фудбал

Аргентина и Бразил закажаа Суперкласико во Мелбурн

Светските медиуми објавија дека фудбалските репрезентации на Аргентина и Бразил ќе одиграат пријателски натпревар на 11 јуни во Мелбурн,Австралија.

Двете селекции се надеваат дека овој натпревар меѓу нив ќе заврши нормално, бидејќи последен пат кога се сретнаа во квалификацискиот натпревар за Светското првенство во септември минатата година во Сао Паоло, мечот беше прекинат откако бразилските здравствени власти излегоа на теренот во обид за депортирање на четворица аргентински играчи обвинети за кршење на правилата за карантин околу коронавирусот.

Двете репрезентации се пласираа на Светското првенство во Катар, а прекинатиот натпревар не беше преигран.


„Лудница“ по влезници на навивачите на Рома

Италијанските медиуми известуваат дека симпатизерите на Рома направиле права хистерија околу набавката на влезници за полуфиналната пресметка во Лигата на конференциите против Лестер. Навивачите поднеле речиси 100.000 апликации за билети преку Интернет  за дуелот закажан за 5 мај во Рим.

 Продажбата на билетите започна денеска, а предност при набавката треба да имаат сопствениците на сезонски билети, од кои секој може да купи до три билети.

 „Олимпико“ ќе биде распродаден многу порано пред датумот на натпреварот, со што навивачите на Рома уште еднаш ќе ја покажат својата доверба во Жозе Мурињо и неговиот тим.


Ива Пројковска ќе суди на женското Европско првенство

Најдобрата македонскатa фудбалска судијка, Ива Пројковска, ќе биде дел од судиите кои ќе делат правда на натпреварите на Европско првенство во фудбал во женска конкуренција. Ова е големо признание за Пројковска, која во последно време е редовен дел од најголемите фудбалски настани кај дамите.

Пројковска ќе биде дел од списокот на елитни судии кои ќе судат на ЕВРО 2022 кое ќе се одржи од 6 до 31 јули во Англија.


Силекс и Македонија ЃП ќе играат во финалето на Купот на Македонија

Фудбалерите на Силекс и на Македонија Ѓорче Петров ќе играат во финалето на Купот на 20 мај на Арената во Скопје.

Кратовци во улога на бранители на пехарот успеаја во денешното полуфинале да го совладаат Пелистер во Битола со минимални 1-0 со голот на Каланоски во 36 минута. „Лавовите“ пак беа подобри изведувачи на пеналите на теренот на Струга и славеа со 4-2 откако во регуларниот дел мечот заврши без голови.

Силекс е трикратен освојувач на пехарот (1994, 1997 и 2021) додека Македонија Ѓорче Петров триумфираше во 2006 година.


Казнет судијата на шпанското дерби Севиља – Реал

Судиската комисија на Шпанската фудбалска федерација индиректно ги призна грешките на судијата на последниот натпревар помеѓу Севиља и Реал Мадрид – Гиљермо Куадра Фернандез. За казна, тој е отстранет од учество во меѓу-колото во Ла Лига. Судијата требаше да биде на ВАР на натпреварот меѓу Еспањол и Рајо Ваљекано во четврток, но неговото место ќе го заземе негов колега.

Битката на Рамон Санчез Писхуан во недела ќе биде запаметена со три многу контроверзни ситуации, во кои одлуките на Гиљермо Фернандез се чинеше дека не беа исправни. Во 18. минута гостите побараа пенал за играње со рака на Диего Карлос, но таков не беше досуден.

20 минути подоцна, судијата како да му одбрани црвен картон на играчот од средниот ред на Реал, Едуардо Камавинга. Во 74. минута при 2:1 во корист на Севиља, голот на Винисиус Јуниор не се броеше откако Фернандез реши дека напаѓачот игра со рака.

Овој судија е роден во Мадрид и оваа сезона одигра 12 натпревари за шпанската елита. Три од нив се со учество на „белите“ – против Леванте (3-3 во август), против Еспањол (пораз од 1-2 во октомври) и онаа со Севиља сега.


Гнабри и Баерн без договор: Репрезентативецот размислува за заминување

Баерн Минхен е блиску до продолжување на договорот со Милер и Ноер, но имаат потешкотии кога се во прашање договорите на Гнабри и Левандовски.

Медиумите тврдат дека Баерн нема да се согласи на зголемување на платата на Гнабри, што значи дека германскиот репрезентативец може да го напушти клубот.

Гнабри има договор со Баерн до јуни 2023 година, доколку клубот не го продаде ова лето, тогаш наредната година тој како слободен играч ќе замине од Минхен. Со актуелниот договор тој годишно заработува 8 милиони евра. Побарал неговата плата да биде иста како платите на Кингсли Коман и Лирој Сане, кои заработуваат двојно повеќе.

„Размислува за нашата понуда. Кога работите ќе станат јасни ќе ја известиме јавноста“, изјави Оливер Кан.


Стефано Пиоли со критики за судењето против Интер

Тренерот на Милан, Стефано Пиоли го критикуваше судијата за поништениот гол во полуфиналето од Купот на Италија против Интер, каде Росонерите загубија со резултат 3:0 и испаднаа од натпреварувањето. 

При резултат 2:0 Бенасер постигна гол за Милан во 65. минута, но голот беше поништен по интервенцијата на ВАР поради интервенцијата на Калулу, кој според многумина немаше влијание на играта во моментот на голот.

„Поништениот гол? Погледнете ја реакцијата на голманот Хандановиќ. Тој не ни протестираше пред судијата. Кажете ми кој голман не би реагирал ако прими гол а противничкиот играч го спречува во одбраната. Играчите на Интер само тврдеа дека имало игра со рака која не ни постоеше “, изјави Пиоли.


Рангник најави коренити промени во ростерот на Манчестер Јунајтед следната сезона

Ралф Рангник кој на крајот на сезоната ќе го напушти кормилото на Манчестер Јунајтед и ќе ја заземе директорската позиција на стадионот – „Олд Трафорд“, најави дека ќе се направи  голема реконструкција во тимот.

„Според мене, само тројца или четворица нови играчи нема да бидат доволни. Треба да се обезбедат вистински борци на различни делови од теренот“, вели Рагник.

Познато е дека во текот на летото на неколку фудбалери на „црвените ѓаволи“ ќе им истечат договорите.


Кулушевски: Конте го пронајде моето совршено место на теренот

21-годишниот играч на Тотенхем, Дејан Кулушевски е благодарен на тренерот Антонио Конте кој ја пронашол совршената позиција за него на теренот. 

Кулушевски е играч на Јувентус кој во јануари пристигна како позајмен играч во Тотенхем.

„Сакав да им покажам на сите што можам да направам. Мислам дека станав уште помотивиран. Сакам да им докажувам на луѓето дека згрешиле, па затоа бев многу гладен за успех кога дојдов во Тотенхем. Знам дека е тешко кога ќе дојдеш во нов тим и ново првенство. Многу работи мора да функционираат, но мислам дека тоа функционираше кај мене бидејќи тренерот ја најде вистинската позиција за мене “, изјави Кулушевски за официјалниот сајт на Тотенхем.

Кулушевски во дресот на лондонскиот клуб досега на 14 натпревари постигна три гола и шест асистенции.


Фулам се враќа во Премиер лигата

Екипата на Фулам славеше победа од 3:0 над Престон, со што обезбеди едно од првите две места кои водат во Премиер лигата.

Фулам е лидер во англискиот Чемпионшип со 86 бодови од 42 натпревари. Екипата постигна 98 гола, од кои 40 се заслуга на Србинот Александар Митровиќ.

Тимот повторно се враќа во елитата по една сезона во Чемпионшип, а промоцијата ќе му донесе финансиска награда од 90 милиони фунти. 

Целта на Фулам до крајот на сезоната е да го освои првото место, и да ја задржи предноста пред второпласираниот Борнмут.