Македонија до 17 години обезбеди пласман во Лига А за место на ЕП

Фудбалската репрезентација на Македонија до 17 години ја совлада селекцијата на Сан Марино со 1-0 и обезбеди пласман во втората квалификациска фаза за Европското првенство во 2027 година.

Избраниците на Иљами Исејни стигнаа до вториот триумф во Групата 11 и со максимални шест бода, откако и Турција со убедливи 4:0 ја победи Унгарија, се пласираше во Лигата А.

Херој на Македонија повторно беше Стефан Ристиќ. Напаѓачот од младинскиот погон на Партизан го постигна единствениот гол на натпреварот во 58. минута, по одличната асистенција на Александар Полимец.

Ристиќ ја продолжи импресивната голгетерска серија во националниот дрес. На првиот натпревар против Унгарија беше најзаслужен за големиот пресврт и победата од 3-2, постигнувајќи ги сите три погодоци за Македонија. Со денешниот гол, младиот напаѓач веќе има четири погодоци на првите два натпревари од квалификацискиот турнир.

На нашите млади репрезентативци им останува уште еден натпревар во групната фаза. На 17 ноември ќе се соочат со домаќинот Турција во последното коло, во дуел кој ќе го одреди конечниот распоред во групата.