Бабиќ пред натпреварот со Ним: Очекувам подобро издание отколку првиот натпревар

Екипата на Еурофарм Пелистер утре во Франција ќе се сретне со тимот на Ним, во рамките на ЕХФ Европа лигата.

Тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ, очекува подобро издание на неговиот тим, од првиот дуел со Ним кој се играше во Битола и во кој Еурофарм Пелистер доживеа убедлив пораз.

„Ним е физички јака екипа, играат многу „еден на еден“ и многу трчаат. Впрочем, играат во француското првенство, кое има свои карактеристики. Ние можеби го одигравме најлошиот натпревар против нив во првиот дел на Европската лига. Имаа изразито расположен голман, кој ни даде и три гола, и собра десет одбрани во првиот дел. Со една таква моќна екипа ние немавме шанси. Мислам дека ќе биде овојпат поинаку. Ние сме ментално многу цврсти, спремни и имаме наши шанси. Сакаме и верувам дека можеме да извлечеме позитивен резултат“, порачува Бабиќ.