Леброн стана третиот играч во историјата на НБА со 35 илјади поени

Бруклин Нетси ја продолжија победничката низа на пет натпревари, откако во гости ги совладаа актуелните шампиони Лос Анџелес Лејкерс со 109:98. Со тоа, го „расипаа“ големиот јубилеј на Леброн Џејмс кој стана третиот играч во историјата со постигнати 35 илјади поени.
Пред него на историската листа на стрелци се само Карим Абдул-Џабар со 38.387 и Карл Малоун со 36.928 поени.
Тој до овој јубилеј стигна како најмлад од овие тројца и му треба најмалку натпревари – 1295, однсоно 28 помалку од Карим, а 74 помалку од Малоун.
Леброн јубилејниот поен го постигна од слободно фрлање во втората четвртина, а натпреварот го заврши со 32 поени, 8 скокови и седум асистенции, но на крајот се чинеше дека на Лејкерси повеќе им недостасува Ентони Дејвис, отколку Кевин Дурант на Бруклин.
Освен Леброн, само Кајл Кузма со 16 поени и 10 скокови одигра квалитетен натпревар за Лејкерс, додека Бруклин беше предводен од Харден со неговиот 11. по ред дабл-дабл, запишувајќи 23 поени и 11 асистенции. Кајри Ирвинг остана на „само“ 16 поени, а се истакна Џо Херис со 21 поен.

https://twitter.com/SportsCenter/status/1362622160557252610