Убедлив пораз од Турција на фудбалерите на Медитеранските игри

Во вториот натпревар од фазата по групи на Медитеранските игри во Таранто, фудбалската репрезентација на Македонија е поразена од Турција со 3-0.

Најзаслужен за триумфот на Турците беше Оздер Озачан кој три пати успеа да се запише меѓу стрелците.

Водечкиот гол беше постигнат во 26-тата минута и тоа по прецизно изведен удар од белата точка, а на три минути пред крајот на првиот дел противникот успеа да поведе со 2-0.

Во овој период од натпреварот Македонија имаше можност да стигне до гол, а најсериозните шанси не ги реализираа Манојлов и Арифи.

Во продолжението од средбата Озачан повторно се запиша меѓу стрелците, а погодокот беше постигнат во 59. минута.

Во првиот натпревар од нашата група Тунис го совлада Мароко и во пресрет на последното коло шансите за пласман во полуфиналето се сведени на минимум.

Пред завршните натпревари кои се на програмата в среда на првите две места со по 4 бода се Турција и Тунис кои во директен дуел ќе решаваат за освојување на првото место. Мароко и Македонија се на третата и четвртата позиција, а меѓусебниот дуел ќе го одиграат со почеток во 10 часот и 30 минути.