Ѓорги Христов: Резултатите се потврда дека младинскиот фудбал се движи во вистинска насока

Континуитетот на резултатите, пласманите во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство, реформите во младинските лиги и системското следење на талентираните фудбалери се дел од процесот на развој на младинскиот фудбал во Македонија. Техничкиот директор на младинските национални тимови, Ѓорги Христов, на брифинг со медиумите говореше за постигнатото, предизвиците, критериумите за избор на репрезентативци и очекувањата од генерациите кои во наредните години треба да бидат основа на А репрезентацијата.

Посебно внимание привлече успехот на генерациите 2009 и 2010, кои во последните две години обезбедија пласман во елитната фаза од квалификациите за Европското првенство. Според Христов, ваквиот континуитет е значаен показател за напредокот, особено ако се земе предвид дека во изминатите три децении Македонија само двапати успеала да стигне до оваа фаза.

„Треба да бидеме задоволни и горди на резултатите. Генерацијата 2010 обезбеди пласман во елитната фаза, а тоа е втора година по ред во која успеваме да го направиме овој чекор. Лани тоа го направи генерацијата 2009, сега и 2010. Станува збор за феноменален резултат, особено затоа што се работи за најмладите репрезентативни селекции. Во последните 30 години само двапати сме имале пласман во елитната фаза, а сега тоа го остваруваме две години последователно“, истакна Христов.

Пласманот во елитната фаза има и дополнително значење, бидејќи македонските селекции ќе бидат дел од ждрепката во повисок ранг, што отвора можност за соочување со најдобрите европски репрезентации и нови предизвици во нивниот развој.

Христов се осврна и на генерацијата 2008, која имаше успешен квалификациски циклус, иако во нејзината група само првопласираната селекција обезбедуваше пласман во следната фаза. Воедно, генерациите 2011 и 2012 се дел од поширокиот процес на создавање конкурентни младински национални тимови, со цел резултатите и развојот да не зависат од една генерација, туку да станат континуитет.

Еден од клучните сегменти во развојот на младинскиот фудбал е реформата на лигашкиот систем, со која се настојува младите фудбалери да имаат повеќе натпревари, подобра конкуренција и поквалитетни услови за напредок. Христов нагласи дека редовното следење на играчите, нивната форма и развој, како и отворената конкуренција за место во репрезентацијата, се основа на овој процес.

„Ја реорганизиравме лигата. Секоја недела ги имаме децата на терените и тоа е многу важно за нивниот развој и за резултатите што ги постигнуваме. Не влегуваме во никаква еуфорија. Важно е самите деца да видат дека можат да напредуваат, но и дека никој нема загарантирано место во тимот, без разлика на претходниот труд. Тоа важи и за селекторите. Селекцијата мора да биде конкурентна, а одлуките да се носат врз основа на она што го гледаме на теренот“, посочи Христов.

Техничкиот директор потенцира дека во процесот на следење и селектирање на фудбалерите е вклучен поширок стручен тим, а присуството на поранешни репрезентативци со големо фудбалско искуство е дополнителна вредност за младите играчи.

„Ги следиме сите натпревари. Ако не сум јас, тука е Горан Пандев, ако не е Пандев, тука се Новески или Артим Шаќири. Тоа е многу значајно за децата од младите генерации. Сакаме да знаат дека нивната работа се следи, дека постои конкуренција и дека до репрезентацијата се стигнува со квалитет, работа и континуитет“, додаде Христов.

Во процесот на селектирање, Христов се осврна и на нефудбалските влијанија, кои и понатаму претставуваат предизвик, иако, според него, нивното присуство е значително намалено во однос на почетокот на неговиот мандат.

„Сè уште се бориме со нефудбалски работи, за жал, но многу помалку отколку во првата година. За да препорачаме некое дете, треба да бидеме 300 проценти сигурни. Многу често кажувам дека некое дете не заслужува да биде во репрезентацијата, затоа што го гледам и знам што се случува. Нефудбалски работи ќе има и понатаму, но се бориме против нив и верувам дека ќе успееме“, истакна Христов.

Според него, најважно е младите фудбалери да имаат фер можност за напредок, без притисоци и влијанија кои не се поврзани со нивниот квалитет и потенцијал.

Христов нагласи дека резултатите во младинските категории не се единствената цел. Крајниот приоритет е создавање фудбалери кои ќе можат да се наметнат во сениорскиот национален тим, а процесот на нивно следење и развој бара време, трпение и постојана работа.