Вардар со добро второ полувреме убедливо го победи Силекс

Вардар стави крај на негативната низа откако го совлада Силекс со убедливи 4-1 на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Исправени пред предизвикот, вардарци одиграа ефикасен меч и апсолутно ги заслужија трите бода, иако и Силекс беше квалитетен ривал.

Вардар поведе уште во третата минута. Спахиу побегна по левата страна, уфрли во средината, а Димитар Данев со прецизен удар го совлада голманот Џеков. Силекс се закани во 17.минута, кога Хасукиќ упати удар со глава, но над голот на Талески.

Две минути подоцна Спахиу шутираше со глава, но директно во Џеков. Во 27.минута, Едиз Спахиу се реши на удар од работ на шеснаесетникот откосо од левата страна и ја погоди гредата од голот на Силекс.

Две минути подоцна, Нихат Шеро беше во одлична можност, излезе сам, но Талески одбрани со пад во нозете.

Силекс израмни во 37.минута. По една долга акција, Ефтимов од левата страна го проигра Анѓелески, а капитенот на Вардар со одличен шут го совлада Талески.

Во 44.минута, нова шанса за Шеро. Се отвори противнапад, тој се одлучи за удар од 20 метри, но и Давор Талески одлично одбрани.

Ефтимов прв се закани во второто полувреме, но шутираше над голот. Но, потоа Вардар зададе удар. Во 63.минута, Михаил Маневски успеа да ја затресе мрежата на Силекс, а шест минути подоцна Мигел Пиреш погоди против поранешниот тим за 3-1.

Тоа беа одлични замени на Матија Мирков, со оглед дека и двајцата влегоа во второто полувреме. Силекс можеше да возврати во 76.минута преку Илија Донов, но неговиот удар не беше прецизен.

Потоа се закани Велиновски, а многу поопасен беше ударот со глава на Мишов во 86.минута. Сепак, повторно Вардар постигна погодок. Во 89.минута, Едиз Спахиу стави точка на триумфот за конечни 4-1.