Секуловски верува во својот Пелистер пред дербито со Вардар

Македонската јавност со нетрпение го очекува најголемото дерби на мак-фудбалот. Во пресрет на дуелот меѓу Пелистер и Вардар, шефот на стручниот штаб на битолчани, Марјан Секуловски, ги сподели своите очекувања за натпреварот.
„Како и за сите, така и за мене, најголемото македонско дерби е токму ова. Било и ќе остане: Пелистер – Вардар. Победата во Тетово ја врати самодовербата кај играчите. Таа е една од добивките, покрај најголемата – трите бода. Се врати вербата дека можат, дека се способни и дека поседуваат доволно квалитет.
На нашите навивачи им порачувам да дојдат во што поголем број и да им пружат максимална поддршка на играчите, во што воопшто не се сомневам. Особено ни е потребна таа поддршка во моментите кога можеби работите нема да одат најдобро. Токму тогаш да ги понесат играчите, да ги вратат на вистинските патеки и на крајот од натпреварот сите заедно да се радуваме на успехот“, рече Секуловски.
Натпреварот меѓу Пелистер и Вардар се игра вечерва од 20:00 часот на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.