фудбал

Аргентина ја победи Ангола на роденденскиот меч во Луанда

Аргентинската фудбалска репрезентација ја победи Ангола со 0-2, како гостин, во пријателски натпревар одигран на стадионот „11 Ноември“ во Луанда.

Централна фигура на натпреварот беше Лео Меси, кој беше пречекан од домашните навивачи како божество или барем како национален херој.

Меси се најде во почетниот состав диктиран од неговиот имењак Скалони, како и повеќето од најдобрите играчи на Аргентина, па публиката можеше да ги види светските шампиони во акција во речиси најсилниот состав.

Меси и Лаутаро беа главни протагонисти во триумфот, со по асистенција и гол.

Гостите поведоа во 43-та минута кога Меси го проигра Лаутаро, кој со удар од првиот допир ја погоди мрежата на Ангола.

Во продолжението, Аргентинците ја контролираа ситуацијата на теренот, а победата ја запечатија во 82-та минута кога Мартинез му се реваншира на Меси, несебично го проигра, а тој рутински го дуплираше водството на „гаучосите“.

Меси го постигна 895-от гол во кариерата.

Пред натпреварот, славниот Аргентинец доби посебен подарок од претседателот на Ангола по повод педесетгодишнината од независноста на оваа африканска земја од Португалија, а централниот дел од прославата беше токму натпреварот против светските шампиони.

Аргентина од овој натпревар заработи 12 милиони евра.


Клементе: Ако вака продолжи, Јамал нема да има долга кариера

Поранешниот селектор на Шпанија, Хавиер Клементе, го критикуваше еден од најдобрите фудбалери на Барселона, Ламин Јамал.

На искусниот стручњак не му се допаѓа однесувањето на 18-годишникот надвор од теренот и се плаши дека неговата кариера нема да трае долго поради тоа.

„Како играч, тој е многу добар, но проблемот е што не знае како да се однесува надвор од теренот. Ако продолжи вака, неговата кариера нема да трае. Тоа е јасно“, остро рече Клементе.

Од друга страна, на Клементе му е јасно дека станува збор за извонреден играч.

„Тој прави брилијантни работи, но ривалите веќе знаат како игра, знаат како да го гледаат. Тие знаат дека тој е еден од оние играчи на кои не треба да им се дозволи да играат затоа што е со висок квалитет, а може да направи толку многу на теренот“, заклучи Клементе.


Грималдо го менува Леверкузен со Минхен

Во Баерн Минхен го набележале левиот бек на Баер Леверкузен, Алехандро Грималдо, како потенцијална замена за Рафаел Гереро, чие останување во германскиот шампион е неизвесно, пишува „Билд“.

Раководството на Баварците сериозно размислува дали да се обидат за Грималдо, иако сè уште немаат воспоставено контакт ниту со шпанскиот репрезентативец, ниту со неговиот клуб.

Договорот на 30-годишниот играч истекува во летото на 2027-ма, а во Баер планираат да го продолжат. Ако тоа не се случи, клубот е подготвен да се раздели со него како слободен агент по истекот на договорот. Освен тоа, самиот фудбалер преферира да игра во Ла Лига, а во тој случај неговата цена би надминала 10 милиони евра. Ако Баерн реши да испрати понуда за него, „аспирините“ драстично ќе ја зголемат побаруваната сума.

Оваа сезона, Грималдо има одиграно 15 натпревари во сите натпреварувања, при што има постигнато 7 голови и 4 асистенции.


Милан го враќа Икарди во Серија А?

Мауро Икарди во дресот на Галатасарај игра подобро на домашен терен каде што клубот од Истанбул ја брани титулата шампион.

Во Лигата на шампионите Аргентинецот сѐ уште нема постигнато гол. Неговиот статус веќе сега го пробуваат да го искористат некои тимови, бидејќи договорот со Галата му истекува следното лето.

Аргентинскиот TyC Sports пренесува информации од турските медиуми дека за овој фудбалер е заинтересиран Милан.


МЛС лигата го менува системот на натпреварување

МЛС ја објави историската одлука за промена на натпреварувачкиот календар, преминувајќи на систем есен – пролет. Иако придобивките од овој чекор се значителни, лигата ќе се соочи со неколку предизвици кои ќе треба да ги надмине во транзициската фаза, известува Goal.com.

По години на шпекулации и интерни дискусии, МЛС потврди дека од сезоната 2027 натпреварите ќе се одржуваат од крајот на јули до почетокот на мај, со зимска пауза. Трансфер периодите ќе бидат усогласени со останатите делови од светот, а натпреварите повеќе нема да се играат за време на меѓународните репрезентативни паузи.

Ова е голем чекор за лигата која често беше конзервативна. Промената носи и значителни предизвици. Постоечките договори на играчите ќе треба да се изменат, а лигата ќе влезе во директна борба за публика со другите големи американски спортови.

Овој потег претставува кулминација на повеќегодишните стремежи во рамките на лигата. Комесарот на МЛС, Дон Гарбер, призна дека лигата ја одолговлекуваше промената подолго отколку што посакувале. „Повеќе би сакале да си земеме време и да го направиме тоа како што треба, отколку да бидеме брзи и да погрешиме“, изјави Гарбер.

Клучен поттик за промената е Светското првенство 2026 година, кое се смета за историска шанса за развој на фудбалот во Северна Америка. Лигата сака да го искористи тој импулс за претставување на глобалната сцена. Одлуката е донесена по обемни консултации. Според соопштението на лигата, анкета спроведена меѓу навивачите покажала дека 92 проценти од испитаниците ја поддржуваат промената за усогласување со европскиот фудбал.


Челзи спреман да понуди богатство за Хулијан Алварез

Барселона одамна го гледа Хулијан Алварез како идеално засилување за следната сезона. Аргентинскиот напаѓач се наметна како едно од најпосакуваните имиња кај навивачите и раководството на каталонскиот клуб. Но желбата на Барселона би можела да биде многу потешка за реализација.

Во трката се вклучи Челси и тоа со план за огромна инвестиција. Англискиот клуб подготвува понуда од 150 милиони евра за претстојното лето. Со таква сума Атлетико Мадрид тешко дека ќе остане рамнодушен, особено ако се знае дека Алварез беше купен од Манчестер Сити во 2024 година за 95 милиони евра.

Алварез во Атлетико уште еднаш ја покажа својата класа и важи за напаѓач со голема фудбалска интелигенција.

Дополнително има богато искуство од Премиер лигата каде со Сити освои се што можеше. Ако Челси ја конкретизира понудата, битката за неговиот потпис ќе биде една од најголемите теми на летниот преоден рок.


Братот на Килиан Мбапе ќе игра за селекцијата на Алжир?

Фудбалерот на Лил, Итан Мбапе, би можел да биде повикан во алжирската репрезентација, објави „WinWinAfrique“.

Алжирската фудбалска федерација се надева дека ќе го додаде помладиот брат на капитенот на Франција, Килијан Мбапе, во својата репрезентација.

Итан, кој има 18 години, не е повикан во француските младински селекции.

Мбапе помладиот постигна два гола на пет натпревари од француското првенство оваа сезона.

„Трансфермаркт“ ја проценува неговата вредност на 5 милиони евра.


Де Јонг: Не мора да играм во Премиер лигата за да докажам дека вредам

Фудбалерот на Барселона, Френки де Јонг, играчот од средниот ред на Барселона, не смета дека треба да се пресели во Премиер лигата за да ја докаже својата вредност.

„Имаше понуди, но јас сум среќен во Барселона. Англиската Премиер лигата е најдобрата лига во светот во моментов, без сомнение, исто како што беше Ла Лига пред десет години. Но, тоа не значи дека мора да одиш таму за да докажеш дека си одличен играч. Барселона е мој сон уште од детството, изјави Де Јонг за „Марка“.

28-годишниот Холанѓанец истакна дека се чувствува ценет во шпанската лига и дека неговото семејство се чувствува многу удобно во Барселона.

Де Јонг е во каталонскиот клуб од 2019 година. Тој одигра 273 натпревари, постигнувајќи 19 гола и 25 асистенции.


Гатусо и Еми Мартинес во јавен спор околу Светското

Gatusso and Emi Martinez arguing

Селекторот на Италија, Женаро Гатусо, предизвика бура реакции со своите коментари околу распределбата на квалификациските места за Светското првенство. Тој оцени дека системот во Јужна Америка, кој обезбедува шест директни места и едно преку бараж, е многу поповолен во споредба со европските квалификации, каде конкуренцијата е далеку пожестока. Според Гатусо, ваквата распределба не ја одразува реалната сила на континентите и ги става европските селекции во потешка позиција.

Голманот на Аргентина, Емилијано Мартинес, веднаш му врати на Гатусо, потсетувајќи дека европските репрезентации играат на идеални терени и под стабилни климатски услови. За разлика од тоа, јужноамериканските квалификации често се одвиваат на нерамни терени, во екстремни надморски височини и во средини каде атмосферата е бескомпромисна: „Кој не играл кај нас, не знае колку е тешко“, кажа Мартинес, нагласувајќи дека предизвиците не се само во противникот, туку и во самите услови.

Размената на остри зборови меѓу Гатусо и Мартинес ја оживеа старата расправа за рамнотежата на силите меѓу Европа и Јужна Америка. Додека Јужна Америка се гордее со своите легенди и жестоки квалификации, Европа се истакнува со широката конкуренција и постојани пресметки со врвни селекции. Двете страни тврдат дека нивниот пат до Мундијалот е потежок, а расправата за правичноста во распределбата на местата повторно е во центарот на вниманието.


Клоп ќе работи како ТВ коментатор за време на Мундијалот

По успешната тренерска кариера, која ја замени со работата на раководител на фудбалски операции во Ред Бул, Јирген Клоп повторно ќе биде веднаш до теренот.

Славниот Германец нема да биде на клупата, туку ќе биде стручен аналитичар за платформата „MagentaTV“ за Светското првенство во 2026 година. Истата работа ја работеше за „ZDF“ на Светското првенство во 2006 година и на Европското првенство во 2008 година. За време на Светското првенство во 2010 година, беше ангажиран како стручен коментатор за „RTL“.

Светското првенство во САД, Канада и Мексико ќе се одржи од 11 јуни до 19 јули.

Како тренер, Клоп го воведе Мајнц од втората лига во Бундеслигата, а со Дортмунд двапати беше шампион на Германија и ја водеше до финалето на Лигата на шампионите.

Од 2015 година до крајот на сезоната 2023/24, тој беше тренер на Ливерпул. Во својот мандат, тој му донесе осум трофеи на клубот, вклучувајќи ја и првата титула во Премиер лигата од 1990 година, а во 2019 година го предводеше Ливерпул до трофејот во Лигата на шампионите.