ФК Вардар бара присуство на „Комитите“ на дербито со Пелистер во Битола

Во сабота се игра дерби натпреварот од 14.коло во Втората македонска фудбалска лига, помеѓу вечните ривали Пелистер и Вардар. Натпреварот ќе се игра во сабота на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола, кога во употреба ќе биде пуштена и новата трибина.

Пред дерби дуелот од управата на ФК Вардар преку соопштение бараат од раководството на Пелистер да дозволи гостување на своите најверни навивачи, полуларните „Комити“.„Големото македонско фудбалско дерби е пред нас. Првенствено, веруваме дека управата на Ф.К. Пелистер ќе се согласи и ќе дозволи присуство на нашата навивачка група “Комити Запад”. Фудбалот без навивачи на трибините губи многу, затоа веруваме дека одлуката по однос на ова прашање ќе биде позитивна. Дека сме сериозни и искрени во намерата да го вратиме сјајот на големото дерби, потврдува и тоа што уште од сега јавно соопштуваме дека ќе дозволиме присуство на навивачката група “Чкембари Битола” на натпреварот кој овие два тима ќе го одиграат во Скопје. Воедно, упатуваме важен апел до управата на Ф.К. Пелистер, а тоа е да дерби натпреварот помеѓу Ф.К. Пелистер и Ф.К. Вардар, кој е закажан за оваа сабота (3.12.2022) се  одигра ден подоцна, односно во недела (4.12.2022). Навивачите на двата тима тоа го заслужуваат. Ајде заедно да помогнеме да се врати стариот сјај на големото македонско фудбалско дерби. Како клуб, стоиме на располагање за соработка и помош доколку е потребна, во однос на било кој аспект. Недела ден за фудбал – навивачите заслужуваат!“ – се вели во соопштението од ФК Вардар.