Осасуна го отпушти Рамис и го врати Арасате

Осасуна реши да направи тренерска промена по лошите резултати во последниот период. Клубот му врачи отказ на Луис Мигел Рамис по само осум натпревари, а за негов наследник го назначи добро познатиот Јагоба Арасате.
Рамис освои осум бода на осум натпревари, иако почетокот на неговиот мандат ветуваше многу повеќе. Осасуна освои седум бода на првите три средби, но потоа влезе во серија од пет натпревари без победа, што на крајот се покажа како пресудно за неговата судбина.
Капката што ја прели чашата беше убедливиот пораз од Бетис со 2:5 во изминатиот викенд. По тој резултат, раководството одлучи дека е време за промена на клупата и враќање на тренер кој одлично го познава клубот.
Арасате е добро познато име меѓу навивачите на Осасуна. Тој го водеше тимот од јули 2018 до јуни 2024 година и со вкупно 257 натпревари е втор на вечната листа на тренери според бројот на средби на клупата на клубот.