Еурофарм Пелистер и Вардар се избегнаа во полуфиналето на Купот
Денес во просториите на Ракометната федерација, беше извршена ждрепката за „фајнал-фор“ турнирот во Купот на Македонија за мажи. Изненадувачки, како и лани во Охрид, така и годинава во Струмица во полуфиналето ќе ги гледаме истите дуели.
Минатогодишниот финалист и актуелен првак на Македонија, Еурофарм Пелистер за место во ново финале ќе се бори против екипата на Охрид. Во второто полуфинале Вардар за противник го доби Алкалоид. Полуфиналните натпревари се играат на 17 април од 17:00 и 20:00 часот.
Големото финале е закажано за 19 април (недела) во терминот од 19:00 часот.
Федерацијата ја одреди Струмица да биде домаќин на завршниот турир, како неутрален терен на одигрување на натпреварите.
Прешов ќе биде домаќин на бараж мечот меѓу Словачка и Македонија
Македонската машка ракометна репрезентација има големи шанси да се најде на ново големо натпреварување.
Селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци на патот кон пласман на СП 2027 година ја добија Словачка.
Македонија е гостин на првиот бараж меч, а истиот ќе се игра во Прешов на 14 мај, во Татран Хендбал Арена која има капацитет за 3870 гледачи, одлучи Словачка.
Вториот натпревар ќе се одигра три дена подоцна во Скопје, поточно во салата „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.
Светското првенство ќе се игра во Германија, а доколку Македонија се пласира нема да бидел дел од групата која ќе биде сместена во Штутгарт.
Лазаров: Моите ракометари покажаа карактер!
Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров, изрази задоволство од настапот на неговите избраници по ремито против Австрија во пријателскиот натпревар.
„Честитки за момците. Го дадоа максимумот од своите можности во пријателски натпревар против сериозна селекција како Австрија која ја елиминира Србија на Европското првенство. Иако имавме плус четири во 46 минута, а на крајот одигравме реми презадоволен сум од прикажаното. Играчи што имаат мала минутажа во своите клубови покажаа карактер и борба. Треба многу претпазливо да влеземе во бараж дуелот за СП. Се надевам дека ќе го дочекаме во добра кондиција и ентузијазам за борба за Македонија за ново учество на СП. Очекувам поголема минутажа на сите репрезентативци во своите клубови во периодот што следува за доброто на македонскиот ракомет“, изјави Лазаров.
Македонија ремизираше во Брегенц, Кузмановски од седмерец автор на клучниот гол
Ракометната репрезентација на Македонија одигра нерешено, 30-30, против Австрија на единствениот контролен натпревар во мартовкста ЕХФ-недела. Селекторот Кирил Лазаров во Брегенц поведе комбинирана селекција и без неколку искусни ракометари, но нашиот национален тим одигра одличен меч против соодветната австриска селекција, водена од Икер Ромеро. Македонија имаше водство во поголемиот дел од натпреварот, а кон средината на второто полувреме и од четири гола разлика.
На полувремето беше 15-15, а во вториот дел нашите ракометари брзо се вратија во водство и дојдоа до 20-24. Австријците во 59. минута израмнија на 29-29, а потоа дури и поведоа. Сепак, Македонија се спаси од пораз со гол на Филип Кузмановски од пенал во последната секунда од мечот.
Капитенот Кузмановски беше и најефикасниот ракометар на натпреварот со десет гола. Пет погодоци постигна Марко Митев, а по трипати стрелаа Велковски и Николов.
Глеб Калараш и Јовица Цветковиќ го засилија Загреб
Поранешниот ракометар на Вардар, Глеб Калараш, кариерата ќе ја продолжи во екипата на Загреб.
Искусниот 35-годишен Русин потпиша двегодишен договор со хрватскиот шампион.
Калараш во кариерата настапуваше за неколку европски клубови, меѓу кои Мотор Запорожје, Санкт Петербург, Магдебург, Балинген и Мелсунген.
Покрај него, Загреб го засили и десниот бек Јовица Николиќ, кој исто така пристигнува од ПИК Сегед и потпиша договор на две сезони.
Воркапиќ се повреди во настапот за Србија во Ниш
Лоши вести од Србија за стратегот на РК Вардар, Иван Чупиќ.
Имено десното крило, Вукашин Воркапиќ се повредил на вчерашниот меч на кој неговата Србија ја декласира Литванија во претквалификациите за СП 2027.
Како што велат информациите од Србија, станува збор за повреда на тетивата.
“Имам воспаление на тетивата, сепак ништо сериозно“ беа првите зборови на крилото на РК Вардар по повредата.
Јака Малус во идеалниот тим на групната фаза на Европската лига
Словенечкиот интернационалец Јака Малус доби големо признание за своите одлични настапи во дресот на Вардар, откако беше избран во идеалниот тим на главната фаза во ЕЛ.
Бекот на „црвено-црните“ е еден од клучните играчи во последниот период, предводејќи го тимот со константни и квалитетни партии.
Со својата игра, Малус заслужено се најде меѓу најдобрите во европското натпреварување.
Ракометарите добија двојна премија за настапот на Европското првенство
Претседателот на Ракометната федерација на Македонија, Александар Стефанов на денешната седница на Управниот одбор изнесе предлог за награда на ракометарите за настапот на Европското првенство оваа година во висина од два милиони денари.
Со оглед на тоа дека селекторот, Кирил Лазаров и неговите момци го освоија 14-место на послендото континентално натпреварување, најдобро во последните три првенства, истиот предлог беше веднаш изгласан.
Управниот одбор исто така изгласа и именување на селектори на две нови репрезентации, пионерска за играчи до 13 и до 15 години (У13 и У15). Селектор на репрезентацијата У13 години ќе биде познатиот поранешен репрезентативец Филип Миркуловски, а селектор на репрезентацијата до 15 години ќе биде Никола Матлиески.
Дмитро Хориха од следната сезона ќе игра за ПИК Сегед
Иако управата на РК Вардар 1961 направи максимум да го продолжи договорот со Дмитро Хориха, сепак левиот бек од следната сезона нема да игра во Македонија.
Украинецот со македонски пасош постигнал договор со унгарскиот гигант ПИК Сегед, информација која ја потврди и тренерот Иван Чупиќ во интервју за „Спортске новости“.
Во следните неколку сезони Хориха ќе ги брани боите на тимот од Сегедин.
„Вардар четири години не игра во Лигата на шампионите, три не е на тронот во Македонија. Имаме наши цели. Бараме две засилувања. Ако успееме, верувам дека тоа ќе биде тоа. Следната сезона Хориха оди во Сегед, доаѓа Љевар. Дојдоа Воркапиќ и Силва, побрзо од планираното затоа што останавме без Талески и Борозан. Доаѓа и Бомоштар, а ќе видиме уште кој друг“, изјави Чупиќ.
Лазаров: Свесно сакавме да играме на гости против силна репрезентација како Австрија
Македонската ракометна репрезентација ја очекува пријателски натпревар против Австрија на гостински терен во Брегенц на 21. март од 18:00 часот. Ова ќе биде „филтер“ пред баражот за пласман на Светското првенство идната година со победникот од дуелот помеѓу Украина и Словачка.
Селекторот Кирил Лазаров напомена дека тестот со Австрија ќе биде добра подготвка за неговите избраници, и на овој натпревар ќе се пробуваат некои нови ракометари и нови варијанти, а исто така и резултатот ќе биде важен.
„Треба да бидеме задоволни затоа што со настапот на Европското првенство го избегнавме првиот бараж, така ќе имаме шанса порекалсирано да пробаме нешто и некои нови играчи кои во иднина би можеле да придонесат. Австрија е квалитетен противник, секако дека нема да одиме да изгубиме, сакаме да победиме, но резултатот нема да е во прв план, ќе пробаме работи што можеби би ги користеле во баражот.
Во баражот Македонија ќе игра против подобриот од дуелот помеѓу Украина и Словачка.
„Го чекаме тој двобој да видиме како ќе заврши за да можеме квалитетно да се подготвиме. Кога е репрезентацијата во прашање во секој момент треба да се искористи да се даде шанса на некој нов играч да видиме дали би можеле да го користиме на големи натпреварувања со силни противници. Избравме силен тим на гостински терен затоа што првиот натпревар го играме на гости и тоа ќе биде една добра и ментална подготвка. Австрија правеше проблеми и на многу посилни репрезентации од нас како на Европското првенство, така и на минатиот Мундијал“, истакна Лазаров.
За Лазаров не е премногу важно кој ќе биде нашиот противник, а очекува неизвесна битка помеѓу нашите потенцијални противници.
„Од материјалите што гимаме на хартија Украина е фаворит, но до последен момент мислам дека нема да го знаеме противникот, двете репрезентации играат различен ракомет. Наше е да се подготвиме, нема да биде лесно, ќе бидеме во улога на фаворити, не сме навикнати да имаме една таква улога. Најважно е да посакаме да бидеме здрави, има многу време и многу натпревари за ракометарите во клубовите, па затоа сакаме пред се сакам сите да сме здрави“, заврши селекторот.
Ова ќе биде единствениот тест на нашата селекција пред мундијалскиот бараж во мај против подобриот од двомечот на Украинците и Словаците.