Знаете ли колку годишно заработува Јирген Клоп?

Јирген Клоп кон крајот на 2019. година потпиша нов договор со Ливерпул, кој трае до 2024. година.
Одличниот германски стратег го прероди клубот од Енфилд и за нешто повеќе од пет години создаде една од најсилните екипи на светот. Клоп со Ливерпул играше финале на Лига на шампиони и Лига Европа, пред да ја освои ЛШ во 2019. година, а минатата сезона ја освои и Премиерлигата.
Откако ја освои Лигата на шампионите, Клоп доби годишна плата од 18 милиони евра, што го прави еден од најплатените тренери на светот. Но, тоа не е единствената заработка за германецот.
Франс Фудбал објави дека Клоп од спонзорските договори годишно заработува дополнителни осум милиони евра, што ја подигнува годишната заработка на 26 милиони евра. Клоп е заштитно лице на британски Скај, Опел, ВР Банк, како и пивото Ердингер.
Ова лето ќе го рекламира и Сникерс на Европското првенство, а вредноста на тој договор не е позната. Клоп е познат по тоа што го нема на социјалните мрежи, а ја одби и понудата на Амазон за Ливерпул да учествува во серијалот „Се или ништо“, во кој се влегува во приватноста на фудбалските клубови.
Иако има голем договор, Клоп сепак не е најплатен тренер. Таа титула и понатаму ја има Диего Симеоне, кој во Атлетико Мадрид заработува 22 милиони евра годишно.