Десеткуваниот Еурофарм Пелистер 2 немаше сили за сензација против вардарци

Ракометарите на Вардар 1961 ја оправдаа улогата на фаворит на гостувањето во Битола, совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2 со убедливи 31-39 (12-17) во натпревар од 12. коло на македонската Суперлига. Неиграњето на неколку стандардни првотимци, посебно на бековската позиција, им ги скрати шансите на избраниците на Ангеловски да го изненадат противникот.
Скопскиот состав тргна силно и брзо дојде до почетно водство од 2-5. Младиот битолски тим успеа накратко да се врати и да пружи отпор во почетните минути, но Вардар 1961 потоа ја искористи празнината во играта на домаќините и на одмор замина со предност од пет погодоци (12-17).
Во продолжението „црвено-црните“ рутински го контролираа темпото и разликата, без да дозволат неизвесност, и го приведоа мечот до сигурен триумф од осум гола разлика (31-39).
Со по осум гола во вардаровиот состав се истакнаа Марио Стојановски и Леон Љевар, додека кај пелистерци по седум имаа Христијан Митревски и Мартин Крстевски.
Во следното 13. коло Еурофарм Пелистер 2 гостува во Скопје против Алкалоид.