Зидан подготви „замка“ за Тухел
Реал Мадрид го дочекува Челзи во првиот полуфинален натпревар во Лигата на шампионите, а Зинедин Зидан подготвува изненадување.
Наводно, во отсуство на Ферланд Менди, во прв план треба да биде Марсело, но Зидан планира да стартува со Начо Фернандес.
Тој одлично го искористи отсуството на Серхио Рамос и Рафаел Варан, одигра перфектен двомеч со Ливерпул заедно со Милитао, па го натера Зидан да смета на него.
Се шпекулира дека Зидан би можел да изненади и со формација со тројца дефанзивци, каде Карвахал би добил поофанзивна улога покрај десната аут-линија, а прашање би останало кој ќе игра лево, бидејќи во средниот ред сигурни се Крос, Модриќ и Касемиро.
Крос се врати по кратка пауза, не е целосно опоравен, но ќе мора да стегне заби, што е веќе договорено со Зидан, а во нападот се незаменливи Бензема и Винисиус, а се очекува друштво да им прави Марко Асенсио.
Исто така, Зидан веќе со денови го подготвува и Еден Азар како фактор за изненадување во второто полувреме, белгијанецот скоро сигурно ќе добие шанса, посебно доколку резултатот не им биде во полза. Поради повреди, на списокот ги нема Рамос, Менди, Валверде и Лукас Васкез.