Тодоров направи две промени за мечот со домаќинот Русија

Селекторот на нашиот сениорски национален состав, Александар Тодоров ги пополни оние 12. места кои ќе влезат во официјалниот протокол за средбата со Русија. Се одлучи на натпреварот со домашната селекција која стартува од 15.30 часот (по македонско време), да им укаже доверба на следниве играчи: Дамјан Робев, Виктор Ефремовски, Бојан Крстевски, Дамјан Стојановски, Кристијан Николов, Андреј Магдевски, Бојан Трајковски, Филип Бакоч, Џејкоб Вајли, Војдан Стојановски, Ненад Димитријевиќ и Стојан Ѓуроски. „Нема да менуваме ништо. Она што го одигравме вчера вечер со Италија, ќе го играме и против Русија. Одиме на победа против домаќинот. Одиме да си покажеме на самите себе дека можеме да играме со големите репрезентации. Штета е што добрата игра со Италија не ја наградивме со победа. Но што е тука е, на крајот на денот излеговме со кренати глави по тој натпревар, кој ни даде некои насоки каде би можеле да ја унапредиме нашата игра“. – изјави Бојан Трајковски, кој беше еден од четворицата играчи во нашата селекција кои премиерниот меч од квалификациите за ЕП 2022 во Перм, го завршија со двоцифрен број на поени.