Берокал: Не ги почитувавме основните правила на кошарката!

Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, го анализираше неочекуваниот пораз од Кипар (75-85) во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Шпанецот повика на заедништво и најави дека репрезентацијата ќе има можност да ја поправи ситуацијата во февруарскиот квалификациски прозорец.

„Мечот го започнавме на неочекуван начин. Имавме израмнети четвртини, одбраната се подобри во третиот период, но во последните десет минути покажавме една поинаква игра. Се зголемија грешките, промашувавме, но мора да научиме од овој пораз и да останеме заедно. Овој натпревар не беше како што посакувавме, но во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата“, изјави Берокал.

Селекторот нагласи дека неговите кошаркари мора да ги почитуваат противниците и основните принципи на играта, признавајќи дека Кипар заслужено стигнал до победата.