Милевски: Македонија има сили да се надигрува со секого

Македонија ќе игра против Италија во баражот за место на Светското фудбалско првенство во Катар. Доколку успее да ги помине „аѕурите“, тогаш во последниот филтер ќе ја очекува меч со победникот од средбата Португалија-Турција.

Веднаш по денешната ждрепка селекторот, Благоја Милевски, во изјавата за Спортско радио 90,3 ФМ, нагласи дека Италијанците се големи фаворити, но, дека Македонија ќе оди да се надигрува и да направи сензација.

„Ќе играме против актуелниот европски првак. Го респектираме противникот, но, овие момци покажаа дека можат да играат против секого. Се надевам дека во март ќе бидат сите на располагање и дека комплетни ќе се појавиме на теренот на Италија. Манчини донесе нов стил на игра во репрезентацијата. Сега нема акцент на денфанзивата туку се гради играта на сите делови на теренот. Во секој случај Македонија има квалитет и тоа ќе треба да го докажеме“, изјави селекторот Милевски.