Лустринели сменет, Унион Берлин ќе добие нов тренер

Унион Берлин остана без тренер откако раководството на клубот официјално ја прекина соработката со Мауро Лустринели. Швајцарскиот стратег доби отказ по само пет месеци на клупата на германскиот тим.
Претседателот на клубот, Дирк Цинглер, објасни дека одлуката е донесена поради загриженоста за опстанокот во елитното германско натпреварување.
„По пет месеци заедничка работа, принудени сме да признаеме дека начинот на игра и постигнатите резултати го загрозуваат опстанокот на тимот во Бундеслигата. Стратегијата поставена во текот на летото и промените во составот не го донесоа посакуваниот спортски напредок. Поради тоа решивме да направиме промени и во кадровскиот и во организацискиот дел“, изјави Цинглер.
Лустринели го презеде Унион во јули годинава, но резултатите не беа на посакуваното ниво. На 13 натпревари во сите конкуренции, тимот под негово водство забележа само две победи, четири нерешени средби и седум порази.