Полски противник за ракометарките на Ѓорче Петров

Македонскиот ракометен шампион во женска конкуренција, Ѓорче Петров, во осминафиналето од Европскиот куп ќе игра против полската екипа ЈКС Јарослав 

Денешната ждрепка во Виена се покажа погодна за ѓорчепетровки, ако се суди по досегашните резултати на Јарослав оваа сезона. Тоа е екипа која се наоѓа на претпоследното место во полската лига со ефект од две победи и седум порази.

Во минатото трето коло од европскиот куп убедливо го надигра португалскиот Алвариум (претпоследна во Португалија), а предходно оствари победа и пораз против Венло од Холандија.

Првиот натпревар се игра на 7 или 8 јануари во Полска, а реваншот една недела подоцна во Скопје. Ѓорче Петров досега нема пораз во четирите натпревари од Европскиот куп. Одиграа нерешено и го совлада Тор, на Исланд, а потоа двапати беше убедлив против Румс јагс од Австрија.