фудбал

Мијатовиќ си замина од Партизан

Предраг Мијатовиќ повеќе не е потпретседател на Партизан, откако поднесе неотповиклива оставка на таа функција по изборното собрание на клубот.

Еден од најпознатите фудбалери во историјата на „црно-белите“ и дел од раководството се повлече од потпретседателската позиција по две години работа.

Во своето образложение, Мијатовиќ посочи дека во изминатиот период имало конструктивни дискусии околу насоката во која треба да се движи клубот, но и сериозни несогласувања во работењето.

Тој истакна дека бил изненаден од одредени одлуки, меѓу кои и информацијата за трансферот на Андреј Костиќ, за која, како што рече, дознал од медиумите. Дополнително, посочи дека не се согласува со некои кадровски решенија во спортскиот проект на клубот.

„По сè што се случуваше во изминатите месеци, не гледам како би можеле да продолжиме заедно. Можеби требаше порано да се повлечам“, изјави Мијатовиќ, додавајќи дека чувствува дека е неопходно да се повлече од функцијата.

Тој беше еден од клучните луѓе во процесот на стабилизација на клубот, заедно со Расим Љајиќ и Данко Лазовиќ, а неговото заминување претставува една од најзначајните кадровски промени во управата.

Засега не е познато кој ќе го наследи на потпретседателската позиција, а се очекува во наредниот период да следува реконструкција на управувачките структури, како што претходно најави и претседателот на клубот, Расим Љајиќ.


Гиљермо Очоа ќе настапи на својот шести Мундијал

Селекторот на фудбалската репрезентација на Мексико Хавиер Агире го објави конечниот список на фудбалери (26) на кои ќе смета за претстојното Светско првенство.

На списокот на повикани играчи е и легендарниот голман Гиљермо Очоа (40 години) за кого ова треба да биде шесто учество на Светските првенства. Мексико можно е да го има и најмладиот играч на шампионатот Хилберто Мора (17 години), кој веќе има одиграно седум натпревари за Мексико.

Селекцијата на Мексико е еден од ко-домаќините на Мундијалот и се наоѓа во групата А заедно со Јужна Африка, Јужна Кореја и Чешка. Светското првенство ќе стартува со натпреварот Мексико – Јужна Африка исто како и Мундијалот во 2010 година.


Давиде Анчелоти претставен како нов тренер на Лил

Италијанскиот фудбалски стратег Давиде Анчелоти е назначен за нов тренер на Лил, објави денеска францускиот клуб.

Анчелоти потпиша двегодишен договор со Лил и ќе го замени Бруно Џенези на клупата на францускиот прволигаш.

Давиде Анчелоти, син на прославениот актуелен бразилски селектор Карло Анчелоти, беше тренер на Ботафого од јули до декември минатата година, додека претходно во кариерата беше помошник тренер на својот татко во Баерн Минхен, Наполи, Евертон, Реал Мадрид и репрезентацијата на Бразил.

Лил ја заврши минатата сезона на третото место на табелата во францускиот шампионат, додека претрпе елиминација од Астон Вила во осминафиналето на Лига Европа.


Џејмс Милнер замина во фудбалска пензија

Легендарниот фудбалер на Англија, Џејмс Милнер, по две децении се определи да стави крај на професиналната кариера. За репрезентацијата има 61 натпревар а учествуваше на две светски и две европски првенства.

Тој е рекордер со најмногу настапи во англиското првенство – 658 а го држи и рекордот за најмлади стрелец во историјата на локалното првенство со 16 години и 356 дена.

40-годишниот Милнер во сезоната што заврши стана највозрасниот фудбалер кој постигнал гол од пенал. Тој за Ливерпул забележа 230 натпревари и 19 голови, за Манчестер Сити има147 средби и 13 гола а играше и за Астон Вила, Њукасл и Брајтон.


Седлоски: Одговорноста за поразот е моја, мора да учиме од грешките

Македонската репрезентација доживеа пораз од Турција со 4-0 (2-0) на пријателскиот натпревар одигран во Истанбул. Избраниците на Гоце Седлоски не успеаја да му се спротивстават на квалитетниот противник, кој рутински стигна до победата.

По натпреварот, селекторот Гоце Седлоски ја презеде одговорноста за поразот и истакна дека ваквите натпревари треба да послужат како важна лекција за националниот тим.

„Му честитам на противникот за заслужената победа. Турција е одлична селекција со голем број квалитетни фудбалери. Поразот е моја одговорност, бидејќи јас ги носам одлуките и го составувам тимот. На сите играчи им дадов можност да настапат и од ваквите средби мора да извлечеме поуки.

Свесни сме дека веќе четири натпревари не сме постигнале гол и работиме на подобрување на тој сегмент. Игравме против исклучително силни противници и секоја наша грешка беше казнета. Токму затоа мора внимателно да анализираме што не беше добро и да не дозволиме истите пропусти да ни се повторуваат.

Создаваме нов тим и за дел од фудбалерите ова е ново искуство. Очекувам сите што ќе добијат повик во репрезентацијата да го дадат својот максимум и да ја оправдаат довербата. Имам јасна слика за секој играч, а во периодот што следува ќе работиме на корекција на недостатоците и подготовка за предизвиците што нè очекуваат“, изјави Седлоски.

Следниот голем тест за Македонија ќе биде настапот во Лига Б од Лигата на нациите. Контролите против Босна И Херцеговина и Турција претставуваа добра проверка на нивото што го очекува националниот тим, со оглед на тоа што во групата ќе се соочиме со Швајцарија, Шкотска и Словенија.


Убедлив пораз на македонските фудбалери во Истанбул

Фудбалската репрезентација на Македонија доживеа пораз во Истанбул, откако Турција славеше со убедливи 4-0 во пријателскиот натпревар одигран на стадионот „Шукру Сарачоглу“. Домаќините беа подобар противник во текот на сите 90 минути и со агресивен пристап уште од стартот го трасираа патот кон победата.

Предупредувањето пристигна уште во првите секунди кога Џан Узун ја погоди гредата, а само мигови подоцна Турција го отвори резултатот. По добро уфрлување од десната страна, Оркун Кокчу се најде на вистинското место и ја испрати топката зад грбот на Столе Димитриевски.

Македонија се обиде да возврати преку Јани Атанасов, чиј удар заврши покрај стативата, но турската селекција брзо погоди уште еднаш. Џан Узун овојпат се запиша меѓу стрелците со прецизен удар од дистанца за предност од 2-0.

Во продолжението од првото полувреме домаќините продолжија да диктираат темпо, додека најдобрата можност за Македонија ја пропушти Езѓан Алиоски. По одлична акција во која учествуваа Елмас и Миовски, левиот бек шутираше одблиску, но Алтај Бајиндир со одлична интервенција спречи намалување на резултатот.

Турција продолжи со офанзивната игра и во второто полуреме и во 53. минута стигна до трет погодок. По асистенцијата на Џан Узун, Дениз Гул беше највисок во скокот и со удар глава погоди за 3-0.

Конечниот резултат беше поставен дваесетина минути пред крајот. По една убава акција на турската репрезентација, Кахвечи го проигра Јилмаз, кој ја затресе мрежата на Македонија за 4-0.

Во финишот натпреварот влезе во помирен ритам. Турција рутински ја сочува високата предност, додека Македонија не успеа да пронајде одговор на расположените домаќини и натпреварот го заврши со пораз.


Потврдени новите фудбалски правила за Светското првенство

Пред Светското првенство во 2026 година, кое започнува за помалку од две недели, Меѓународниот одбор на фудбалските асоцијации (IFAB) одобри серија историски промени на правилата.

Новите мерки имаат за цел борба против дискриминацијата, намалување на доцнењата и подобрување на темпото на играта, а вклучуваат и проширени овластувања за VAR и построги казни за неспортско однесување на играчите. Промените официјално ќе важат од сезоната 2026/27, но ќе имаат премиера на претстојното Светско првенство во САД, Мексико и Канада.

„IFAB одобри серија историски промени на Правилата на играта, а Светското првенство во фудбал во 2026 година ќе биде првиот голем турнир каде што ќе бидат применети“, изјави главниот судија на ФИФА, Пјерлуиџи Колина.

„Овие промени имаат за цел борба против дискриминацијата, намалување на доцнењата, подобрување на темпото на играта и подобрување на искуството и за играчите и за навивачите.“

Една од најзначајните промени е воведувањето директен црвен картон за играч кој ја покрива устата со рака, подлактица или маица за време на конфронтација со противник или судија. Ова правило беше воведено по инцидентот во кој играчот на Бенфика, Џанлука Престиани, беше обвинет за дискриминаторски навреди упатени кон Винисиус Жуниор додека ја покривал устата, за што УЕФА му изрече суспензија од шест натпревари.

Сепак, судиите нема да ги казнуваат играчите кои ги покриваат устата за време на пријателски разговори со соиграчите или противниците.

Покрај тоа, секој играч кој ќе го напушти теренот во знак на протест против одлуката на судијата, исто така, ќе добие црвен картон.

Истата казна ќе важи и за членовите на тренерскиот персонал кои ги охрабруваат играчите да го сторат тоа.

Тим кој ќе предизвика прекин на натпреварот со напуштање на теренот автоматски ќе го изгуби натпреварот. Мерката е реакција на настаните во финалето на Африканскиот куп на нации, кога репрезентацијата на Сенегал накратко го напушти теренот во знак на протест против досуден пенал, пред да се врати да го победи домаќинот Мароко.

Tехнологијата, воведена на натпреварите на ФИФА во 2017 година, исто така добива нови овластувања.

„Почнавме (да го користиме) VAR на натпреварите на ФИФА во 2017 година, на Купот на конфедерации пред Светското првенство во Русија 2018 година“, рече Колина. „Затоа, веруваме дека е време да се разгледа протоколот што беше напишан кога имаше многу ограничено искуство.“

Според новите правила, VAR ќе може да интервенира и во случаи на погрешно доделени втори жолти картони, во случаи на погрешен идентитет на играч и во случаи на погрешно доделени корнери. Судиите ќе можат да ја корегираат одлуката ако на играчот неправедно му се покаже втор жолт картон, но нема да можат да му сугерираат на судијата да го покаже ако тоа не го сторил на теренот.

Интервенциите при корнери ќе се користат само за корекција на очигледни грешки кои не го одложуваат продолжувањето на играта.

Покрај тоа, VAR ќе може да реагира кога е направен прекршок пред прекин, како што е корнер. Во овој случај, судијата ќе може да изрече дисциплинска мерка откако ќе ја прегледа снимката, а прекинот ќе се повтори.

воведуваат две важни мерки во борбата против одложувањето. Првата е визуелно одбројување од пет секунди за изведување аут и гол-аут, кое судијата ќе го сигнализира со крената рака. Доколку не се изведе во предвиденото време, топката се доделува на противничкиот тим. Доколку не се изведе гол-аут, на противничкиот тим му се доделува корнер.

Втората мерка се однесува на замените на играчите. Откако судијата ќе ја покаже таблата за замени, играчот кој излегува ќе има 10 секунди да го напушти теренот за игра во најблиската точка по должината на аут-линијата.

Доколку не го стори тоа, неговата замена ќе може да влезе во играта само една минута по продолжувањето на играта, со дозвола на судијата. Исклучоци од ова правило ќе бидат повредите на играчите и безбедносните причини.


Кевин Киген боледува од рак во најнапредна фаза

Легендарниот англиски фудбалер Кевин Киген обелодени денеска дека боледува рак во четвртиот стадиум.

Четвртата фаза е најнапредната фаза на рак и значи дека болеста се проширила на други делови од телото.

Семејството на Киген првично во јануари објави дека легендарниот фудбалер се бори со рак и оттогаш е на хемотерапија.

„Имав сообраќајна несреќа и затоа морав да се оперирам. Додека ме скенираа за операцијата, открија дека имам рак. Рекоа дека имаат апсолутно врвен лекар за борба против она што го имате, а тоа е рак во четврта фаза. Па отидов да го сретнам. Тој е навивач на Ливерпул, па знаев дека нема да одам сам. Сè уште сум тука во овој момент“, наведе Киген.

За време на својата кариера како фудбалер, Киген играше за Сканторп, Саутемптон, Њукасл, Блектаун и Ливерпул, со кој ја освои титулата во Купот на европските шампиони во 1977 година.

Одигра вкупно 323 натпревари за Ливерпул и постигна 100 голови.

Беше капитен на репрезентацијата на Англија од 1976 до 1982 година и забележа вкупно 63 настапи и 21 гол за својата земја.

По за вршување на кариерата беше тренер на Њукасл два мандата, а ги водеше и екипите на Фулам и Манчестер Сити. Беше и селектор на репрезентацијата на Англија, која ја предводеше на Европското првенство во 2000 година.


Арсенал добива богатство за летниот преоден рок

Арсенал е подготвен потроши повеќе од 280 милиони евра во летниот трансфер период со што ќе биде надминат клупскиот рекорд за купување на нови фудбалери.

Според извештајите, клубот планира да направи неколку промени на различни позиции на теренот. Во преден план е да се обезбеди централен напаѓач, лево крило, централен играч од средниот ред и квалитетен десен бек.

Финалистот во последното издание во Лигата на шампионите, веројатно ќе го задржи најголемиот дел од фудбалерите кои ја освоија Премиер-лигата на Англија.


Квича е МВП на сезоната во Лигата на шампионите

Грузискиот фудбалер Хвича Кваратцхелија беше прогласен за најдобар играч на Лигата на шампионите за сезоната 2025/26.
Фудбалерот на Пари Сен Жермен беше еден од клучните играчи во кампањата на својот тим за втората последователна титула европски шампион.

Тој беше еден од најважните играчи на францускиот шампион во текот на целата европска сезона. Ја заврши сезоната со импресивен настап од десет гола и шест асистенции во 16 настапи, со што се издвои како еден од најпродуктивните играчи во натпреварувањето.

Тој одигра важна улога и во финалето против Арсенал. Токму тој го избори пеналот од кој Усман Дембеле постигна гол за израмнување и враќање на ПСЖ во игра откако лондонскиот тим поведе. Откако пристигна од Наполи на почетокот на 2025 година, тој брзо стана еден од клучните играчи на ПСЖ, одигра 80 натпревари со 27 гола и 19 асистенции