Ангеловски доби нов договор, ќе ја води Македонија на ЕП
Игор Ангеловски и ФФМ си подадоа рака за продолжување на соработката, промени по однос на селекторот нема, сега останува играчите да ја подигнат формата, да останат здрави и желни за голем успех.
„Благодарност до претседателот на федерацијата и Управниот одбор за довербата. Не се сомневам дека репрезентацијата, како и досега, ќе ги има најдобрите услови за работа.
Ќе го вложам сиот свој потенцијал да возвратиме со добри игри и да ја продолжиме успешната резултатска низа. Како што ветив и пред јавноста, сѐ она што ми беше понудено во форма на договор го прифатив, а националниот го ставив пред личниот интерес. Благодарност до капитенот, фудбалерите од репрезентацијата и јавноста за поддршката.
Верувам дека сите заедно и сложно повторно ќе се радуваме на големи победи, а овој пат ќе славиме сите заедно низ улиците на нашиот град и нашата држава“, изјави селекторот на македонската репрезентација, Игор Ангеловски.
На Европското првенство нашата селекција ќе дебитира со Австрија, а потоа ќе се сретне со Украина и Холандија.