Милевски: Македонија на секој натпревар мора да биде на највисоко ниво

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, даде свое видување и коментар после извлекувањето на групите за Лигата на нации. Нашите најдобри фудбалери ќе играат во групата 4 од Ц сегментот против Бугарија, Грузија и Гибралтар.

„Групата е тешка, но во денешниот фудбал нема лесен противник, или однапред запишани бодови. Нѐ очекуваат сериозни натпревари. 

Грузија е репрезентација против која одигравме неизвесни натпревари во последниот период. Бугарија одигра нерешено против Европскиот првак, Италија. Тоа значи дека нашиот противник бележи значителен напредок. Гибралтар се разбира дека не е истата селекција од првото издание на Лига на нации кога се соочивме во иста група.

Македонија мора да биде на највисоко ниво на секој натпревар. Денешниот фудбал, едноставно не трпи поинаков пристап“, изјави Милевски.

Нашата репрезентација првиот натпревар од Лигата на нации ќе го игра на 2.јуни 2022 година против Бугарија на гостински терен.