фудбал

Евертон го доби Тајрик Џонс на позајмица од Челзи

19-годишниот крилен фудбалер на Челзи, Тајрик Џорџ, замина на позајмица до крајот на сезоната во екипата на Евертон.

Договорот меѓу двата клуба вклучува опција за перманентен трансфер. Младиот фудбалер има 37 настапи за „сините“ и постигнато шест голови.

Тој во Евертон треба да биде замена за Џек Грилиш кој има скршеница и веројатно нема да игра до крајот на сезоната.


Рома заглави на „Фриули“, големи три бода за Удинезе

Фудбалерите на Удинезе ја победија Рома со 1-0 во меч од 23. коло во Серија А.

Рома влезе како фаворит во овој дуел поради добрата форма оваа сезона, но денеска го положи оружјето.

Единствениот гол го постигна Јурген Екеленкамп во 49. минута.

Со овој триумф Удинезе скокна на деветтата позиција, а Рома остана на петтото место.


ФИФА наскоро ги симнува санкциите против Русија

Светската фудбалска федерација (ФИФА) треба да размисли за укинување на забраната за руските тимови да настапуваат во меѓународните натпреварувања.

Ова, денеска во интервју за британскиот телевизиски канал Скај, го изјави претседателот на ФИФА, Џани Инфантино, доведувајќи ги во прашање придобивките од воведените санкции кон рускиот фудбал.

„Дали треба да размислиме за укинување на санкциите против руските тимови? Дефинитивно треба. Бидејќи оваа забрана не постигна ништо; само создаде поголемо разочарување и омраза“, рече Инфантино.

Претседателот на ФИФА, исто така, додаде дека раководството тело на светскиот фудбал треба да размисли за промена на правилата и да вклучи клаузула дека националните тимови никогаш не треба да бидат отстранети од турнирите од политички причини.

Руските клубови и национални тимови имаат забрана за настап во натпреварувањата во организација на ФИФА и на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) од февруари 2022 година поради руската воена инвазија врз Украина.


Муса Сисоко потпиша за Панатинаикос

Францускиот фудбалер Муса Сисоко е ново засилување на Панатинаикос, потврдија од грчкиот клуб.

Искусниот 36-годишен играч од средниот ред во Атина пристигнува од редовите на Вотфорд, а со „зелените“ потпиша договор на една и пол година.

Пред трансферот во англискиот клуб во јули 2024 година, Сисоко има богата кариера и настапувал за Нант, Њукасл, Тулуз и Тотнем. Токму во дресот на лондонскиот клуб го имаше еден од најдобрите периоди во кариерата, откако во сезоната 2018/19 беше избран во идеалниот тим на Лигата на шампионите.

Со репрезентацијата на Франција, Сисоко одигра 71 натпревар и постигна два гола, а најголемиот репрезентативен успех го оствари на Европското првенство во 2016 година, каде што со „триколорите“ стигнаа до сребрениот медал.

Грчкиот гигант моментално се наоѓа на петтото место на табелата во домашниот шампионат, а оваа сезона обезбеди и пласман во плеј-офот за осминафиналето во Лигата на Европа, каде што ќе се соочи со Викторија Плзењ.


Пропадна трансферот на Матата во Милан, лекарите го блокирале преминот

Напаѓачот на Кристал Палас, Жан-Филип Матета, нема да ја продолжи кариерата во Милан во овој преоден рок, пренесуваат италијанските медиуми, повикувајќи се на информации од Џанлука ди Марцио.

Иако првично трансферот изгледаше речиси сигурен и фудбалерот активно преговараше за преселба во „росонерите“, се појавија проблеми кои го стопираа трансферот.

Клупските лекари на Милан детално го прегледале Матета, а резултатите од медицинските тестови не ги убедиле во физичката подготвеност на фудбалерот. Главна причина за тоа биле проблематичните колена на фудбалерот, кои би можеле да го направат подложен на повреди.

Овој развој настани веројатно не е добра вест за Кристал Палас, кој ќе мора да смета на играч кој не е целосно мотивиран и среќен тво тимот и во исто време ќе остане без очекуваната отштета од околу 40 милиони евра.

Претходно, и Јувентус беше заинтересиран за Матета, но „старата дама“ не успеа да се договори со премиерлигашот.


Тер Штеген пак се повреди, Џирона сака да го врати во Барса

Марк-Андре Тер Штеген доживеа нова повреда.

Тој штотуку пристигна во Џирона, како позајмен од Барселона, а поради повредата тој би можел експресно да се врати на „Ноу Камп“.

Каталонски извори денес потврдија дека Тер Штеген доживеал повреда на мускулот што ќе го оддалечи од терените помеѓу два и три месеци.

Не е невозможно Џирона да ја прекине позајмицата бидејќи паузата со која се соочува Германецот воопшто не е кратка. Џирона има проблем, бидејќи остана само со Газанига, откако Ливаковиќ го напушти клубот и се врати во Динамо Загреб.

Што се однесува до Тер Штеген, сигурно е дека оваа повреда дополнително ги намали неговите шанси да биде прв голман на Германија на Светското првенство во САД, Канада и Мексико.


Торински блиц-криг: Јувентус го „запали“ пазарот со три засилувања во еден ден

Тренерот на Јувентус, Лучано Спалети

Во фуриозен финиш на преодниот рок, Јувентус уште еднаш покажа зошто важи за еден од мајсторите на пазарот. Додека останатите клубови во паника бараа засилувања во последен момент, „Старата дама“ спроведе прецизна и повеќеслојна стратегија за внесување на младешки талент и докажано искуство од Серија А.

Од ангажманот на новиот бисер од Минхен, па сè до стратешките рокади со Болоња, еве го прегледот на молскавичните потези на торинскиот гигант.

Најинтригантниот потег е дефинитивно рацијата во Баерн Минхен. Јувентус ги осигура услугите на Адин Личина, во операција која е речиси идентична со онаа на Кенан Јилдиз од 2022 година. Не е случајно што Личина го застапува истата агенција која го донесе Јилдиз, со што се потврдува плодната линија на релација Баварија – Пиемонт.

Иако Личина веднаш се сели во Торино, Баерн вешто се заштити. Германскиот шампион задржа 30% од следната продажба, како и правото на првенство при евентуален откуп, со што си обезбедија контрола над иднината на овој 19-годишен талент.

Јувентус не мислеше само на иднината, туку и на итно засилување на ротацијата за клучниот дел од сезоната. Џереми Бога официјално се враќа во Италија. Поранешниот ас на Сасуоло и Аталанта доаѓа на позајмица од Ница со опција за откуп од 5 милиони евра. Неговата способност за игра „еден на еден“ ќе му даде на Спалети нова димензија во нападот.

Истовремено, десната бековска позиција е засилена со шведскиот репрезентативец Емил Холм. По кратките преговори со Болоња, договорена е позајмица со право на откуп. Со неговиот физички капацитет и офанзивен продор, Холм совршено се вклопува во тактичките замисли на „Бјанконерите“.

Секое доаѓање бара и заминување, а патот на Холм кон Торино беше олеснет преку посебна зделка. За да се реализира трансферот, Јувентус му дозволи на Жоао Марио да се пресели во спротивен правец. Поранешниот десен бек на Порто, кој тешко наоѓаше минутажа во Торино, ќе настапува за Болоња како позајмен играч до крајот на сезоната.

Оваа „чиста“ позајмица му овозможува на Марио редовни настапи, додека Јувентус го ослободи буџетот за плати и направи простор за новите засилувања. Класичен пример за win-win. ситуација


Ортега потпиша за Нотингам Форест: Крај за чекањето на клупата кај Гардиола

Голманот на Манчестер Сити, Стефан Ортега, и логото на Нотингам Форест

Нотингам Форест значително ја засили конкуренцијата меѓу стативите со ангажманот на Стефан Ортега од Манчестер Сити. Германецот, кој важи за еден од најсигурните резервни голмани во европскиот фудбал, пристигнува на Сити Граунд за да донесе неопходно искуство и стабилност во клучен дел од сезоната.

Управата на Нотингам Форест реагираше експресно по повредата на Жон Виктор, која го остави тимот со ограничен избор на голманската позиција. Иако Матс Селс досега беше прв избор на Нуно Еспирито Санто, доаѓањето на Ортега претставува сериозна надградба на ротацијата. Договорот е конципиран како траен трансфер, со првичен краткорочен престој до крајот на оваа натпреварувачка година, по што двете страни ќе ги дефинираат долгорочните планови во текот на летото.

За Ортега, овој потег означува крај на еден трофеен, но по малку фрустрирачки период во Манчестер. И покрај тоа што стана миленик на навивачите со неговите клучни одбрани, патот до првиот тим му стана дополнително блокиран по најновите промени во ростерот на Пеп Гардиола. Намалената минутажа беше главниот мотив за неговото заминување, со оглед на тоа што Германецот верува дека сè уште може да биде прв голман во елитното англиско друштво.

Спортскиот директор Еду истакна дека Ортега бил првиот избор штом се појавила потреба од нов голман. Освен одличните рефлекси, тој со себе носи и „победнички менталитет“ изграден во тимот на Сити кој доминираше во Премиер лигата и Европа. Се очекува Стефан веднаш да изврши притисок врз Селс за стартната позиција, нудејќи му на тимот голман кој е исклучително смирен со топката во нозете.


Позната е тежината на повредата на Џуд Белингам

Играчот на Реал Мадрид, Џуд Белингам, се држи за задната ложа поради повреда

Амбициите на Реал Мадрид за титулата се соочуваат со сериозен предизвик по веста дека Џуд Белингам ќе паузира околу еден месец. Англискиот репрезентативец беше принуден да го напушти теренот на неделниот дуел против Рајо Ваљекано на Бернабеу, откако почувствува остра болка во ногата по еден спринт.

Лекарскиот тим на „Кралскиот клуб“ во понеделникот потврди дека прегледите откриле повреда на полутетивниот мускул (semitendinosus) на левата нога. Иако клубот не прецизираше точен датум за враќање, проценките на шпанските медиуми и медицинските експерти укажуваат на пауза од четири до пет недели, што значи дека Белингам ќе пропушти клучен дел од сезоната.

Отсуството на Белингам доаѓа во најлош можен момент за привремениот стратег Алваро Арбелоа. 22-годишниот фудбалер е „моторот“ на екипата со седум постигнати гола и клучна улога во поврзувањето на нападот и средниот ред.

Пред Реал е пеколен распоред кој сега ќе мора да го пребродат без еден од своите лидери. Најголемата грижа е двомечот од Лигата на шампионите против Бенфика. Белингам дефинитивно отпаѓа за првиот натпревар на 17 февруари, а минимални се шансите да биде подготвен и за реваншот на 25 февруари. На домашната сцена, неговото име ќе недостига во записниците за дуелите против Валенсија, Реал Сосиедад и Осасуна, додека тимот се обидува да го стигне водството на Барселона.

Бидејќи станува збор за специфична повреда на задната ложа, медицинскиот персонал во Валдебебас инсистира на внимателно закрепнување за да се избегне обнова на повредата. Ова е уште еден малер за Белингам во турбулентната сезона, која ја започна со операција на рамото.

Тренерот Арбелоа изрази жалење за ситуацијата, нарекувајќи го ова „голема загуба“, но најави дека поголема одговорност во наредниот период ќе преземе Брахим Дијаз. Со оглед на тоа што на хоризонтот е и Светското првенство, приоритет и за Реал и за Англија е Белингам да се врати на теренот само кога ќе биде 100% фит, без никаков ризик од избрзано враќање.


Рокада на релација Истанбул – Џеда: Канте оди во Фенер, Ен-Несири го менува Бензема во Ал Итихад?

Играчот на Ал-Итихад, Н'Голо Канте и играчот на Фенербахче, Јусеф Ен-Несири

Зимскиот преоден рок го достигнува својот врв со најава за трансфер кој би можел целосно да ја промени сликата во европскиот и блискоисточниот фудбал. Турскиот гигант Фенербахче е во завршна фаза од преговорите за ангажман на францускиот ас и поранешен светски првак, Н’Голо Канте. По две и пол години поминати во дресот на Ал Итихад, 34-годишниот играч е подготвен за враќање на големата сцена во Европа, а Истанбул се чини како неговата следна дестинација.

Преговорите добија на интензитет во последните 48 часа. Според упатените извори, не станува збор за обичен трансфер, туку за стратешка ротација меѓу двата клуба.

Главниот заплет во оваа зделка лежи во иднината на напаѓачот на Фенербахче, Јусеф Ен-Несири. Мароканскиот репрезентативец е примарна цел на Ал Итихад, кој веќе се подготвува за животот по можното заминување на легендарниот Карим Бензема. Со оглед на тоа што иднината на Бензема во Џеда е под знак прашалник, челниците на саудискиот клуб во Ен-Несири гледаат идеален наследник во офанзивата.

Структурата на договорот е веќе на маса: Н’Голо Канте плус 10 милиони евра би заминале во Истанбул, додека Ен-Несири би тргнал во спротивен правец. Оваа „трампа“ се смета за идеално решение за двете страни. Фенербахче добива мотор во средниот ред и дополнителни финансии, додека Ал Итихад обезбедува докажан стрелец навикнат на игра под висок притисок.

Откако беше постигната вербална согласност за главните точки, во моментов се прецизираат финалните детали од договорот. Се шпекулира дека Канте веќе прифатил услови за договор кој би го обврзал на верност кон Фенер до 2028 година. Неговата примарна цел е да остане во врвна форма и да биде во комбинација за составот на Франција за Светското.

Доколку не се појават неочекувани пречки, пред се поврзани со статусот на Бензема, официјализацијата на трансферот се очекува наскоро. Навивачите на Фенербахче веќе со нетрпение го очекуваат пристигнувањето на неуморниот Французин, кој би требало да биде последното парче во шампионскиот мозаик на тимот.