фудбал

Јунајтед и Штутгарт преговараат за Анџело Штилер

Раководството на Манчестер Јунајтед продолжува да ја следи одблизу ситуацијата со играчот од средината на теренот на Штутгарт, Анџело Штилер, тврди германскиот новинар Флориан Плетенберг.

Германскиот репрезентативец беше поврзуван со „црвените ѓаволи“ уште минатото лето, а неговата добра игра во новата сезона дополнително го привлекла вниманието на луѓето од „Олд Трафорд“.

Во моментот тој дури се искачи повисоко на листата со посакувани имиња за засилување во средината на теренот, бидејќи најспоменуваното име во текот на летото, Карлос Балеба, има слаба сезона досега и интересот кон него е намален.

24-годишниот играч од средината на теренот е отворен да го смени тимот следното лето, а преселбата на Островот ќе биде еден од главните избори за играчот. Ситуацијата околу играчот е комплицирана бидејќи тој има ослободителна клаузула во договорот во износ од 36 милиони евра, но од Штутгарт во моментов се обидуваат да го убедат фудбалистот да потпише нов долгорочен договор, за да можат да постават повисока цена следното лето. Според локалните медиуми од „швабите“, тие планираат да постават цена од најмалку 50 милиони евра за Штилер.


Алварез веќе размислува за живот по Атлетико

Арсенал убедливо го совлада Атлетико Мадрид со резултат 4-0 и Хулијан Алварез овој пораз го виде како јасен знак дека со својот тим не може да се бори за трофеи.

Шпанските медиуми пишуваат за незадоволството на Алварез и истакнуваат дека Аргентинецот и самиот признал дека играл против Арсенал и порано, но никогаш не бил во толку потчинета позиција на теренот. Некои го протолкуваа тоа како пофалба за Микел Артета, некои како критика за Диего Симеоне, но сè на сè, повторно се пишува дека Алварез би можел да побара трансфер.

Не е тајна дека Жоан Лапорта го сака во Барселона, но Каталонците сигурно нема да имаат пари да го доведат. Атлетико плати за Алварез 75 милиони евра и лесно остварливи бонуси до 90 милиони, а „јорганџиите“ сега го проценуваат својот играч на повеќе од 150 милиони евра.

Алварез повеќепати истакнал дека сака да се бори за трофеи и да биде главен играч, но Атлетико очигледно може да му понуди само ова второто.

Сè на сè, ако Атлетико не биде конкурентен во Ла Лига, не е невозможно Алварез летово да посака да си замине и да го принуди клубот на преговори.


Иако не брани Тер Штеген е барана „роба“, Барса веќе доби понуди

Неколку клубови испратиле барања до Барселона за можноста да го привлечат на позајмица голманот Марк-Андре Тер Штеген. Информацијата беше објавена од новинарот Флоријан Плетенберг.

И покрај интересот, каталонскиот клуб засега нема донесено категорична одлука дали да се раздели со голманот. Варијантата тој да биде позајмен во јануари е целосно можна.

Тер Штеген им се приклучи на Барселона во 2014 година од Борусија Менхенгладбах. Од тогаш досега, има одиграно 412 натпревари за тимот во сите натпреварувања. Со Каталонците, пет пати стана шампион на Шпанија, пет пати ја освои Купот на кралот, еднаш триумфира во Лигата на шампионите, а исто така има по еден трофеј од Суперкупот на Европа и Светското клупско првенство.

Сегашниот договор на 32-годишниот голман со клубот е до летото 2028 година. Порано се појавија шпекулации дека Тер Штеген може да замине во зима, затоа што ризикува да го пропушти Светското првенство следната година поради недостаток на натпреварувањето. Во моментот, Германецот се опоравува од повреда и не играл од јуни.


Тонали го продолжи договорот со Њукасл

Фудбалерот за врска на Њукасл, Сандро Тонали, потпиша нов договор со клубот, според кој може да остане на „Сент Џејмсис Парк“ до 2030 година. Според британските медиуми, ова се случило уште додека италијанскиот репрезентативец беше суспендиран 10 месеци поради нелегални облози на фудбалски натпревари.

Договорот реално важи до летото 2029 година, но клубот има право да го продолжи за дополнителни 12 месеци. Со ова, двете страни покажаа взаемно доверба во период кој беше многу тежок за самиот играч.

Тонали се врати во игра во август 2024 година, но брзо влезе во форма и сега се смета за еден од најдобрите играчи за врска во Премиер – лигата. Клубот, пак, со овој предвидлив потег, кој беше направен уште од поранешниот спортски директор Дан Ашворт, е спокоен за неговата иднина.

Њукасл го доведе Тонали од Милан во јули 2023 година за 55 милиони фунти.


Тебас: Шпанскиот фудбал пропушти можност да направи чекор напред

Претседателот на Ла Лига, Хавиер Тебас, ја коментираше одлуката за откажување на натпреварот од 17. коло помеѓу Барселона и Виљареал во САД.

Натпреварот беше закажан за 20 декември во Мајами.

„Шпанскиот фудбал пропушти можност да направи чекор напред, да се етаблира на глобално ниво и да ја зајакне својата иднина. Оние кои со години го доведуваат во прашање интегритетот на натпреварувањето се повикуваат на „интегритетот на натпреварувањето“, вршат притисок врз судиите и менаџерите, создаваат искривени приказни или го користат политичкиот и медиумскиот притисок како спортска алатка. Сакам да им се заблагодарам на Виљареал и Барселона што беа дел од проект чија единствена цел беше да ја развие нашата лига. Тие не размислуваа за себе, тие размислуваа за сите“, напиша Тебас на социјалните медиуми.


Алаба ќе го скокне „Ел Класико“ в недела

Во последниот натпревар од Ла Лига против Хетафе, 33-годишниот фудбалер на Реал Мадрид, Давид Алаба, се повреди и ќе го пропушти големото дерби против Барселона во Мадрид.

На Алаба му е препорачана десетдневна пауза, што значи дека нема да биде подготвен за Ел Класико, кое ќе се игра на 26 октомври на „Сантијаго Бернабеу“.

Повредата на Алаба само дополнително ги влоши проблемите на Реал во дефанзивната линија, бидејќи Александар-Арнолд, Рудигер, Карвахал и Хујсен веќе се надвор од теренот.

Сепак, проблеми со повредени играчи има и во Барселона во чии редови Тер Штеген, Дани Олмо, Гави и Рафиња нема да играат против Реал, а под знак прашалник е и настапот на Левандовски.


Чанчар го раскина договорот со Армани Милано

Армани Милано потврди дека спгодбено го раскинал договорот со Влатко Чанчар. Овој 28-годишен кошаркар, кој пристигна во Милано во текот на летото, играше во два натпревари од Евролигата оваа сезона, во првите две кола. Ги пропушти последните три кола поради повреда на коленото.

„Олимпија Милано и Влатко Чанчар спогодбено се разделија“, се наведува во соопштението за медиумите на клубот.

„Олимпија сака да му се заблагодари на Чанчар за неговото примерно однесување, професионализам и посветеност во текот на овие недели поминати заедно, со желба што поскоро да се врати на теренот целосно закрепнат.“

Чанчар се врати во европската кошарка ова лето по половина деценија во редовите на Денвер Нагетс, каде на крајот од минатата година доживеа повреда на коленото поради која беше потребна операција.

Словенечкиот репрезентативец ги пропушти натпреварите против Тортона, Монако, Варезе и Баерн. Во меѓувреме, раскинувањето на договорот беше оценето како најдобра опција за двете страни.

По пет кола во Евролигата, Армани има две победи и три порази. Во следното коло, Армани ќе ја пречека Валенсија, тој дуел е закажан за четврток во 20:30 часот.


Ѓоковиќ го откажа настапот на Мастерсот во Париз

Петтиот светски рекет, Новак Ѓоковиќ, ќе го пропушти Мастерсот во Париз.

„Имам прекрасни спомени и големи успеси низ годините, особено седумте титули. Се надевам дека ќе се видиме следната година. Ви благодарам“, напиша Ѓоковиќ на социјалните мрежи.

Триесет и осумгодишниот Србин ќе биде заменет во главната жрепка од Французинот Бенџамин Бонци.


Вардар го надигра Новаци и се пласира во четвртфиналето на Купот

Фудбалерите на Вардар ја продолжија одбраната на трофејот во Купот на Македонија, откако попладнево се пласираа во четвртфиналето со триумф во Скопје над второлигашот Новаци со 3-1.

Спахиу, Омерагиќ и Ворен беа стрелци во редовите на Вардар, додека Јовановски го постигна почесниот гол за гостинскиот тим.

Пласман меѓу осумте најдобри екипи во фудбалскиот Куп претходно обезбедија Струга, Силекс, Детонит, Охрид, Шкендија Арачиново и Работнички.

Осминафиналните пресметки ќе бидат комплетирани на 19 ноември кога Шкендија го пречекува Тиквеш.


Зијеч се врати во професионалниот фудбал, потпиша со Видад Касабланка

Hakim Ziyech looking serious in a Morrocan jacket

Хаким Зијеч официјално се договори за трансфер во Видад Касабланка, означувајќи важен чекор назад кон својата татковина. По долго време како слободен играч, Зијеч ќе започне нова фаза од кариерата во еден од најголемите клубови во Мароко.

По предизвиците во Европа, каде што го следеа повреди и ограничени можности за настап, Зијеч сега ќе има шанса да се врати на теренот и да блесне во познатата средина. Овој потег се дочекува со голема радост од навивачите кои со нетрпение очекуваат да го видат неговиот квалитет во домашното првенство и афричките турнири.