фудбал

Карлос Тевез пред сензационално враќање во Премиер лигата?

Според „Кориере дело спорт“, премиерлигашот Тотенхем може да направи сензационален трансфер. Имено клубот од Лондон бил во напредни преговори со ветеранот Карлос Тевез.

Тренерот Антонио Конте имал голема желба да го донесе 38-годишниот Аргентинец во својот тим.

Последен клуб во кој играше Тевез, беше Бока Јуниорс, од каде си замина минатото лето. Аргентинецот уште тогаш изјави дека сака да игра до 42 години и нема намера да престане со фудбалот.

Напаѓачот има големо искуство во Премиер лигата каде настапуваше за Вест Хем, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.


Вардар остана без тренер, Глигоров си поднесе оставка

Вардар во следниот период ќе добие нов тренер, затоа што Никола Глигоров веќе не е тренер на „црвено-црните“.

Глигоров дојде на клупата на Вардар по стартот на сезоната, кога го наследи српскиот стратег Горан Симов кој лошо ја започна сезоната. Резултатите одеа според планот, Вардар беше во игра за второто место, но со неколку неочекувани и лоши резлтати ја губи битката за второто место.

Вардар во последното одиграно коло доживеа пораз од Гостивар, во меч со неколку спорни судиски одлуки и многу негодувања по натпреварот од самите играчи и клубот. Никола Глигоров по поразот си поднесе оставка која е прифатена.

Се очекува во наредните денови да биде донесена одлука кој ќе биде нов тренер на тимот во иднина. Вардар во моментов е на третото место во ВМФЛ-Запад со осум бода помалку во однос на второпласираната Воска Спорт.


Даци повторно стрелец за белгиски Вестерло

Ердон Даци продолжува да игра во одлична форма и во Белгија го постигна својот десетти гол за Вестерло.

Вестерло во втората белгиска лига одигра одличен натпревар против Мускрон во кој славеше со убедливи 6-2. Даци го постигна четвртиот гол за својата екипа откако украде топка и рутински ја смести во мрежата на Манданда.

Даци со своите 10 гола е трет стрелец во првенството за Мадернер и Мертенс. Вестерло од друга страна е лидер на табелата со 55 бода.


Јуве бара два млади италијански напаѓачи како замена за Дибала

Италијанскиот фудбалски гигант Јувентус тргна во потрага по нов напаѓач со кој сака да ја засили екипата ова лето.   Торинската „Стара дама‘, како што јавуваат денеска италијанските медиуми, бара замена за Аргентинецот Паоло Дибала, кому договорот му истекува и дефинитивно заминува од редовите на Јувентус. 

Според медиумите, тренерот Масимилијано Алегри сака во летниот преоден рок да го ангажира Џакомо Распадори (22) од Сасуоло или Никола Заниоло (22) од Рома, верувајќи дека и обајцата млади талентирани фудбалери се подготвени за настап на голема сцена. Распадори сезонава на 30 натпревари постигна десет голови, додека Заниоло на 33 настапи запиша четири погодоци.


Баерн Минхен ја засилува одбраната со Мазрауи од Ајакс

Новинарски извори од Германија пренесуваат дека дефанзивецот на Ајакс, Нусаир Мазрауи е блиску до преселба во Баерн Минхен.

Според пишувањата, клубот од Минхен веќе се договорил со менаџерот на 24-годишниот Мароканец за негов трансфер како слободен играч. Договорот ќе биде до 2026 година со можност за продолжување на уште една сезона, а платата се очекува да достигне 4 милиони евра годишно.

Оваа сезона Мазрауи одигра 32 натпревари на кои постигна 5 голови и 4 асистенции. 


Рибери: Влаховиќ може да биде новиот Левандовски

Франк Рибери испрати пофални зборови за српскиот репрезентативец Душан Влаховиќ.

Рибери и Влаховиќ играа заедно во Фиорентина, а во тој заеднички период Рибери забележал голем квалитет во својот соиграч.

„Влаховиќ може да биде новиот Левандовски. Така ќе биде се додека работи како порано и е фокусиран на својот напредок. Душан е млад и психолошки одличен. Сепак, во Јувентус постои голем притисок и ќе мора да се навикне на него, тоа е клуб во кој се бара победа на секој натпревар“, изјави Рибери.


Легендарниот Нил Ворнок објави крај на својата тренерска кариера

Познатиот англиски тренер Нил Ворнок објави крај на професионалната кариера на 73 годишна возраст.

Ворнок ја започна својата тренерска кариера во 1980 година, а негова последна работа беше во клубот Мидлзборо во Чемпионшип лигата, но минатиот ноември со заеднички договор ја прекина соработката.

Тренерскиот ветеран во својата кариера водел 1603 натпревари и осум пати успеал да ги промовира своите тимови во повисок ранг, по што Ворнок е рекордер во англискиот професионален фудбал. Тој водеше 12 различни клубови во првите четири лиги во земјата.

„Мислев дека ова е вистинското време. Се ближи крајот на сезоната и всушност нема можности за работа во овој период. Искрено, имав добра кариера“, изјави Нил Ворнок за Скај Спортс.


Арсенал ќе го продава Пепе

Италијанскиот Калчомеркато, објавува дека големи се шансите Николас Пепе да го напушти Арсенал ова лето.

Според изворот, клубот од Лондон е подготвен да се раздели со 26-годишниот репрезентативец на Брегот на Слоновата Коска во следниот преоден рок за 30 милиони евра. Арсенал го купи Пепе од  францускиот Лил за рекордни 72 милиони фунти, но играчот никогаш целосно не се вклопи во тимот предводен од тренерот Артета.

Сезонава, Пепе одигра 18 натпревари на кои постигна 3 гола и забележа 5 асистенции.


Чави: Целта на Барселона е пласман во Лигата на шампиони

Тренерот на Барселона, Чави Ернандез, истакна дека целта на Каталонците е пласман во Лигата на шампионите следната сезона.

„Нашата цел е да влеземе во топ 4 и да играме во Лигата на шампионите следната сезона. Ни требаат неколку победи за да останеме мирни до крајот“, изјави Чави.

Популарниот тренер се осврна и на следниот натпревар во Ла лига, против Леванте.

„Леванте е исто толку опасен ривал како Севиља. Ќе ги дадат своите животи за да победат. Ќе бидат многу мотивирани. Освоија многу бодови во последно време, победија против тимови како Виљареал и Атлетико Мадрид ​“, истакна Чави.


Турските гиганти Бешикташ и Фенербахче се заинтересирани за Луис Суарез

Шпанскиот весник „АС“, објавува дека напаѓачот на Атлетико Мадрид, Луис Суарез својата кариера можно е да ја продолжи во Турција.

Гигантите Бешикташ и Фенербахче наводно покажуваат интерес за 35-годишниот Уругваец и веќе стапиле во контакт со менаџерите на фудбалерот. Фенербахче е трет во турскиот шампионат, а Бешикташ е на осмото место.

Суарез, дресот на Атлетико го носи од 2020 година, каде пристигна од Барселона за 7 милиони евра. Оваа сезона тој има постигнато 11 гола и две асистенции.