Нова победа за битолски Олимп, Сара Ноческа најбрза на Армискиот крос

Младата атлетичарка Сара Ноческа победи на трката на 4.800 метри во женска конкуренција со време од 20 минути и 16 секунди.
Сара Ноческа, членка на битолскиот Атлетски клуб Олимп, го освои првото место во женска конкуренција на Армиското првенство во крос, одржано денес во Спортско-рекреативниот центар „Хиподром“ во Скопје. Патеката долга 4.800 метри ја истрча за 20 минути и 16 секунди.
Победата доаѓа по нејзиниот настап на November Run во Гевгелија, каде што постави личен рекорд на пет километри со време од 21:42. Со двата настапа, на улична трка и во крос, Ноческа ја продолжува успешната натпреварувачка есен.
За АК Олимп, нејзиното прво место е уште еден повод за задоволство од настапите на младите членови на клубот. Од клубот ѝ упатуваат честитки за победата и за посветеноста со која напредува од натпревар до натпревар.