Фудбалерките до 19 години триумфално ги отворија квалификациите

Женската репрезентација до 19 години со победа го отвори настапот на квалификацискиот турнир што се одржува во Србија. Избраничките на селекторот Кирил Изов во првото коло ја совладаа репрезентацијата на Црна Гора со 7:3.
Првиот погодок го постигнаа Црногорките веќе во петтата минута, а стрелец беше Јована Радовиќ. Само шеесетина секунди подоцна Македонија успеа да го израмни резултатот, а мрежата на противничките ја затресе Настасја Накова.
Во 29-тата минута, Аника Петровиќ ја погоди сопствена мрежа за водство на Македонија од 2:1, а до крајот на првиот дел нашите репрезентативки постигнаа уште два гола.
Во 40-тата Меланија Грозданова ни донесе предност од 3:1, а во втората минута од судиското надополнување повторно се запиша меѓу стрелците за водство од 4:1.
По шест минути игра во второто полувреме Ангелина Дресај намали на 4:2, а во 55-тата Теона Голабовска по прецизно изведен удар од 11 метри зголеми на 5:2.
Во 59-тата беше досуден пенал за Црна Гора, а прецизна беше Јана Мердовиќ. Десет минути подоцна Голабовска повторно се запиша меѓу стрелците за водство од 6:2.
Во 83-тата Мелани Цветковиќ го постигна седмиот гол за Македонија во дуелот против Црна Гора, а воедно тоа беше погодокот со кој беше поставен и конечниот резултат.
Во првиот натпревар од групата домаќинот Србија го совлада нашиот следен противник Азербејџан со 4:0.
Мечот од второто коло Македонија ќе го одигра на 29 ноември, а почетокот е закажан за 11 часот. Во последната рунда на втори декември ќе се соочиме со домаќинот Србија, а дуелот почнува во 13 часот