Фудбалерките до 19 години ја продолжуваат победничката серија

Женската фудбалска репрезентација на Македонија до 19 години го совлада Азербејџан со 2:0 и ја забележа втората победа во Б лигата во квалификациите за ЕП.

Избраничките на селекторот Кирил Изов натпреварот во своја полза го решија уште во првото полувреме кога беа постигнати двата погодоци.

Во 11. минута Калина Попески се запиша во листата на стрелци за водство на Македонија од 1:0, а во 31-та минута, Јелизавета Вајсман за погоди сопствената мрежа за предност од 2:0 што на крајот беше и конечен резултат.

Репрезентацијата на Македонија доминираше во текот на целиот натпревар, скоро две третини од мечот топката беше во посед нашите репрезентативки кои упатија 22 удари кон голот на противничките, а десет одеа директно во рамките од голот на Азербејџан.

За доминацијата на Македонија потврдува и фактот дека во текот на 90 минути репрезентативките изведоа 10 удари од аголот.

Во вториот натпревар од нашата група домаќинот Србија славеше над Црна Гора со 3:0,  стрелците на головите беа Шипка, Тодоровиќ и Бургиќ кои исто така беа постигнати во првото полувреме.

В среда на втори декември Македонија против Србија ќе го одигра мечот кој решава за освојување на првата позиција и пласман во елитната група од квалификациите каде има место и најдобрата меѓу второпласираните од Б лигата, а во конкуренција се репрезентации од шест групи.

Натпреварот против Србија, Македонија го игра на терените на Спортскиот центар на националната федерација во Стара Пазова, а почетокот е закажан за 13 часот.