Фрајбург на колена пред рапсодијата на Астон Вила: Историска слава во Лига Европа

Менаџерот на Астон Вила Унаи Емери шлука

Стадионот „Тупраш“ (Бешикташ Парк) беше домаќин на многу легендарни европски вечери, но малку од нив можат да се споредат со таа од синоќа. Астон Вила целосно го надигра германскиот Фрајбург со 3:0 и го подигна трофејот од Лига Европа. Со овој триумф беше прекинато, 44-годишното чекање на престижно европско одликување, уште од славното освојување на Купот на европските шампиони во 1982 година. Облечени во бели дресови кои потсетуваа токму на таа судбоносна ноќ против Баерн Минхен, фудбалерите на Вила изгледаа кралски на теренот, бодрени од трибините од егзалтираниот принц Вилијам и 20.000 навивачи кои допатуваа во Истанбул.

За Фрајбург, кој за првпат во својата историја играше во европско финале, оваа вечер беше сурова лекција за тоа што значи континетално педигре. Составот на Шустер, иако важи за одлично воигран, беше целосно неутрализиран од тим кој делуваше како дома на најголемата сцена. По претпазливиот воведен половина час во кои стриктната маркација на Германците се закануваше да го претвори финалето во позициска војна, тактичката луцидност на Вила го скрши отпорот и ја отвори вратата за безмилосна, шампионска претстава.

Мразот беше скршен во 41-вата минута, како резултат на храбар тактички маневар осмислен од тренерот за прекини на Вила, Остин Мекфи. При еден скратен корнер, Вила свесно остави дури четворица играчи високо позиционирани за да ја дезориентира противничката одбрана. Морган Роџерс упати прецизен, висок центаршут на работ од шеснаесетникот, каде што целосно осамениот Јури Тилеманс со страшен волеј-ударе ја закова топката во мрежата. Со овој гол, кој не му остави никаква шанса на голманот Ноа Атуболу, Тилеманс стана првиот стрелец за Вила во континентално финале по Питер Вит во далечната 1982 година.

Германскиот тим едвај успеа да се соземе, а веќе во третата минута од судиското продолжение во првото полувреме претрпе нов удар, овојпат по доза чиста индивидуална генијалност. Емилијано Буендија ја прими топката од капитенот Џон Мекгин на работ од казнениот простор и свртен со грб кон голот, елегантно се ослободи од чуварот, испраќајќи прекрасен фелширан удар со левата нога во самиот агол.

Прашањето за победникот дефинитивно беше затворено во 58-мата минута. Разиграниот Морган Роџерс ја круниса својата МВП-партија откако со лизгачки старт го претвори нискиот центаршут на Буендија во трет гол за својот тим. Тој стана првиот Англичанец кој се запишал во листата на стрелците во финале на Лига Европа по Даниел Стариџ во 2016 година. Оттука, остатокот од натпреварот се претвори во формалност, а Вила паметно го контролираше темпото сè до последниот свиреж на судијата.

Додека играчите лудо славеа на теренот, главниот архитект на овој историски успех смирено стоеше покрај аут-линијата, пред да биде кренат на рамена од голманот Емилијано Мартинез. Унаи Емери Ечегоиен, човекот од Ондарибија, уште еднаш докажа дека е неприкосновен владетел на ова натпреварување. Овој триумф ја означува неговата рекордна, петта титула во Лига Европа, патека на која доминираше предводејќи три различни клуба: со Севиља во три последователни години (2014, 2015 и 2016), потоа со Виљареал во 2021 година и сега со Астон Вила во 2026 година.

Со оваа петта круна, Емери се приклучи на најелитното менаџерско друштво, израмнувајќи се со Карло Анчелоти (кој има пет титули во Лигата на шампионите) како единствени тренери во историјата на фудбалот со пет трофеи големо европско натпреварување. Ова е неверојатна рехабилитација за тимот од Бирмингем, кој ја започна европската кампања со низа лоши резултати и шест меча без победа. Под педантната палка на Емери, тимот направи целосен пресврт, победи на 13 од следните 15 натпревари во турнирот, обезбеди пласман во Лигата на шампионите за следната сезона и по неколку децении донесе престижен пехар во витрините на „Вила Парк“.