Брајан Кифи доби отказ, Вашингтон ќе добие нов тренер

Вашингтон Визардс ја прекина соработката со тренерот Брајан Кифи, само неколку часа по убедливиот домашен пораз од Орландо Меџик со 116-91.

Раководството на клубот одлучи да направи тренерска промена по разочарувачкиот почеток на сезоната, во кој Вашингтон има само седум победи и 13 порази.

По добриот старт и учинокот од 4-3, Визардс влегоа во сериозна резултатска криза, губејќи 10 од последните 13 натпревари. Особено загрижувачки беше начинот на кој тимот ги губеше натпреварите, со неколку убедливи порази.

Капката што ја прелеа чашата беше дуелот со Орландо, на кој Вашингтон на полувремето имаше негатива од дури 31 поен (49-80).

Кифи ја презеде екипата како привремен тренер во јануари 2024 година, а неколку месеци подоцна доби и постојан ангажман. Во периодот на клупата на Вашингтон забележа 50 победи и 173 порази.

Неговото место до крајот на сезоната ќе го преземе Адам Капорн, досегашен помошник-тренер на Визардс и селектор на австралиската репрезентација.

„Ваквите одлуки никогаш не се лесни, но сметаме дека е време тимот да продолжи со нов глас. Брајан беше важен дел од нашата организација и помогна во поставувањето на темелите за развој на играчите во Вашингтон. Му благодариме за професионализмот и посветеноста кон клубот“, изјави претседателот на кошаркарските операции Мајкл Вингер.