Херојски пресврт на Еурофарм Пелистер, Гумерсбах падна во Битола

Еурофарм Пелистер ја запиша првата победа во Европската лига, откако во салата „Боро Чурлевски“ во Битола славеше против германскиот Гумерсбах со 29-28 во драматичен натпревар од четвртото коло. Македонскиот претставник со голем пресврт во второто полувреме стигна до важни бодови, со кои останува во игра за пласман во следната фаза.
Најзаслужен за триумфот беше Никола Митревски, кој имаше извонредна вечер на голот и натпреварот го заврши со 15 одбрани. Искусниот голман беше еден од клучните фактори за враќањето на Еурофарм Пелистер во натпреварот, откако германскиот состав имаше убедливо водство по првите 30 минути.
Почетокот донесе израмнета игра, во која двата тима се менуваа во водство. Сепак, по резултатот 8-9, Гумерсбах направи серија од плус четири и се одлепи на највисоки пет разлика (8-13). Гостите ја задржаа предноста до паузата, па на одмор заминаа со водство од 9-14.
Пелистер не се предаде и во второто полувреме покажа сосема поинакво лице. Домашниот состав одигра одлични девет минути, во кои со серија од 7-2 ја анулираше негативата и стигна до 16-16. Израмнувањето предизвика вистинска еуфорија на трибините, а голем придонес за враќањето на битолчани имаше Митревски со своите интервенции. Во продолжението се водеше голема битка, а ниту еден од двата тима не успеваше да се одвои. Гумерсбах во средината на второто полувреме повторно имаше два гола предност (20-22), но Пелистер остана во игра. Кузмановски не реализираше еден од двата седмерци, но Граховац успеа да донесе ново израмнување (22-22) пред влезот во последните десет минути.
Драмата го достигна врвот во последните пет минути. При резултат 26-27, во 56. минута Видомски направи техничка грешка, но и Германците не ја искористија својата можност. Серафимов потоа реализираше од седум метри за 27-27.
Митревски со својата 13. одбрана му даде нов импулс на домашниот тим, а Серафимов на две и пол минути пред крајот донесе водство од 28-27. По уште една грешка на гостите, Пелистер доби можност да замине на два гола предност. Нтанзи ја искористи шансата и погоди за 29-27, по што битолчани успешно го задржаа водството до последниот звук на сирената.
Најефикасен кај Пелистер беше Филип Кузмановски со 7 голови, а кај Гумерсбах, Милош Вујовиќ со 8 погодоци.
Следниот натпревар на Еурофарм Пелистер е закажан за на 24.ноември на домашен терен против Вибжеже.