АСОМ: Над 8.000 вработени на улица и отворање пат за нелегално обложување ако се усвојат предлог измените на Законот на игрите на среќа
По објавата на Единствениот национален електронски регистер на прописи (ЕНЕР) за почеток на процесот за подготовка на закон за измена и дополнување на Законот за игрите на среќа и забавните игри, Асоцијацијата на спортски обложувалници децидно стои на ставот дека се подготвуваат измени на законот кои се крајно неприфатливи и ќе доведат до целосно затворање на индустријата, губење на илјадници работни места и огромни загуби за државниот буџет.
„Ставот на АСОМ по однос на измените за одалечување на деловните објекти е целосно неприфатлив и на истиот силно се спротивставуваме. Растојанието од 500 м оддалеченост на нашите деловни објекти од училишта и високообразовни институции, според анализите кои ги направивме, значи затворање на 98% од уплатно-исплатните места, односно гасење на цела индустриска гранка. Со ова, директно се загрозува егзистенцијата на речиси 8.000 семејства, односно 8.000 вработени во индустријата на игрите на среќа кои преку ноќ ќе ја изгубат работата. Негативни последици ќе има и врз повеќе од 50.000 работни места во други стопански гранки, кои индиректно зависат од нашата работа.“– изјави Васко Илијевски, претседател на АСОМ.
Од Асоцијацијата предупредуваат дека ваквото законско решение широко ќе го отвори патот на сивата економија и нелегалното обложување. Нејасно е дали Владата сака од целосно регулиран пазар кој сега го имаме, да направи нерегулиран бидејќи ефектот од законот ќе биде токму тој. Затворањето на спортските обложувалници нема да го запре обложувањето. Играчите ќе бараат алтернативни начини, а обложувањето ќе се префли на нелегални локации. Така државата ќе нема контрола ниту врз средствата, ниту врз безбедноста на играчите и малолетниците, сметаат од Асоцијацијата.
Исто така, велат од АСОМ, со ваквиот закон се одзема стекнатото деловно право на компаниите кои имаат важечки лиценци за постоечките објекти и предупредуваат дека ќе има сериозни домашни и меѓународни правни импликации доколку се скрати ова право на компаниите.
Во однос на предлогот за зголемување на давачките, АСОМ потенцира дека приредувачите во РС Македонија и сега плаќаат највисоки даноци во Европа, а наведената причина за нивно зголемување е целосно контрадикторна со оддалечувањето на објектите.
„Зголемувањето на ионака, највисоките даноци во Европа кои и сега ги плаќаме, а со цел како што се наведува зголемување на средства во буџетот, воопшто не кореспондира со предлогот за оддалеченоста. Ако ние ставиме клуч на врата на нашите објекти, државата ризикува да ги изгуби сите средства со кои индустријата на игри на среќа и сега придонесува во државниот буџет, а тое се повеќе од 250 милиони евра по сите основи на работењето. Зошто се покачуваат даноци, ако практично планот е да се затворат објектите и кој би бил економскиот ефект од тоа. Сметаме дека предлог законот е направен без никакви економски и пазарни анализи и дека ќе има многу сериозни импликации врз државната економија, која ионака е силно погодена и дестабилизирана од ковид кризата.“ – истакнува Илијевски и ги повикува Владата и Министерството за финансии сериозно да размислат дали ваков закон оди во прилог на јакнење на кревката економија и намалување на стапката на невработеност.
Заклучоците на Асоцијацијата се дека ова не е европски закон, затоа што ниту еден европски закон не предвидува оддалеченост на објектите, бидејќи тоа нема никаков ефект врз навиките. Асоцијацијата на спортски обложувалници е подготвена да прифати било кој од европските закони во земјите членки на ЕУ, но закон кој има за цел затворање на индустријата нема да прифати.
„Ние како Асоцијација, во изминатите месеци делувавме конструктивно и доставивме предлози за унапредување на сите аспекти од работењето на индустријата кои се во интерес на сите чинители. Неколкупати побаравме средба во Владата и Министерството за финансии да ги образложиме истите, но не добивме одговор. Нашите предлози беа токму во делот на покачување на приходите на државата од игрите на среќа преку ефикасни европски модели на оданочување, поголема безбедност за играчите, едукација, како и трикратно повисоки казни за приредувачите кои ќе ги прекршат законите. За жал, ништо од тоа досега не е прифатено.“- истакнува Илијевски и бара итен прием на претставници на АСОМ во Владата и министерството за да ги аргументираат нивните предлози за закон по европски терк.
„Бараме стопирање на целиот процес на носење предлог закон и вклучување на сите засегнати страни во подготовка на нов предлог закон и транспарентна дискусија што и доликува на земја со европски аспирации„- заклучува Илијевски.