по нерешениот резултат 1:1 со Лидс и отворениот напад врз раководството на клубот еден ден претходно.

Како што објави Би-Би-Си, Аморим ја бара гореспоменатата сума како компензација откако претходно на Спортинг Лисабон му беа издвоени околу седум милиони евра за неговото доаѓање.

Вкупно, со замената на Ерик Тен Хаг, која чинеше нешто помалку од 12 милиони евра, Би-Би-Си проценува дека неуспешниот проект со португалскиот тренер „црвените ѓаволи“ ги чини речиси 43 милиони евра.

Неговите 14 месеци на клупата на Јунајтед се најмалку од 2014 година и Дејвид Мојес. Тој победи на 25 од 63 натпревари, сезоната ја заврши на 15-то место во Премиер лигата. Ова е најлошиот пласма на клубот од испаѓањето во 1973/74 година.

Покрај тоа, тие загубија во финалето на Лига Европа, со што тимот остана без учество во европските купови за прв пат од 1990 година.


ФФМ ја поддржува иницијативата: „Спортските игри за млади“ за првпат во Македонија

За првпат во Македонија ќе се одржат „Спортските игри за млади“, проект што ги обединува дечињата од целиот Балкан под покровителство на Министерството за спорт.

Со приклучувањето кон „Спортските игри за млади“, стануваме дел од големото регионално спортско семејство во кое веќе се Хрватска, Словенија, Србија и Босна и Херцеговина. По тој повод во Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски организираше прием за федерациите кои го поддржуваат овој значаен проект.

„Како претседател на Фудбалска федерација на Македонија, ми претставуваше чест што заедно со селекторот на А репрезентацијата, Гоце Седлоски, ја претставувавме ФФМ и ја дадовме нашата поддршка. Верувам дека преку вакви иницијативи создаваме нови пријателства, градиме здрави навики и испраќаме силна порака дека спортот обединува. Децата се нашата иднина, а спортот е нивниот најубав пат кон успехот“, истакна Масар Омерагиќ, претседател на ФФМ.

Проектот е поддржан и од нашите спортски легенди како Петар Наумоски, Индира Кастратовиќ и Игор Стефановски-Иџе, како и од познати регионални и европски спортски имиња Жељко Обрадовиќ, Аљоша Асановиќ, Славен Билиќ, Предраг Мијатовиќ, Веселин Вујовиќ, Предраг Даниловиќ, Шиме Врсаљко и Стипе Плетикоса.

Во Владата на Република Македонија, официјално беше потпишан договорот меѓу претседателката на Федерацијата на училишни спортови на Македонија, Елена Мицковска и претседателот на „Спортски игри за млади“, Здравко Мариќ со кој Македонија стана дел од оваа најголема младинска спортска манифестација во Европа што се одржува покровителство на Меѓународниот олимписки комитет, Европската комисија и други важни организации, кои имаат за мисија да ги поместат границите на младинскиот спорт.

Со ова, Македонија официјално станува дел од едно големо балканско спортско движење кое има за цел да ги обедини младите преку фер-плеј, пријателство и здрави животни вредности.


Големи три бода за Брера во Куманово

Брера успеа да слави гостинска победа во Куманово совладувајќи го Башкими со 0-2. По поразот од Работнички во минатото коло, тимот на Мартин Алаѓозовски одговори на соодветен начин и се врати на победнички колосек.

Стрелец на голот вреден три бода беше Зоран Ивановски во 44-та минута. Тој доби употреблива топка во шеснаесетникот и успеа да ја затресе мрежата на Башкими.

Во второто полувреме Башкими тргна по израмнување. Мемети го погоди дирекот во 69-тата минута, потоа се закани и Аворнио, кој шутираше силно од работ на шеснаесетникот. Сепак, голманот на Брера, Даниел Диковски, одлично одбрани.

По ова имаше обид и од Личина, но Брера не само што успеа да ја сочува мрежата, туку и постигна втор гол преку Никола Величковски во 93-тата минута.